Поранешниот претседател Ѓорге Иванов со сопругата Маја и претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев

Во ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се претставени делата на македонските зографи од дебарско-мијачката школа, кои се нераскинлив дел од македонското културно материјално наследство. На изложбата може да се видат оригинални дела на надалеку познатиот Дичо Зограф, како и делата на прочуената зографска фамилија Коловски. Делата на овие македонски зографи, но и на многумина други што потекнуваат од Македонија, имаат особено значење за македонската преродба во 19 век, а нивните дела се манифестација на македонскиот творечки дух

Во МАНУ беше отворена изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“

Во ликовниот салон на МАНУ беше отворена изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“ со свечено обраќање од претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, како и обраќање на г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва, и Сашо Цветковски од истражувачкиот центар за културно наследство (ИЦКН) „Цветан Грозданов“ при МАНУ. Меѓу присутните имаше повеќемина истакнати македонски општественици, научници и интелектуалци, а меѓу нив беа и Ѓорге Иванов, поранешниот претседател на Република Македонија, како и Петре Рафе Коловски, потомок на познатото зографско семејство Коловски од Лазарополе и брат на зографот Крсте Коловски, а наедно и автор на монографијата „Лазороските зографи“.
На изложбата се претставени повеќе оригинални дела на дебарско-мијачките зографи, вклучувајќи ги и делата на Димитар Крстев Дичов, познат како Дичо Зограф, еден од најзначајните иконосликари и фрескосликари на Балканскиот Полуостров во 19 век, како и делата на дебарско-мијачките зографи од родот Коловски. Изложбата има особено значење бидејќи е претставен еден сегмент од богатата култура на Македонија, со акцент на македонското материјално културно наследство, како што се иконите и фреските на македонските зографи што ги красат црквите во Македонија, но и во соседните држави.

На свеченото обраќање со кое беше отворен настанот, академик Љупчо Коцарев и претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) кажа дека му е чест да се обрати на изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“ подготвена од Сашо Цветковски од ИЦКН „Цветан Грозданов“.
– Во ликовниот салон на МАНУ ќе имаме можност да проследиме дел од црковното сликарство на македонските зографи. Изложбата е поврзана во две различни целини. Првата целина ја сочинуваат делата на зографите од Тресонче, а втората целина се делата на последните живи дебарско-мијачки зографи од родот Коловски. Меѓу македонските зографи посебно место зазема Дичо Зограф – рече академик Љупчо Коцарев.
На отворањето на изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“, пред многубројната публика се обрати и г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва, кој говореше за значењето на иконата во православната религија.

Преку раката на иконописецот на иконата е претставена новата твар, се узнава дека иконата е прозорец кон духовниот свет, дека е навлегување на вечноста во времето и дека е можност што упатува кон вечноста, рече г.г. Стефан.
– Од почетокот на 30-тите години на 19 век, реформите со кои била делумно вратена слободата на верското дејствување на православниот милет, дале можност за непречено градење нови храмови. Таа новонастаната околност овозможила во втората на половина на 19 век да се појават еминентни зографи и зографски тајфи, од кои на македонските простори особено се истакнале дејците од дебарско-мијачката школа. Меѓу нив секако посебно место има Дичо Зограф, но треба да ги помниме и имињата на другите заслужни творци, особено Дичовиот син Аврам и нивните следбеници. Овие иконописци во својот фокус со исклучително зачудувачка продуктивност имаат оставено илјадници икони, со што имаат видно место во македонската преродба – рече г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва.
На отворањето се обрати и подготвувачот на изложбата Сашо Цветковски од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“. Тој во своето обраќање пред присутните укажа дека организирањето на изложбата „Од уметничкото наследство на дебарско-мијачките зографи“ е поврзано со одбележувањето на 150-годишнината од смртта на Дичо Зограф и 100 години од смртта на неговиот син Аврам Дичов, но и одбележување на дејноста на познатата зографска фамилија Коловски.
– Македонската академија на науките и уметностите и истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, заедно со Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, Македонската православна црква и Музејот на Град Скопје, ја презентира и подготвува оваа изложба посветена не само на Дичо Зограф туку и на сите други дебарско-мијачки зографи. Тој силен и голем пробив на уметноста на 19 век има една општа карактеристика, а тоа е појава на голем број зографи и зографски работилници, но и зографски школи. Една од тие најзначајни и најеминентни зографски работилници од нашето поднебје, секако, е дебарско-мијачката зографска школа – рече Сашо Цветковски од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“.

Оригиналните дела на големите мајстори на мијачката школа сведочат за нивната генијалност
Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан со внимание ја прoследи изложбата

Текст и фото: Далибор Станковиќ