Фото: Маја Јаневска-Илиева

Анализа на британски „Економист“

Изгледаше како добра вест од Западен Балкан кога Македонија на 19 јули ги отвори пристапните преговори со Европската Унија. Но радоста беше краткотрајна. Решението со Бугарија врз основа на францускиот предлог ќе ја попречува кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, а ќе донесе проблеми и за други држави што сакаат да се придружат на европскиот блок. Што содржи договорот и зошто е веројатно дека ќе пропадне, пишува британски „Економист“ во анализата за спогодбата.

– Се чинеше  дека компромисот предложен од Франција ќе понуди излез од ќорсокакот. Но изгледот може да измами. Првенствено, договорот официјално ги увезува историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка на ЕУ. Мешовитата историска комисија веќе работеше на нивно разрешување. Но сега, според договорот, ако Македонците не се согласат со интерпретацијата на бугарската страна, пристапниот процес, врз кој секоја членка на ЕУ може да стави вето во секоја фаза, нема да продолжи понатаму – наведува „Економист“, додавајќи дека Македонија, според договорот, треба да направи и уставни промени за да удоволи на бугарските барања.

Спогодбата поставува и загрижувачки преседан, според британскиот магазин. Пристапниот процес вообичаено вклучува проценка на силните страни на економијата и на политичките и судски институции на земјата-кандидат. А сега, во случајот на Македонија, во процесот се вметнати и историски прашања кои датираат до 10-от век.

Се посочува и дека Хрватска, која е членка на ЕУ, би можела да се покаже подеднакво тврдокорна кон земјите од Балканот што не се во Унијата. Во прилог на ова тврдење е посочена листа барања од хрватската Академија на науки и уметности, која смета оти хрватската влада треба да им ја наложи на Србија, Црна Гора и БиХ, ако сакаат да влезат во ЕУ. Се смета и дека Полска би можела да има слични барања за Украина.

– Спорот помеѓу Бугарија и Македонија беше засрамувачки за лидерите на ЕУ. ЕУ беше основана за да ги разреши споровите помеѓу членките. Сега ризикува да ги засили – заклучува „Економист“.