Во потрага по причините зошто Владата на СДСМ/ДУИ не реагирала изминативе години за непреземените обврски на Атина?
Ноторен факт е дека обврските што произлегуваат од Преспанскиот договор, Атина не ги спроведува. Зошто? Колку што е познато во јавноста, Грција нема официјално ставено „извесни резерви за делови од договорот“. За такво нешто се нема изјаснето јавно, а веројатно не се изјаснила ниту по дипломатски канали. Но додека Атина постојано инсистираше на доследно спроведување на спогодбата од македонска страна, таа веќе пет години не направи апсолутно ништо за да ги спроведе своите обврски. И за ова пет години Владата на СДСМ/ДУИ си молчела. Згора на тоа, со ударна доза национален мазохизам го забрзала целиот процес за спроведување на договореното од македонска страна. Каде се крие битието на таквата нејзина вазалска политика? Кои се причините за таквиот однос кон Атина, но и крајно некоректниот однос кон сопствената нација? Зошто дозволила да се постави во крајно поданички однос кон Грција, односно дали е тоа цената што државата мора да ја плати за еден ден да стане членка на ЕУ?
И сега кога се очекува транзиција на власта и особено кога претседателката Гордана Силјановска-Давкова не се заколна дека ќе го почитува Уставот и законите на „Северна Македонија“, туку на „Македонија“, стана јасна дека и таканаречениот противник на Преспанскиот договор, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, жестоко почна да напаѓа. Се чини дека и Атина разбира дека мора да излезе од зоната на комфорот, кој го уживаше со македонската власт во заминување. Можеби не денес, но секако утре ќе се отворат многу прашања поврзани не само со спроведувањето на Договорот туку со целиот процес пред тој да биде постигнат. Една држава, ако сака да се смета за суверена, ќе мора да го отвори тоа досие.
Па, како е тој постигнат? Има ли некаде причини за основи на сомневање за велепредавство? Можеби за лична материјална корист? Имало ли или не мешетарења? Кои биле странските советници со кои се консултирал Димитров пред да се реши да го стави потписот? И што советувале тие, има ли записници за тоа? Колку сме ги плаќале, ако сме ги плаќале? Постојат ли индиции дека се купени или поткупени осум пратеници, со што е урнат еден уставен и правен систем? Х.И.