Промената на Уставот во секоја држава е сложен и противречен процес. Сложен
е затоа што опфаќа повеќе фази, а противречен бидејќи секое негово отворање е потенцијална опасност за конфликти меѓу политичките субјекти, особено во поделените и недемократски општества какво што е македонското, лицемерно прокламирано како „едно општество за сите“. Стручњаците во областа на уставното право имаат став дека во уставен текст треба да се интервенира многу ретко, со „рака што трепери“. Притоа укажуваат дека се нужни исклучителна трезвеност, мудрост, принципиелност, транспарентност и внимателност при измените, со цел да не се предизвикаат одредени турбуленции во државата. Од тие причини се смета за ризик често и без широка и демократска дебата да се интервенира во Уставот
Како се менуваше преамбулата на Уставот на РМ – уставни промени што ја менуваа Македонија (1)
Република Македонија својата дефинитивна независност ја прогласи на 8 септември 1991 година. Првиот устав на суверената држава е донесен (прогласен) два месеца подоцна, на 17 ноември истата година. Претседател на државата беше Киро Глигоров, претседател на Собранието Стојан Андов, а потписник на Уставот беше претседателот на Владата, Никола Кљусев. Главни партии застапени во Собранието по првите повеќепартиски избори беа Социјалдемократскиот сојуз на чело со Бранко Црвенковски (преименуван од СКМ – ПДП што го водеше Петар Гошев), ВМРО–ДПМНЕ со Љупчо Георгиевски, Сојузот на реформските сили на Македонија, предводен од Стојан Андов, Социјалистичката партија, чиј претседател беше Киро Поповски, и ПДП (Партија за демократски просперитет) што ја предводеше Невзат Халили, тогаш најголемата и највлијателна партија меѓу Албанците во Македонија. Беше усвоен со 93 гласа ЗА. Пратениците Албанци во Собранието не го поддржаа изгласувањето на првиот устав. Свој пратеник, Фаик Абди, имаше и ПЦЕР (Партија за целосна еманципација на Ромите), а Ромите беа запишани во Уставот, за првпат во нечиј устав во која било држава во светот.
Македонскиот е мек устав
Со првиот устав Република Македонија се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава. Со него се воспостави и се изгради владеењето на правото како темелен систем на власта, се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност. Една од клучните аксиоми беше да се обезбедат мир и сожителство на македонскиот народ со националностите што живеат во Република Македонија и да се обезбедат социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
Уставот е највисок правен акт на една држава. Претставува систем, честопати кодификуван во пишан документ, кој ги воспоставува основните правила и принципи според кои се владее со некоја организација. Во случајот со националните држави, овој термин се однесува на националниот устав, кој ги дефинира основните политички принципи на нацијата и ги воспоставува моќта и одговорноста на секоја влада и државните органи. Во основата на уставното стебло е човекот со неговите слободи, права, должности и одговорности и сопственоста како свето право. Според романтичните уставни теоретичари, денот на изгласувањето на Уставот во една држава е ден за празнување, не за тагување.
Во практиката и стручната литература се споменуваат меки и тврди устави. Тврдите ретко се менуваат, таков е Уставот на САД донесен пред 240 години, дополнуван со амандмани што не ги менуваат еднаш воспоставените основни принципи. Меките устави подлежат на чести менувања предизвикани од динамичниот развој на општеството, на нестабилни или воени услови, нестабилни и нефункционални државни институции, неразвиени демократски процеси и слободи и права на државјаните (граѓаните). Меѓу меките спаѓаат уставите во Република Македонија и на Социјалистичка Република Југославија, држава во која како рамноправен член припаѓаше и Македонија.
Промената е процес со сложена процедура
Промената на Уставот во секоја држава е сложен и противречен процес. Сложен е затоа што опфаќа повеќе фази, а противречен бидејќи секое негово отворање е потенцијална опасност за конфликти меѓу политичките субјекти, особено во поделените и недемократски општества какво што е македонското, лицемерно прокламирано како „едно општество за сите“.
Стручњаците во областа на уставното право имаат став дека во уставен текст треба да се интервенира многу ретко, со „рака што трепери“. Притоа укажуваат дека се нужни исклучителна трезвеност, мудрост, принципиелност, транспарентност и внимателност при измените, со цел да не се предизвикаат одредени турбуленции во државата. Од тие причини се смета за ризик често и без широка и демократска дебата да се интервенира во Уставот.
