Две илјади и четиринаесетта, што беше тоа?

Историјата ни кажува дека сто години пред Џото една друга сликарска тајфа ги изработува фреските во манастирот „Свети Пантелејмон“ во селото Нерези. И овие од Нерези се ослободуваат од златната заднина, во сликите вметнуваат пејзаж, нескромно би било ако речам дека се исти по ликовните вредности како делата на Џото, но сепак мајсторите од Нерези работеле сто години пред тој да биде роден и никој не може да предвиди како би се одвивале работите ако кај нас не се појавеше еден поинаков Везув, империја што воено го совлада целиот балкански простор, вршеше сурови насилства… И додека Џото заедно со Чимабуе, со Мазачио, со Филипо Брунолески, со Фра Анџелико, со Лука Сињорели и многу други значајни ликовни имиња иташе кон високата ренесанса, за тоа време ние талкавме низ времето цели петстотини години

Во 79 година пред нашата ера, вулканот Везув се активира и со својата жешка пепел го покри градот Помпеја, кој беше сместен во подножјето на самата планина. Речиси две илјади години поранешните жители на Помпеја лежеа под дебелиот слој од пепел и вулкански камења, кои ги напласти страшниот Везув, придружени со страдањата што им ги подели судбината или лошите знаци. Во средината на осумнаесеттиот век, италијански и британски археолози почнаа со трагање на заборавената Помпеја. Првите откритија беа повеќе од изненадувачки и потврдуваа дека Помпеја била седиште на високата класа од Римската Империја. Откриените фрески и портрети во некои од домовите на тогашните семејства од Помпеја кажуваат дека во нивно време постоеле личности, сликари што поседувале врвни сознанија за ликовната дејност од кој било поглед, без разлика дали станува збор за композиција, колорит или цртачки способности. Сето тоа што го има во тие ликовни дела, за среќа, судбината сакала и ние да го видиме, ликовни дела што сега нудат светлина во музеите на Помпеја и Наполи? Можеби во текот на тие години поминати во темнината тие беа некаква утопична надеж во безизлезот.
Значи од 79 година пред нашата ера сѐ до 1267 г., кога се роди Џото ди Бондоне, Италија заробена од влијанието на византискиот маниризам талкаше низ времето, а во тој период останаа запаметени мозаиците што се изработуваа во некои градови од северна Италија. Се добива впечаток дека Везув не само што ја покри со својата лава Помпеја туку тој дејствуваше и пошироко во траење од неколку века.
Дали случајноста или историјата ни кажуваат дека Џото ги изработил некои од своите ликовни паноа триесетина години по неговото раѓање, тоа значи некаде околу 1300 година, со што со право тој се смета за ликовна новина, своевиден почетник, навестувач на италијанската ренесанса, со тоа што Џото се ослободува од византиските стеги, ја отфрла златната заднина и наместо неа вметнува пејзаж. Сепак и покрај важноста на Џото, кој претставува ликовна преобразба во историјата на италијанското сликарство и пошироко, сепак кога сето тоа се спореди со фреските и портретите од Помпеја, кои и покрај поминатите речиси две илјади години под земја еднаш извадени на виделина пленат со својата ликовна убавина.

Оттука неминовно е да си го поставиме прашањето, како е можно една цивилизација што го постигнува раскошното и совршеното во творештвото и по една тешка катастрофа истата таа средина треба да чека цели две илјади години за да почне од почеток?
А историјата ни кажува дека сто години пред Џото една друга сликарска тајфа ги изработува фреските во манастирот „Свети Пантелејмон“ во селото Нерези. И овие од Нерези се ослободуваат од златната заднина, во сликите вметнуваат пејзаж, нескромно би било ако речам дека се исти по ликовните вредности како делата на Џото, но сепак мајсторите од Нерези работеле сто години пред тој да биде роден и никој не може да предвиди како би се одвивале работите ако кај нас не се појавеше еден поинаков Везув, империја што воено го совлада целиот балкански простор, вршеше сурови насилства… И додека Џото заедно со Чимабуе, со Мазачио, со Филипо Брунолески, со Фра Анџелико, со Лука Сињорели и многу други значајни ликовни имиња иташе кон високата ренесанса, за тоа време ние талкавме низ времето цели петстотини години.
За среќа, во тој период кај нас се направија и други ликовни фрески од светска вредност, како тие од Курбиново, „Света Софија“ во Охрид…
Така течеа ликовните состојби низ Европа, во Италија дојдоа тешкашите како Рафаело, Мантења, Сандро Ботичели, Микеланџело и Леонардо и ја заокружија високата ренесанса. Од незнајни причини Леонардо не беше добро виден во Милано и Фиренца и затоа побара припомош од францускиот крал Франсоа Први, кој го прашал Леонардо „дали носиш многу тежина, ако треба да ти испратам две кочии?“. „Не, немам тежина, носам само една слика, која е незавршена“, бил одговорот. Кралот Франсоа Први го пречекува Леонардо во Амброаз, ја разгледува недовршената слика на Леонардо. „Што има недовршено во ова слика“ го прашува кралот? „Во таа слика има многу работи недовршени“, одговори Леонардо. До крајот на својот живот Леонардо да Винчи не допрел четка на сликата што сега ги краси просториите на „Лувр“, наречена „Џоконда“ или „Мона Лиза“.

Во годините што следуваа почнаа да дуваат разни ветришта низ Европа и светот, Отоманската Империја се повлече, во Македонија сите војводи и лидери на прогресивни идеи беа издадени, продадени за ич пари, потоа ликвидирани, со што земјата Македонија остана да изгледа како празен простор. Соседите во името на мирот ја поделија Македонија, но и покрај тоа, исто како фреските од Помпеја, кои две илјади години лежеа под земја и на крајот донесоа нова светлина во ликовната сфера, така и ние и покрај сите премрежиња успеавме да изградиме самостојна и независна држава Република Македонија.
Проектот „Скопје 2014“ е позитивен обид во насока за придонес на колективното потсетување на нашата историја и култура, која често случајно или намерно беше подзаборавена. Со сите грешки, ликовни или архитектонски, истовремено со сите квалитети, 2014 г. можеше да биде ликовен репер за идните генерации.
Наместо тоа, од 2014 г. направија ликовно плашило, а тезата дека за споменици се давале пари е подмолна и убиствена. Секоја цивилизација го правела тоа, само кај нас тоа било злостор или Божји грев!
Јас имам направено две слики за проектот и една биста за мои потреби на Филип Втори, таткото на Александар, сега своина на едно семејство и воопшто не се срамам за таквата дејност. Срамот останува кај ликовно неуките и простите.