Македонија неодамна донира тенкови „Т-72“ за потребите на украинската војска. Донирањето оружје само по себе е контроверзно бидејќи тоа не е хуманитарна помош, туку секое оружје се користи за одземање животи. Притоа донирањето се случува во време кога некои земји од Европската Унија, кои исто така се членки на НАТО, се воздржани во носењето вакви одлуки. Кој е ставот на стручната јавност и на надлежните органи? Дали Македонија повлече стратегиски или можеби избрзан потег?

ДАВАЊЕТО МАКЕДОНСКИ ТЕНКОВИ НА УКРАИНА КАКО ПОВОД

Неодамнешната донација на тенковите „Т-72“, кои беа дел од воениот арсенал на македонската армија, а сега ѝ се дадени на Украина, отвори поширока дебата и мноштво дилеми во стручната јавност. Се поставува и прашањето дали и колку ваквиот потег е оправдан од геостратегиски аспект, со оглед на фактот што многу поголеми и посилни европски држави се држат на страна во однос на руско-украинскиот конфликт. Притоа некои европски земји и отворено се спротивставија и одбија да испорачаат оружје или друга воена опрема за Украина. Од друга страна, Македонија со својата мала и неопремена армија досега многу често и самата беше во улога на примател на воена помош и опрема од повеќе земји во светот. Оттаму помалку е изненадувачки фактот токму ние да сме на списокот на донатори на оружје од висок калибар. За нотирање е и фактот што досега нашето надворешно воено учество на меѓународен план се темелеше главно на испраќање војници во повеќе мировни мисии во кризните жаришта во светот или со помали донации од придружна воена и медицинска опрема. Во политичката јавност во Македонија владее воздржаност во однос на тоа што сега првпат се јавуваме и како донатор на „тешко вооружување“. Единствени со реакција се јавија од ВМРО-Народна партија, чиј лидер Љубчо Георгиевски беше премиер за време на конфликтот, во времето и кога беа набавени тенковите што сега ѝ ги дониравме на Украина.
– Овие тенкови, државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално ембарго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и да нагласиме дека тенковите не се добиени како помош туку се купени со македонски пари. Во согласност со тоа добро е Македонија да добие некаква компензација од НАТО-земјите со оглед на фактот дека ова оружје сѐ уште е функционално и употребливо – сметаат од ВМРО-НП.
Но како на целата оваа ситуација гледа стручната јавност?
Одговор на ова прашање побаравме од Димитар Хаџи Јанев, воен и безбедносен аналитичар во Македонија.

– Пред да се даде одговор на прашањето треба да се провери што точно давате и како планирате да го компензирате тоа. Следно, дали тоа што го давате е корисно и е во согласност со доктрината – оперативната рамка во која планирате да го користите. Понатаму, дали опремата што ја давате можете лесно да ја одржувате. Значи не е само да поседувате нешто, туку дали и колку можете да го одржувате и колку ќе чини тоа. Со други зборови, дали имате сигурен одржлив синџир на снабдување за резервни делови и, можеби, исто толку е важно дали имате можност за соодветни надградби – осовременување на постојните платформи. Конечно, ако можете да го направите тоа, дали тоа е компатибилно со оние со кои планирате да војувате – односно дали одговара на доктрината на војување – вели Димитар Хаџи Јанев.
Оттука, сама по себе донацијата не треба да се гледа како негативна априори. Ако во тој дух на пример видите дека опремата што се донира е од руско потекло, дека потенцијалните надградби би можеле да бидат проблематични или отежнати заради стандардизацијата на истите тие – особено околу осовременувањето со дополнителни средства оптоелектронски средства или, пак, потенцијално зголемување на дометот на крајно дејство на орудието/системот што е предмет на расправа, па и целиот синџир на снабдување – одржувањето на деловите и на муницијата што се користи, тогаш имате сосема нова слика околу едно средство, објаснува Хаџи Јанев.
– Згора на сето тоа треба да се додаде и геополитичкиот фактор. На пример, Русите за добар дел од наменската индустрија посебно во синџирот на одржување и модернизирање воспоставија монопол со тоа што не им ги продолжија лиценците на најголемиот дел на компаниите што вршеа логистичка поддршка и одржување на орудијата и системите од руско потекло и со тоа без да бидат директно инволвирани во тие процеси успеаја да стават рака врз овој дел од воените набавки.

