Пред почетокот на пандемијата, приливите од печалбарите значително влијаеја на подобрување на декемвриските месечни приходи на нивните блиски роднини, но и на државниот буџет. Засега нема официјални податоци за тоа колкав е реалниот прилив на девизи што нашите иселеници го оставаат при нивниот престој во татковината во овој период од годината

Девизните дознаки за време на празниците како повод за анализа

Новите ограничувања на движењето на луѓето поради ширењето на новиот сој на коронавирусот, во некои од западноевропските земји, го ограничи и патувањето на нашите иселеници за новогодишните празници. Голем дел од нашите сограѓани што се на работа во странство одлучија да не допатуваат во татковината, а тоа најверојатно ќе се одрази и на девизниот прилив што се остварува во малопродажбата за време на божиќните одмори. Пред почетокот на пандемијата, приливите од печалбарите значително влијаеја на подобрување на декемвриските месечни приходи на нивните блиски роднини, но и на државниот буџет од приливот на девизните дознаки. Засега нема официјални податоци за тоа колкав е реалниот прилив на девизи што нашите иселеници го оставаат при нивниот престој во татковината во овој период од годината. Познато е дека за време на годишните одмори значителни суми девизи се внесуваат надвор од официјалните финансиски канали.
Во Народната банка на Македонија посочуваат дека во преткризниот период дознаките од иселениците се движеле околу 15 проценти од БДП, што е околу 1,5 милијарда евра, но во изминатата година се намалиле за една четвртина. Поради губењето на работните места во странство се намалиле и сумите што ги испраќале до своите семејства. Но поради затворените граници и неможноста за патување, дознаките пратени преку банките и преку брзиот трансфер на пари забележаа силен раст од околу 47 отсто.
Од Народната банка на Македонија очекуваат за минатата година девизните дознаки да се зголемат за 20 отсто, но со оглед на тоа што кризата продолжува и оваа година, враќањето на преткризно ниво се очекува во 2022 година.
– Очекувам дека 2022 г. ќе биде подобра од претходната. На краток рок тоа веројатно е добро, но на долг рок треба да се види, затоа што импликациите на финансиската моќ на привремено вработените работници во странство, особено во Западна Европа, ќе биде од таа гледна точка што тие самите остваруваат пониски примања таму. Поради пониските приходи и нивната моќ за штедење таму ќе биде помала – смета академикот Абдулменаф Беџети.
Според најновите проекции на Европската централна банка, по минатогодишниот раст во еврозоната од околу 5,1 отсто, за оваа година се проектира солиден раст од 4,2 отсто, што ќе овозможи и стабилизирање на девизните приливи од нашите иселеници. На ова се надоврзува и проектираниот раст на националната економија за 2022 година од 3,9 отсто, со што економијата би го достигнала преткризното ниво. Сепак, како што наведуваат од Централната банка на Македонија, за овие проекции постојат негативни ризици. Тоа се неизвесната епидемиолошка состојба, растот на цените на енергентите, застојот во синџирите на снабдување во глобални рамки, но и можното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови.

Според процените на Светската банка, девизните дознаки од иселениците и работниците во странство за 2021 година ќе забележат силен раст од 7,3 отсто и ќе достигнат 589 милијарди долари, по падот од 1,7 отсто во 2020 година, кога пандемијата ја турна светската економија во криза. Клучен фактор за силниот раст на дознаките за оваа година е силната одлука на иселениците да им помогнат на своите семејства во овие тешки времиња, забележува Светската банка, а дополнителна поддршка е обезбедена од економското закрепнување на САД благодарение на буџетската поддршка за компаниите и вработувањето.
Според последните податоци на „Евростат“, девизните дознаки дополнително пораснаа во првата половина од 2021 година. Во споредба со другите земји во транзиција, Хрватска е на самиот врв според учеството на дознаките во БДП и нивното значење за платниот биланс, заедно со неколку земји од поранешна Југославија. Кога се гледа по жител, Косово е на прво место со 480,6 евра. Следува Србија со 451,8 евро по жител, а трета е Хрватска со 457,2 евра по жител. Во групата земји со високо ниво на дознаки се и Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Македонија се најде на 12-то место со 135,7 евра по жител. Иселениците од другите земји во транзиција испраќаат значително помалку пари во нивните матични земји. На пример, во Унгарија дознаките од странство изнесуваат 46,2 евра по жител, што е десет пати помалку отколку во Хрватска. Во Словенија девизните дознаки се уште „послаби“ и изнесуваат само 31,8 евро по жител.
За наредниот период се најавени позитивните трендови и знаците на економско заздравување во земјите од Европската Унија. Приливите од иселениците се значаен извор на подобрување на девизните резерви на државата, кои се гаранција и за одбрана на стабилниот девизен курс на денарот. Како што изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во предновогодишното интервју за ТВ 24, одржувањето на стабилноста на курсот е клучната компонента кај вкупната макроекономска стабилност на македонската економија.

– Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд јасно го даде својот став, во којшто посочи дека курсот на денарот е стабилен, дека стабилноста на курсот е клучното сидро на вкупната макроекономска стабилност, како и дека централната банка има соодветно ниво на девизни резерви за одбрана на стабилноста на курсот – истакна гувернерката.
Главниот инструмент со кој се брани стабилноста на курсот се девизните резерви, а тие се одржуваат на историски највисоко ниво.
– Според последните расположливи податоци, девизните резерви изнесуваат 3,5 милијарди евра, или околу 30 проценти од БДП. Само за илустрација, во периодот 2008 ‒ 2009 година, односно во глобалната финансиска криза, со која исто така успешно се справивме и кога ја задржавме стабилноста на денарот, нивото на девизните резерви беше 1,4 милијарда евра, додека нивното релативно учество во бруто-домашниот производ изнесуваше околу 22 отсто – истакнува Ангеловска-Бежоска.
На крајот на ноември 2021 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 3.571,4 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (72,5 отсто), по што следуваат валутите и депозитите (12,9 отсто) и монетарното злато (9,9 отсто). М.Р.Ј.