Што се однесува до сегашните актуелни барања за промена на Уставот, нужно е изнесување малку теорија, малку процедура, како појаснување за што станува збор. Процедурата е како лупење кромид – лушпа по лушпа. Според доктор Андон Мајхошев од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, постапката за измена на Уставот опфаќа пет фази: прво, давање предлог за пристапување кон измена на Уставот; второ, донесување одлука за пристапување кон измена; трето, утврдување нацрт на текстот и негово ставање на јавна дискусија; четврто, утврдување предлог на текстот, и петто, гласање и прогласување на уставната измена од страна на Собранието. Предлог за измена на Уставот можат да поднесат: претседателот на државата, Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани.
Ништо без двотретинско мнозинство уште при првиот чекор
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката се донесува врз основа на образложен предлог што го поднесува овластениот предлагач. Во писмениот предлог предлагачот јасно и конкретно ги образложува концепцијата и целите на уставната измена. Доколку не се усвои одлуката за пристапување, односно ако уште на почетокот нема двотретинско мнозинство, запира целата постапка.
Ако се продолжи со процедурата, нацртот за измена на Уставот го утврдува Собранието исто така со двотретинско мнозинство, имајќи ги предвид резултатите од јавната дискусија. Резултатите од јавната дискусија во текстот ги вградува Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија, во тесна соработка со стручната група. Таа стручна група не ја формира Владата туку Комисијата за уставни прашања. Комисијата ја предводи претседателот на Собранието, во случајов тоа е Талат Џафери.
За конечно донесување одлука за усвојување и прогласување, исто така, е потребно двотретинско мнозинство. Пратениците водат начелна дебата за предлогот и конкретна дебата за секој член или амандман поединечно. Пратениците имаат право да предлагаат амандмани за подобрување на предлог-текстот и на амандманите.
Што е двотретинско мнозинство – 80 или 81 глас од 120 пратеници
Издвоено од официјалната процедура, како неутрална забелешка треба да се издвои дилемата дали двотретинско мнозинство се 80 пратенички гласа или 81 глас. Во Уставот тоа не е регулирано. Во практиката, кај нас кога треба мнозинство се сметаат 80 гласа, иако е логички да биде 81 глас. Еден глас или еден процент над одредената половина од мнозинството во секоја држава е решавачки за тоа кое решение е донесено, која партија победила на избори, кој кандидат е избран за претседател на држава и слично. Кај нас, за разлика од двотретинското мнозинство за Уставот, собраниското мнозинство за избор на влада не се обезбедува со 60, туку со 61 пратенички глас. Досега во државата не е водена дебата по оваа дилема и меѓу правните институции и меѓу експертите на уставното право. Имало млаки спорови кај правно–професорската струка, најпозната е една приземна полемика меѓу професорките Тања Каракамишева и Мирјана Најчевска околу Уставот од 2019 г., но ниту едно мислење не било третирано сериозно и на високо ниво. Поточно, секое мислење што гледа мнозинство во 81, а не во 80 пратеници било умешно отфрлано и задушувано.
Преамбулите не произведуваат правно дејство
Мнозинството од уставите, покрај нормативниот дел, имаат и еден обично мошне краток, издвоен дел, што му претходи на нормативниот дел и се наоѓа на чело на Уставот под називот – преамбула. Преамбулата не произведува правни дејства, туку како дел од структурата на Уставот содржи ознака на своето потекло, квалификација на доносителот на Уставот, означување на оној со чија волја се донесува Уставот, а тоа најчесто е народот. Некои преамбули се повикуваат и на поблиската и на подалечната историја на народот, односно на земјата. Содржи принципи и начела врз која основа се градат односите, поточно темелите на демократските системи или начинот на управување, кој може да не биде демократски туку автократски или апсолутистички, зависно од државата и актуелната ситуација. Нормативниот дел на Уставот, всушност е оној дел што претставува суштина на Уставот и негова основна содржина. Уставот може да постои и без преамбула и без основни начела, но никако и без нормативниот дел. Без него нема устав.
Според експертите, напишаната уставна норма не е гола форма. Уставните дефиниции (одредниците во членовите) нужно бараат јасност и разбирливост, да бидат напишани на чист правнички стил и јазик, да бидат конзистентни и достапни. Тоа е нужно затоа што низ нивното толкување и спроведување се градат односите во државата, односите меѓу заедниците, меѓу политиката и пазарот, меѓу физичките и правните лица.
Не постои држава што во Уставот не го нагласува најголемото право на мнозинската национална заедница, произлезено главно од името на народот и од името на државата.
Со такви државотворни и национални назнаки беше преамбулата на првиот македонски устав.
продолжува утре: Минимизирање на улогата на македонскиот народ и бришење на македонскиот национален предзнак