Со други зборови, да кажат кој, кога и што може да добие. Ако сега кон ова ја ставете и доктрината на војување што сте ја примениле, тогаш средството што го имате може и да биде супер добро и современо, но да има мала применливост во начинот на кој ќе војувате или заканите со кои ќе се справувате – нагласува нашиот соговорник.
Донирањето воена опрема за потребите на украинската војска се случува во време кога некои земји од Европската Унија, кои се партнери во НАТО, се повоздржани во носењето вакви одлуки. Германските медиуми изминатите денови се осврнуваа на темата околу неуспешноста на „планот за кружна размена“ што предвидува испорака на воена опрема за Украина. Според оваа замисла, Полска за 200 испорачани тенкови за Украина од советско производство требаше да добие замена во рамките на НАТО. Но разговорите зад кулисите очигледно се неуспешни, а тоа јавно го кажа полскиот министер за надворешни работи за неделникот „Шпигел“.
Претходно германското министерство за одбрана за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ мораше да признае дека и со други земји предвидени за таква кружна размена, како Чешка и Словачка, не е постигнат договор за испорака на тенковите. Затоа, оваа наша донација може да се гледа повеќе низ призмата на манифестирање дипломатска волја, која има само цел да се испрати порака дека како држава сме солидарни со нашите партнери од НАТО во помошта кон Украина.
– Ова прашање е политичко и, најверојатно, ќе треба да се постави на поинаков аудиториум. Но во голема мера е одредено и зависно од претходните прашања, кои се оперативни, стручни и професионални. Да не заборавиме дека тие прашања, сепак, се поврзани со идеологијата што политичкото водство ја има и за која се залага. На крајот на денот, сепак сакате војската и воената моќ да бидат под цивилна контрола, а не обратно – ни изјави Димитар Хаџи Јанев.
За тоа дали требаше да одиме со оваа донација, која за првпат е во таков облик, ако се имаат предвид геополитичките околности, кога другите земји се повоздржани во испраќањето воена опрема за Украина, воениот аналитичар Димитар Хаџи Јанев вели дека „зачленувањето во НАТО значи дека се менуваат и должностите, обврските, но и придобивките“.

– Сепак и надвор од тоа, како ќе го искористите политичкиот инструмент (одбрана и употреба на сила) е уметност на управувањето и владеењето на политичката елита, секако поддржано од оперативната мудрост. Со други зборови, ако имате сериозен план што сакате да го постигнете и ако тој план ви е одржлив, значи добро усогласен и синхронизиран во две насоки од горе надолу – од политика спрема оператива и обратно, тука немате проблем. Тоа значи дека имате цел и знаете како да ја постигнете. Таа цел, секако дека треба да се синхронизира со националните интереси, кои не секогаш се директно мерливи и видливи – заклучува нашиот соговорник.
Од Министерството за одбрана на Македонија потврдија дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина. Донираните оклопни возила се од трета генерација тенкови, кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западната платформа, а дополнително за нивно уништување во земјава ќе се потрошат пари што, како што велат, е нецелисходна активност за нашата армија
– Би сакале да посочиме дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на Република Северна Македонија, во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување модерни и современи противоклопни способности и капацитети во армијата, а реализацијата на овие планови веќе е во тек. Исто така, во согласност со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 година, наведено е дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети. Имајќи ја предвид ваквата фактичка состојба, како и побарувањата од страна на Министерството за одбрана на Украина, Владата донесе одлука да ѝ донира на Украина одредено количество од овие капацитети, кои им се неопходни за нивни потреби – велат од Министерството за одбрана. М.Ј.


Захарова: Донацијата на тенковите за Киев е голема грешка

Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови „Т-72“, изјави вчера портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Иако станува збор за застарена опрема, со донацијата, наведува Захарова, се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев“.
– И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна“ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје на Украина, со што придонесува за продолжување на криминалната активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето што исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија – се вели во изјавата на Захарова на веб-страницата на МНР на Русија.


Реакција на МНР и на МО
Македонија е суверена држава и самата одлучува што ќе прави

На изјавата на Захарова реагираа македонското МНР и Министерството за одбрана, истакнувајќи дека Македонија е суверена држава и може самата да одлучува што ќе прави.
– Република С. Македонија е суверена држава, која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност. С. Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред сè во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила – се вели во заедничкото соопштение на МНР и на МО