Пред посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг на крајот од неделава, во пакет со актуелната посета на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на Филипините, како да се почувствува фокусиран пристап на САД до владите на повеќе земји од Далечниот Исток. Многу клучни политичко-безбедносни, економски, енергетски, трговски и финансиски прашања сѐ уште се широко отворени, па САД прават превентивни напори да ги изменаџираат на начин и во согласност со своите надворешни политики.

Високи американски државни функционери во мисии на Далечниот Исток

Пред посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг на крајот од неделава, во пакет со актуелната посета на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на Филипините, како да се почувствува фокусиран пристап на САД до владите на повеќе земји од Далечниот Исток. Многу клучни политичко-безбедносни, економски, енергетски, трговски и финансиски прашања сѐ уште се широко отворени, па САД прават превентивни напори да ги изменаџираат на начин и во согласност со своите надворешни политики.
Од друга страна, Кина како да е на штрек од најновата мисија на САД на Далечниот Исток, која во моментов е во тек, а која се очекува да кулминира со посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг деновиве. Во таков контекст, официјален Пекинг однапред зазеде по малку одбранбен став кон политиките на САД и во јавноста упати строги критики кон Вашингтон за три клучни работи:

  • l испораката на оружје за Украина;
  • создавањето на трилатералниот формат АУКУС (Австралија, Велика Британија и САД), во азиско-пацифичкиот регион, со амбиција од воен сојуз;
  • барањето на САД за проширен пристап до воените бази на Филипините.

Пекинг решително и без дипломатски ракавици го предупреди Вашингтон
веќе да не ѝ испорачува оружје на Украина

Пред посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг на крајот од неделава, се чини дека тензиите меѓу САД и Кина растат. За тоа сведочи една од најострите реакции на кинеското министерство за надворешни работи кон САД.
Имено, портпаролката на кинеското МНР, Мао Нинг, нагласувајќи дека Кина отсекогаш заземала објективен став по прашањето за Украина и дека Пекинг од самиот почеток на судирот беше на страната на мирот и имаше конструктивна улога во промовирањето мирно политичко решение на конфликтот, недвосмислено и многу отворено изјави дека „САД се иницијатор и најголема движечка сила на украинската криза“. Таа изјави дејка „Вашингтон продолжува да испраќа тешко и офанзивно оружје во Киев, постојано продолжувајќи го и зголемувајќи го интензитетот на конфликтот“!
– Наместо да размислува за своите постапки, Вашингтон отвора неосновани сомнежи и обвинувања против Пекинг. Нема да прифатиме ваква неоснована уцена и нема да седиме со скрстени раце, додека САД без причина ги прекршуваат легитимните права и интереси на кинеските компании – изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи во една од најострите изјави на оваа тема.
Портпаролката Мао Нинг истакна дека „ако САД искрено се надеваат на брз крај на кризата и навистина се грижат за безбедноста на украинскиот народ, треба да престанат да го снабдуваат Киев со оружје и да профитираат од конфликтот“.
– Деескалацијата и создавањето поволен амбиент и неопходните услови за мировни преговори меѓу инволвираните страни мора да се сфатат што е можно поодговорно – заклучи портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.

Пекинг: АУКУС е закана за азиско-пацифичкиот регион

Создавањето на таканаречениот безбедносен партнерски триаголник АУКУС во суштина има цел да предизвика воен конфликт преку воена соработка!
Ова го изјави еден ден подоцна од јавното „предупредување на Пекинг кон Вашингтон во врска со вооружувањето на Украина“, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи, Мао Нинг. Во тој контекст таа рече дека интеракцијата на Австралија, Велика Британија и САД во рамките на трилатералниот формат АУКУС предизвикува воен конфликт во азиско-пацифичкиот регион.
Но ставот за АУКУС беше искажан од официјалното кинеско МНР во контекст на „можното проширување на АУКУС во Јапонија и Индија“. Имено, според Пекинг, активностите на АУКУС „го зголемуваат ризикот од ширење на нуклеарното оружје и ја интензивираат трката во вооружување во азиско-пацифичкиот регион“.
– Ние сме сериозно загрижени за тоа и силно се спротивставуваме. Потсетуваме дека што се однесува до Индија и Јапонија, овие две земји се вклучени во друг формат под американско раководство уште од времето на администрацијата на Трамп – Квад, каде што сѐ уште се присутни САД и Австралија – рече портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.

