Фото: Маја Јаневска-Илиева

На крајот од годинава завршува четиригодишниот мандат на сѐ уште актуелниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Негов наследник на оваа позиција е академик Живко Попов. Во текот на својот претседателски мандат, академик Коцарев покажа сериозна сензибилност, одговорност и претприемчивост спрема државно-општествените предизвици што ѝ се случуваа на Македонија, искажувајќи ги на јавна сцена, во МАНУ, како и во своите авторски колумни во „Нова Македонија“. Интервјуто со академик Коцарев претставува своевидно заокружување на неговиот претседателски мандат во МАНУ

Интервју со Љупчо Коцарев – претседател на Македонската академија на науките и уметностите

Завршува вашиот мандат како претседател на МАНУ. По четири години на чело на највисоката научна и уметничка институција во Македонија, гледајќи ретроспективно, каков беше предизвикот да се предводи МАНУ во исклучително историско-политички турбулентен период на промени за Македонија, како држава и како општество?
– Предизвиците со кои се соочуваше Република Македонија во минатите четири години може да се групираат во три групи: (1) предизвици поттикнати од глобалните случувања: пандемијата на ковид-19, геополитичките превирања, еколошката, енергетската и економската криза; (2) предизвици поттикнати од неспорниот факт дека Македонија не е ниту праведна ниту суверена држава, што се манифестира низ дивеење на извршната, законодавната и на судската власт, и (3) предизвици поттикнати од настаните што го негираат постоењето на македонскиот народ и неговиот идентитет: Договорот со Бугарија од август 2017 година и протоколите за неговата имплементација, Договорот со Грција од јуни 2018 година, промената на Уставот во јануари 2019 година и рамковната позиција на Република Бугарија од октомври 2019 година, според која: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и на неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“. Оттука, при мојата работа во текот на минатите четири години се водев од два основни постулата – да се следи континуитетот во работењето на МАНУ, водејќи сметка за нејзината самостојност, и да се бараат одговори на клучните, а не на дневнополитичките предизвици со кои се соочува македонското општество. Имајќи ги предвид институционалните предизвици на Академијата (недоволен број вработени во Академијата и нивното неповолно буџетско финансирање), се обидов, во текот на минатите четири години, да придонесам во стремежот кон исполнување на зацртаната цел, МАНУ да продолжи да биде водилка во изнаоѓањето достоинствена иднина за Македонија и за нејзините граѓани.

Успеавте ли да ја одржите и да ја унапредите „основната дејност“ на МАНУ, преку проекти во научната и интелектуално-уметничката сфера, во сложените општествено-политички услови на македонската реалност?
– МАНУ е исклучително мала установа, но со врвна научна и уметничка активност. Државниот буџетски придонес за научноистражувачката и уметничката дејност (основната дејност) на МАНУ бележи значителен континуиран пад, па, така, издвоените средства за поддршка на основната дејност на МАНУ за последните четири години се речиси двојно преполовени и намалени на речиси деградирачки 10 отсто во однос на вкупните буџетски средства. Ваквата состојба е недопустлива и неодржлива. Тоа само зборува за односот на државата кон науката и уметноста. Во одговорот на ова прашање би сакал да подвлечам и дека околу шеесет проценти од буџетот на МАНУ го сочинуваат буџетските средства од основниот државен буџет, а четириесет проценти претставуваат буџетски средства финансирани од странски и од домашни извори за вршење фундаментални и применети истражувања. Ако средствата од странски и од домашни извори за вршење фундаментални и применети истражувања се поделат со вкупниот број членови на МАНУ и вработени во МАНУ, ќе се добие индекс според кој МАНУ ќе се вброи меѓу водечките научни и уметнички институции на глобално ниво, што зборува за угледот на МАНУ во светот.

Македонската јавност во текот на минативе четири години ве перципираше како претседателот на МАНУ што не се воздржува да ги искаже своите ставови за актуелните национални, општествени, политички и економски собитија што ѝ се случуваа на Македонија. Се чини ја скршивте онаа невидлива бариера на „стаклено ѕвоно“ на научната, уметничката и интелектуална елита и на реалноста на општествените текови. Таквата гласност претходно не беше вообичаена од Академијата. Што ве предизвика кон таков посмел пристап во општествениот ангажман?
– МАНУ претставува еден од темелите на државноста на Република Македонија. Сите граѓани, не само претседателот на МАНУ, што раководат со такви стожерни институции, во текот на својата работа и дејност, според моето мислење, треба да се водат од следните премиси: (1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, образовни, научни, културни и политички; (2) чувство на лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми; (3) склоност да се гледа на политичките и социјалните прашања како на морални прашања; (4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот – по која било цена; (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто за да се предочи таа состојба. Оттука, не мислам дека мојот пристап во водењето на Академијата беше смел – пристапот во кој се вградени петте премиси, а не сервилноста и лукративноста, според моето мислење, треба да биде водилка за секој челник на стожерните државни институции.

