При секое читање на постојната преамбула на македонскиот устав, како несмасен јазичен превид се испречува начинот на набројување на малцинствата, наведени како делови од народи, сосема несоодветен за морфолошкиот и синтаксичкиот систем на македонскиот јазик. Со сегашниот предлог за додавање нови малцинства (наведени во соопштението на Владата) несмасноста како да се мултиплицира

Со предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот се продолжува со морфолошки и синтаксички превиди, несоодветни на македонскиот јазик

Покрај правните и политички импликации што ги предизвикуваат уставните измени, кои го минаа филтерот на владината седница и се очекува да бидат доставени до Собранието, сѐ повеќе станува забележливо дека и самите јазични формулации во наративот на преамбулата оставаат простор за нови недоразбирања и недоречености!

Сакам да се искажам, не знам да напишам

При секое читање на постојната преамбула на македонскиот устав, како несмасен јазичен превид се испречува начинот на набројување на малцинствата, наведени како делови од народи, сосема несоодветен за морфолошкиот и синтаксичкиот систем на македонскиот јазик. Со сегашниот предлог за додавање нови малцинства (наведени во соопштението на Владата) несмасноста како да се мултиплицира.
– Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ – стои во соопштението од Владата.
Според експертите со кои се консултиравме, главната јазична некоректност во постојната преамбула, како и во предлогот за нејзиното проширување е тоа што синтагмата „дел од“ е во еднина и стои само пред „албанскиот народ“, што остава простор за дилеми дали тој „дел“ се однесува и на другите набројани народи.
– Во другите јазици, припадноста најчесто се изразува со генитивната форма. Бидејќи во македонскиот јазик немаме деклинативен систем (падежи), односите во реченицата се изразуваат со повторување на предлозите. Јазично коректно би било, пред секој од набројаните народи во преамбулата да стои предлогот „од“, или по „македонскиот народ“, набројувањето да започне по двете точки од множинската форма „делови од:“. Ваквата јазична некоректност во македонскиот устав само ги засилува сите други правни и политички дилеми поврзани со уставните измени присутни во македонската јавност – вели универзитетската професорка Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик.

Јазичната преформулација од „малцинство“ во „дел од народ“ има и стравотни правни и политички импликации на штета на македонскиот народ

Воопшто, обидот за јазичната преформулација „делови од народ“, како замена за меѓународно стандардизираниот термин за категоријата „малцинство“, е специфичен „ексклузивитет (?!)“ на македонскиот устав, нетипичен и го нема во ниту еден друг устав во светот. Самиот јазичен обид за некаква еквилибристика со терминот „народ“ за означување „малцинство“ повлекува сериозни политички и правни импликации и ризици за унитарноста на државата, поради правото на „народите на самоопределување до отцепување“, предвидено со меѓународното право.
– Кога веќе имаме веројатно единствена јазична преформулација на категоријата „малцинство“, тогаш мора да се уточни и јазично и правно за да се нагласи дека се работи токму за „малцинство“ со тој еуфемизам „дел од народ“. Според стандардите на македонскиот јазик тоа значи дека предлогот „од“ треба да се повторува пред секој од набројаните „делови од народи“. Секако најдобро е да се користи стандардниот назив за таа категорија во меѓународното право – малцинства! Понекогаш се чини дека целта на комплицирањето со нови правни терминологии, неприспособени на стандардите на македонскиот јазик, е работите да останат нејасни и да остават простор за толкувања и манипулации – вели Александра Ѓуркова, универзитетска професорка од Институтот за македонски јазик.


Дали институциите го почитуваат Законот за македонски јазик?

Дали во Владата го излекторирале предлогот за пристапување кон измена на Уставот испратен вчера до Собранието?

Забелешките за несмасната јазична формулација на преамбулата од македонскиот устав во дефинирањето на малцинствата како „дел од народ“ ги активираше сомнежите дали текстовите на законите, секако и на Уставот, минуваат низ јазична редакција и лектура, пред да бидат објавени во „Службен весник“ и да бидат ставени во употреба во правниот систем. Освен тоа, според Законот за македонски јазик, државните институции секако мораат да имаат вработено лектори, кои се задолжени да ја испочитуваат јазична коректност во законите и воопшто во документите со кои оперираат институциите.
– Во рамките на законодавноправниот сектор на Собранието постои лекторска служба, каде што задолжително минуваат на читање и јазична корекција сите закони пред да бидат објавени во „Службен весник“. Понекогаш претставува предизвик усогласувањето на јазичните стандарди на македонскиот јазик со одредена веќе прифатена специфична правна терминологија што функционира во македонскиот правен систем. Таквите правни термини често се предмет на дискусија меѓу правниците и лекторите, но од законски аспект, задолжително се почитува Законот за македонскиот јазик – велат од службата за информирање на Собранието.
Сепак, по временска дистанца од дваесетина години, ретко кој се сеќава дали уставните измени од 2001 година, кога во преамбулата е воведен терминот „дел од народ“, текстот поминал низ лекторска обработка. Еден од креаторите на тоа уставно решение од 2001 година вели дека „се надева дека текстот поминал низ лектура“(!?).


Соопштение од Собранието дека е примен предлогот за пристапување кон измена на Уставот и дека веќе течат временските рокови за уставните измени

Откако Владата го достави до законодавниот дом предлогот за пристапување кон измени на Уставот, собраниската служба за информирање испрати соопштение до јавноста во кое се наведува дека веќе течат временските рокови за уставните измени, според Уставот и Деловникот, а веќе се закажани и седниците на Комисијата за уставни прашања, како и пленарната седница.
– Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија, чиј предлагач е Владата на Република Северна Македонија.
Претседателот Џафери веднаш го достави предлогот до пратениците во Собранието и со оваа постапка почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието.
Ја информираме јавноста дека, во согласност со Уставот и Деловникот, претседателот веќе ја закажа пленарната седница за 18 август, во 11 часот. Пред да се разгледа предлогот на пленарна седница, во согласност со прописите, предлогот ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е претседателот Џафери. Седница на Комисијата за уставни прашања е закажана на 25 јули, во 10 часот. Во согласност со законските одредби, Комисијата треба да расправа по предлогот најмногу 10 работни дена. Со оглед на тоа што 2 август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август, по што предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до 10 работни дена.
Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата на Република Северна Македонија. Собранието со заклучокот утврдува рок во кој подносителот (Владата) подготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.
Потсетуваме дека работата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница ќе бидат пренесувани во живо на собранискиот ТВ-канал и граѓаните ќе имаат постојан увид во работата на Собранието – се наведува во соопштението од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери.