Поради условувањата да направиме уставни измени испорачани од Бугарија, кои не се прифатливи за мнозинството македонски граѓани, од Тирана тргнаа пораки со кои се бара издвојување на Албанија од ЕУ-пакетот (Македонија – Албанија) за проширување. Но најавата на Грција дека ќе го блокира почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ, поради билатерален спор на релацијата Грција – Албанија, се чини како некакво активирање на „играчката“ наречена – вето, со која членките на ЕУ (кога ќе посакаат) ги дисциплинираат кандидатите за членство во „клубот на привилегираните“!?

Креативноста на ЕУ за создавање нови иновативни блокади при интеграција на Западен Балкан

Во новите ЕУ-заплети, кои „мирисаат“ на одложување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, се чини повторно се вклучува Грција. Имено, Грција одби да го поддржи писмото со кое се бара од Европската комисија да ги отвори првите пет поглавја од пристапните преговори на Албанија со ЕУ. Извори во Советот на ЕУ за бриселскиот медиум „Еурактив“ потврдија дека Албанија не ја добила поканата, затоа што Атина одбила да го поддржи барањето од комисијата за отворање на преговорите по поглавја со Тирана.
Според истите извори, Грција го образложила својот став со изразување резерви околу почитување на принципите на владеењето на правото во Албанија, посочувајќи го случајот со приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химера, Фреди Белери, кој е припадник на грчкото малцинство во земјата. Дополнително, Грција посочила и на проблеми со имплементацијата на некои закони поврзани со правата на сопственост на припадниците на грчкото малцинство во Албанија, како и околу спроведувањето на пописот во земјата, при што, според Атина, некои етнички Грци „не биле прашани за верската припадност или за мајчиниот јазик“.
– Атина не ја затвора целосно вратата, но има некои прашања што треба да се решат. Како што стојат работите, процесот не може да продолжи – наведуваат изворите во Европскиот совет, додавајќи дека Албанија мора да покаже „креативност“ за да се реши кризата со Белери.
Билатералната криза меѓу Грција и Албанија настана во мај годинава, поради апсењето на етничкиот грчки кандидат за градоначалник Фреди Белери, кој се кандидираше под знамето на опозицијата, а кој беше обвинет за купување гласови. Тој победи на изборите во Химара, јужна Албанија, но не можеше да положи заклетва како градоначалник поради апсењето и покрај апелите да му биде дозволено да положи заклетва.

Грција и Бугарија одработуваат за непроширувањето на ЕУ?

Македонија и Албанија се во истиот т.н. пакет за преговори со Европската Унија. На 19 јули 2022 година, во ист ден во Брисел ги одржаа меѓувладините конференции, кои би требало да означуваат почеток на преговорите, со тоа што за Македонија е направена „иновација“ со две меѓувладини конференции поради условувањата на Бугарија. За одржувањето на втората меѓувладина конференција и отворање на поглавјата со преговори, Македонија треба да спроведе уставни измени и да ги внесе Бугарите во преамбулата на својот устав, што потоа би активирало цела низа други бугарски услови, вметнати како анекс-протоколи во преговарачката рамка, позната како француски предлог. Поради таквите услови за Македонија, кои не се прифатливи за мнозинството македонски граѓани и за опозицијата, од Тирана се пласираа гласни пораки за барање за издвојување од ЕУ-пакетот. Но најавата на Грција за блокирање на почетокот на преговорите и на Албанија се чини како некакво воспоставување „рамнотежа“ во пакетот со неразумни условувања и уцени за двете земји кандидатки од Западен Балкан. Инаку, Грција претходно две децении беше насочена на блокирање на Македонија во нејзините европски и евроатлантски интеграции, а по потпишувањето на Преспанскиот договор, таквата опструктивна улога ја презеде Бугарија.
– Грција и Бугарија почнаа, т.е. продолжија со разни неразумни изговори да одработуваат за непроширувањето, што ЕУ си го има зацртано. Тоа стана сосема јасно на неформалниот самит на ЕУ во Гранада, кога проширувањето, од втора точка на дневниот ред, стана последна, а во заклучоците беше наведено дека не треба да се обврзуваат со датуми за прием на нови членки, односно обидите за задавање рок за нови приеми до 2030 година практично беа пратени во заборав. Таквата политика за (не)проширување на ЕУ, од нејзините балкански членки, Грција и Бугарија, е сфатена како дозвола да продолжат со своите условувачко-уценувачки стратегии за измислување несуштински причини за блокирање на евроинтеграциите, во случајот на Македонија и Албанија. Дополнителен проблем за нас, како Македонија, е што со овие две соседни држави имаме потпишано договори, без никаква гаранција дека тие ќе го спроведуваат својот дел од обврските и нема да нѐ блокираат во евроинтеграциите. На тој начин се ставивме во ситуација нашите евроинтеграции да се сведат на чекање од вето до вето – вели професорката Солза Грчева.

ЕУ не гледа геополитички интерес за проширување со земјите од
Западен Балкан

Професорката Грчева проценува дека во овој историски миг, ЕУ не гледа некаков геополитички интерес за свое проширување со земјите од Западен Балкан и поради тоа ги толерира бесмислените и антиевропски причини што ги наведуваат нејзините членки за блокирање на кандидатите од регионот.
– Сега засега нема таков геополитички интерес во ЕУ за проширување и покрај лажните надежи што им се даваат на Украина, Молдавија и Грузија. Кога ќе има таков интерес, сосема поинакво ќе биде однесувањето на ЕУ, како што беше во 2004 и 2007 година со големото источно проширување. Но во Македонија како да не се согледуваат и не се следат таквите геополитички процеси и интереси, па еднодимензионално, по секоја цена се прифаќаат неразумно сите бесмислени барања и непринципиелни уцени од ЕУ и нејзините земји членки. Немаме стратегија за спроведување на својот национален интерес во актуелната геополитика и геостратегија, немаме ниту институт за геополитички истражувања. Водиме политика на земја изолат! – вели професорката Грчева.

Разделување на пакетите за преговори со ЕУ е фаза на себични европски неинтеграции

Како и други принципи и механизми на функционирање во ЕУ, така и моделот за преговори и проширување во пакет на земјите кандидати стана предмет на предефинирање и самореформирање на Унијата. Променет е моделот на преговарање (по барање на Франција), па сега поглавјата се дополнително преорганизирани во кластери, воведена е реверзибилност доколку има назадување во реформите, односно ниту едно поглавје не се затвора до крајот на преговорите. Пакет-системот во ЕУ почесто се користи како алиби за задржување на напредокот на одредена земја во преговарачкиот процес наместо да поттикнува соработка меѓу кандидатите.
– На времето, земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Хрватска, умееја да најдат начин заедно да настапат и да се претстават во Брисел, зашто беа свесни дека од бриселска перспектива ЕУ нѐ гледа како едно тематско прашање, без внатрешните посебности и специфики на секоја земја. За жал, сега сме во фаза на себични европски интеграции и секоја земја мисли дека самостојно ќе напредува побрзо во тој процес, без разлика на регионалниот контекст. Дека има простор за соработка на евроинтегративниот пат се покажа со иницијативата Отворен Балкан, која беше автентична самоникната иницијатива на лидерите на балканските земји, за разлика од Берлинскиот процес, кој е иницијатива на Германија и Франција. Наместо како земји кандидати да бидеме во пасивен однос за нашите евроинтеграции и да чекаме бриселски директиви, потребен ни е активен однос и заеднички настап, како на земјите кандидати (денес членки на ЕУ) пред големото проширување во 2004 и 2007 година. Особено треба да бидат загрижени земјите од Западен Балкан со експресното влегување во ист евроинтегративен статус на трите постсоветски земји, а реакцијата за тоа во Брисел мора да биде заедничка – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.