Пекинг се противи на барањето на САД за проширен пристап до воените бази на Филипините

Посетата на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на Филипините оваа недела беше најава за „проширен пристап на САД до воените бази на Филипините. Така деновиве во јавноста изјави официјална Манила. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин веќе пристигна во Манила „за да изгради силни билатерални односи, да разговара за низа безбедносни иницијативи и да ја унапреди нашата заедничка визија за слободен и отворен Пацифик“. Така напиша на Твитер и самиот американски секретар за одбрана Лојд Остин.
– Нашите работни односи со американската војска се многу силни – рече филипинскиот генерал Рој Галидо, додавајќи дека американските трупи помагаат во борбата против тероризмот, хуманитарните мисии и одговорот при катастрофи.
Американските власти рекоа дека Вашингтон се надева на договор за полесен пристап до воените бази. САД предложија дополнителни локации според Договорот за засилена одбранбена соработка (EDCA), кој датира од 2014 година.
– Има иницијатива уште за четири или пет локации – рече високиот филипински воен функционер.
Имено, според Вашингтон, „САД сакаат да ги прошират своите воени капацитети на Филипините за да помогнат да се одврати каков било потег на Кина против самоуправниот Тајван, додека Манила сака да ја зајакне својата одбрана во однос на територијалните претензии во спорното Јужно Кинеско Море“!
Манила и Вашингтон имаат меѓусебен договор за одбрана и дебатираат за пристапот на САД до четири дополнителни бази на северниот остров Лузон, делот од Филипините најблиску до Тајван, како и базата на островот Палаван, кој е свртен кон спорните острови Спратли во Јужно Кинеско Море.
Таканаречениот EDCA-договор им дозволува пристап на САД до филипинските бази за заедничка обука, претходно позиционирање на опремата и изградба на објекти, како што се аеродромски писти, складишта за гориво и воени станови. Сепак, договорот не подразбира постојано присуство на американската војска. Американската војска веќе има дозвола да посети пет бази во островската држава.
Аналитичарот Грегори Полинг, експерт за Југоисточна Азија во Американскиот центар за стратегиски и меѓународни студии, рече дека пристапот до локациите на северниот остров Лузон ќе им помогне на напорите на САД да ги одвратат кинеските потези против Тајван. Тоа би ги ставило водите јужно од Тајван во дострел на американските крајбрежни ракети. Филипините се една од неколкуте земји што се во судир со Кина во Јужно Кинеско Море и се лути поради континуираното присуство на бродови во нивната ексклузивна економска зона. Но, сепак, Кина е и главниот трговски партнер на Манила.

Остра реторика, но сѐ уште се бара начин за балансирање на односите на двете суперсили

Трите укажувања на официјален Пекинг, како помалку или повеќе отворено искажани незадоволства и спротивставувања на активностите на САД на Далечниот Исток, доаѓаат пред посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг кон крајот на оваа недела.
Меѓутоа, самиот факт дека висок американски функционер пристигнува во Кина сведочи за фактот дека всушност двете велесили сѐ уште се обидуваат да најдат механизми за продолжување на одредена економска соработка и покрај сѐ поострата реторика – пред сѐ за безбедносните прашања.
Овој обид започна на самитот на Г20 во Бали, минатиот ноември, за време на неколкучасовниот разговор меѓу Бајден и Џинпинг, но набрзо влезе во „ќор-сокак“, пред сѐ поради практичните потези на Вашингтон поврзани со прекинот на соработката со Пекинг по прашањето на технологијата – пред сѐ чиповите, во што, како во неопходност, успеа да ја убеди ЕУ – поточно да го скрши нејзиниот отпор. Дополнително, зајакнувањето на американското воено присуство на Далечниот Исток и острата антикинеска реторика го попречуваат значителниот исчекор кон подобрување на американско-кинеските односи. Дали посетата на Блинкен на Пекинг ќе донесе нешто позитивно на овој план, ќе пишуваме повторно во деновите што следуваат.