Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претставниците на македонското малцинство во Албанија организираа различни начини на сопирање, па дури и протести, за конечно да се спречат бугарските асимилаторски активности во Албанија. Македонците што живеат во Мала Преспа истакнуваат дека пред неколку дена повторно преставници на одредена невладина организација со седиште во Бугарија делеле бугарска пропагандна литература и нуделе помош за вадење бугарски пасоши, поттикнувајќи ги Македонците да се изјаснуваат како Бугари

Во албанските историски архиви нема сведоштва за постоење на бугарско малцинство во Албанија

Неколкупати досега претставниците на македонското малцинство во Република Албанија сигнализираат и изјавуваат, па дури и алармираат дека бугарската држава и нејзините дипломатски претставништва, вклучувајќи и бугарски невладини организации, подолго време водат систематски разработена кампања за вештачки создавање или, како што тие тврдат во кампањата, „откривање дека постои бугарско малцинство“ во оваа држава?!

Бугарската агресивна кампања во Албанија не престанува со обидите да го асимилира македонското малцинство

За оваа проблематика, со свој став излезе Македонска алијанса за европска интеграција, партија на Mакедонците во Албанија. Споменатата партија посочува дека во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени низ годините, вклучувајќи го и последниот попис од 2011-та, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија бара бугарско малцинство, има само македонско малцинство, кое ги има истиот фолклор, традиција и јазик како македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија.
По ова прашање со свој став излезе и Светскиот македонски конгрес (СМК), кој најостро ги осуди активностите на бугарската амбасада во Република Албанија во поддршката на здруженија на граѓани што во областите населени со Македонци шират бугарска пропаганда и нудат бугарски државјанства за Македонците во Албанија како Бугари.
И покрај протестите на претставниците на македонското малцинство, бугарските активности во Албанија продолжуваат. Македонците што живеат во Мала Преспа истакнуваат дека пред неколку дена преставници на одредена невладина организација со седиште во Бугарија делеле бугарска пропагандна литература и нуделе помош за вадење бугарски пасоши, поттикнувајќи ги Македонците да се изјаснуваат како Бугари.
Според познавачите и експертите со кои се консултиравме, тврдењата за постоење на бугарско малцинство во Албанија немаат историска основа, а бугарските тези се побиваат од многубројните документи што можат да се најдат во државните албански архиви. Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, веќе неколку години ги истражува албанските архиви. Ѓурѓај во текот на истражувањата има откриено многу документи, кои ги чува во својата архива и се надева дека еден ден ќе ги презентира пред пошироката јавност. Неговата архива изобилува со документи што не само што ги негираат тврдењата за постоење на бугарско малцинство во Албанија туку, напротив, го потврдуваат постоењето на Македонците на албанската територија.

Архивите се ризници на историските факти и вистини

Во архивата на Никола Ѓурѓај има и еден документ за отворање училиште на македонски јазик во Крчиште, еден од многуте документи што Ѓурѓај ги поседува за Македонците во Албанија. Документот што е пронајден во албанскиот државен архив го пренесуваме во целост:
„Народна Република Албанија. Министерство за образование. Смрт на фашизмот. Слобода на народот. Протокол бр. 92/13. Тирана, 11.02.1946 година. Предмет: Отворање на училиште на македонски јазик во Крчиште бр. 316 од 28.01.1946 година. Комитетот во округот Пешкопеја, секција за образование. Земено е предвид барањето на селаните од село Горно Крчиште за отворање на училиште на македонски јазик. Во училиштето ќе се учи на само македонски до трето одделение, а во погорните класови ќе се држат и три часови албански јазик. Училиштето ќе функционира според законите во Албанија. Министер за образование. Проф. Кoстаќ Ципо.“
Споменатиот документ, кој потекнува од албанските архиви, е интересен од неколку аспекти. Најпрво ги негира квазиисториските тврдења дека македонската нација е вештачки создадена од Тито, бидејќи документот потекнува од албанската држава и се однесува на неа. Од друга страна, албанското министерство за образование посочува дека при воведувањето на македонскиот јазик во наставата било земено предвид „барањето на селаните од селото Горно Крчиште за отворање училиште на македонски јазик.“ Доколку жителите на Горно Крчиште, кое се наоѓа во денешната албанска општината Дебар, во источниот дел на Албанија, имале бугарско национално чувство, тогаш би побарале воведување на бугарскиот јазик во наставата, а не на македонскиот јазик. Д.Ст.