Македонските и српските претставници остварија средба во Њујорк/Фото: Инстаграм - Александар Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски со делегациите имаа неформална средба на отворањето на Генералната дебата во седиштето на ОН во Њујорк, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ и Ковачевски се во седиштето на ОН, каде заедно со министрите за надворешниe работи Никола Селаковиќ и Бујар Османи остварија средба.

Димитар Ковачевски (лево) и Бујар Османи на отворањето на генералното собрание на ОН/Фото: Влада

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, пред почетокот на 77. сесија на Генералното собрание на ОН, соопшти Вучиќ заедно со фотографија од средбата.

– За нас е исклучително важно да бидеме денес во Њујорк, не само затоа што светот се наоѓа во преломни времиња во модерната историја, туку и затоа што долго време немаше толку многу шефови на држави и претставници на земји членки во Собранието на ОН – објави Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ се сретна и со други лидери меѓу кои и со премиерот на Албанија Еди Рама.

– Краток поздрав при средбата со мојот пријател@едирамаал на маргините на отворањето на #УНГА77 и можност да се размена на првите впечатоци од овој важен настан, но и да се направат планови за заеднички настапи на состаноци за време на #УНГА2022, Отворен Балкан е иднината на нашиот регион – напиша Вучиќ.

Според последните измени на списокот на говорници на Генералната дебата на ОН, Вучиќ ќе зборува на 21 септември во попладневната сесија како деветти говорник, околу 18 часот по американско време, а пред него, преку видеопорака ќе зборува претседателот на Украина, Владимир Зеленски.