Српскиот претседател Александар Вучиќ гостувајќи денеска на ТВ Пинк го коментираше настапот и изјавите на косовскиот премеир Албин Курти во Македонија, оценувајќи ги како „скандалозни“ и дека Курти „крева духови на немир и во Македонија и на југот на Србија – пренесе дописникот на МИА од Белград.
– Имате обид на Курти да крева духови на немир, не само во Македонија, туку и на југот на Србија и сето тоа со премолчана подршка на меѓународната заедница – изјави Вучиќ.
Тој посетата на Албин Курти на Македонија ја оцени како „скандал над скандалите“.
– Таму беше промовирана идејата за „Голема Албанија“, истакнати се нејзините симболи, а Курти меѓу другото беше претставен како премиер на сите Албанци и премиер на Тетово – истакна Вучиќ за „ТВ Пинк“.
Тој се осврна на преименувањето на улицата Втора македонска бригада во Скопје во улица на Адем Демачи, потсетувајќи дека се работи за човек кој поминал 28 години во затвор, во времето на Тито, кое било либерално, како најлош и најголем големоалбански идеолог и сепаратист.
Тој истакна дека Демачи му бил ментор и идол на Курти и дека треба внимателно да се слуша што зборуваат луѓе како Дем Бериша, кој ги следи албанските медиуми, и посочи дека од Приштина со пари и други работи го ставиле под своја контрола и Шаип Камбери и дека го „зедоа“ и Рагми Мустафи, со цел да произведат кризи и тема да не биде само Косово туку и поширокиот регион и конечно да се тргне во Голема Албанија.
-Тоа се работи што се загрижувачки. Да не бевме воено толку посилни, толку пати посилни и помоќни во однос на технологијата, оружјето и се друго, знаете ли колку пати Курти ќе го нападнеше секој дел од Србија? Погледнете ја неговата идеологија, тој не би ја нападнал само централна Србија, туку и Македонија, Црна Гора, а прашање е што би се случило и со Албанија – предупреди Вучиќ.
Тој истакна дека има обид Курти да дигне немири со, како што додаде, непримерен молк и премолчена поддршка на дел од меѓународната заедница.
Вучиќ истакна дека треба да се внимава зошто има обиди да се префрли вината на Србија, затоа што Косово е нивно дете.