Како ја цените актуелната позиција на Македонија во меѓународнополитички контекст?
– Имајќи ги предвид функционирањето на ЕУ и нејзините приоритети, а наедно, земајќи ја предвид позицијата на Македонија како составен дел на Југоисточна Европа, не е тешко да се заклучи дека геополитичката позиција на нашата земја е обременета од нејзината асиметрична положба во однос на соседите – членки на Европската Унија. Уште повеќе, таа е оптоварена и од неуспехот на неолиберализмот, особено од политичките кризи, кои претставуваат вистинска рефлексија на неговото влијание и поттикнуваат длабоки социјално-политички последици, популизам, национализам и верски радикализам во глобални рамки. Во поголемиот број држави, во последните десетина години, беа прифатени национализмот, ксенофобијата и милитаризмот, при што сè повеќе се забрануваа слободата на печатот, академската слобода и слободата на говорот. Подемот на пазарниот фундаментализам, религиозниот фундаментализам и на политичкиот фундаментализам има длабоки корени во повеќето општествени сфери и научни области, како и во културата и во образованието.

Согледувате ли внатрешен потенцијал да се избориме за нашите стратегиски определби за членство во ЕУ и за соодветна позиција во НАТО, на праведен начин, без рестрикции и други отстапки за националниот идентитет? Каде и како ја гледате перспективата на Македонија?
– Флоскулата „или интеграција во ЕУ или изолација“ е празна фраза, манипулација: државите како Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави. Впрочем, и Република Македонија не е членка на ЕУ и не е изолирана држава. Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ или изолација“? Можеби, сеење страв и раздор? Доколку не почнат пристапните преговори, дали сегашните политички елити ќе почнат со изолација на Македонија?
Одговорот на ова прашање се содржи во мојот неодамнешен текст објавен во весникот „Нова Македонија“. Според моето мислење, единствен компромис за евентуална промена на Уставот (иако токму барањето за промена е бесмислено и јас гласно порачувам НЕ за промена на Уставот!) би било најпрво признавање од бугарската страна на следните научни факти: (а) постоење на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, (б) македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект и (в) Македонците и Бугарите немаат заедничка историја, туку само споделени места во историјата. А потоа, можеби, промена на Уставот.

Македонија е граѓанска држава, не е ниту национална ниту бинационална држава. Поимот националност (nationality) има две значења: (1) државјанство – правна идентификација на лицето, државјанин на суверена држава, што вклучува, од една страна, верност, лојалност на лицето кон државата, и што овозможува, од друга страна, заштита на лицето од страна на државата, и (2) припадност на одредена нација, народ, етничка група. Во меѓународното право, терминот државјанството (nationality) произлегува од името на државата: „Граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија“ (во член 4 од Уставот), па, оттука, произлегува дека, денес, сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и челните државни фигури: претседателот на државата, претседателот на Владата и на Собранието на Република Македонија, имаат државјанство на Република Северна Македонија или северномакедонско државјанство, поточно, во однос на државјанството (nationality) тие се северномакедонци со различно етничко потекло (македонско, албанско, турско, влашко, српско, ромско, бошњачко и друго – во терминот друго се вклучени сите, па затоа нема потреба од промена на Уставот). Всушност, Договорот со Грција го избриша од употреба, во меѓународното право, терминот македонско државјанство. Имплементирањето на Договорот со Бугарија има единствена цел: бришење од употреба на одредницата македонски народ.
Дали Македонија ќе опстои или не, зависи: (1) од опстојувањето во одбраната на научните факти за македонскиот народ и за македонскиот јазик, (2) од градењето на Македонија како граѓанска држава, (3) од воспоставување правна и суверена држава. Оттука, изборот е јасен: можеме да продолжиме да се однесуваме како ништо да не се случува, да стануваме сè помалку подготвени за новите бесмислени барања и уцени, и сè поочајно да се инвестираме себеси, по линија на помал отпор, во денешнава сервилна Македонија, која, на сите нам ни е јасно, вака како што се движи, нема да може да опстои. Или можеме да ги засукаме ракавите и искрено и сериозно да почнеме со вистински промени да градиме суверена, правна и достоинствена Македонија!