Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“ во своите истражувања откри податок што македонската дипломатија може да го искористи како аргумент пред Брисел за апсурдноста на бугарските условувања за јазикот што и самата Бугарија многу одамна го признала, без никакви фусноти, задршки или какви било унилатерални декларации. Ако Европската Унија инсистира на почитување на меѓународното право, тогаш треба да го бара тоа и од своите земји-членки, кои со меѓународноправни и билатерални договори презеле обврски што мора да ги почитуваат!

Новинарско истражување што ја воочи ништовноста на бугарските барања, според меѓународното право:

Бугарското народно собрание го има признаено официјално македонскиот јазик како посебен и различен од бугарскиот уште пред 66 години и ова признание сè уште е во сила, така што актуелната реторика од страна на Софија за непризнавање на македонскиот јазик и негово дефинирање како бугарски дијалект е само обид да се продолжи со живкоистичкиот наратив за вештачки креирана нација што била присилно оттргната од своите бугарски корени.
Овој наратив, Бугарија успеа да го наметне и пред официјален Брисел, блокирајќи потпишување на секаков договор на кој ќе стои терминот „македонски јазик“ и наметнувајќи го како пречка во процесот на македонските евроинтеграции, без оглед што своевремено го признала и е свесна дека станува збор за посебен јазик, различен од бугарскиот. Но уште потрагично е што ние самите влеговме во тоа сценарио и дозволивме создавање рамка и форма за дискусија за јазикот (!?) и, уште повеќе, поднесовме институционална унилатерална изјава со која просторно го ограничуваме својот јазик!?
Но „Нова Македонија“, поттикната од таквите настани, во многубројните свои истражувања поврзани со оваа проблематика, наиде на интересен податок што јасно потврдува дека Бугарија официјално го признала македонскиот јазик и тоа признание стои објавено во нивниот „Службен весник“, официјалното гласило во кое се објавуваат државните акти. Тоа фрла сосема друга светлина на наметнатиот лингвистички-културоциден зафат на официјална Софија.

Бугарското народно собрание го признало македонскиот јазик!

„Нова Македонија“ во своите истражувања откри податок што македонската дипломатија може да го искористи како аргумент пред Брисел за апсурдноста на бугарските условувања за јазикот што и самата Бугарија многу одамна го признала, без никакви фусноти, задршки или какви било унилатерални декларации.
Ако Европската Унија инсистира на почитувањето на меѓународното право, тогаш треба да го бара тоа и од своите земји-членки, кои со меѓународноправни и билатерални договори презеле обврски што мора да се почитуваат.
Нашето истражување откри билатерален договор за заемна правна помош потпишан во 1956 година меѓу владите на тогашните Народна Република Бугарија и Федеративна Народна Република Југославија, со кој им се гарантира на граѓаните на едната држава слободен достап до судовите на другата држава за да бараат правна заштита на личноста и имотот со еднакви услови како граѓаните на таа држава.
Особено важен момент е фактот дека во членот осум на тој договор на граѓаните на двете држави им се одобрува барањата за правна помош да ги испраќаат на бугарски, српско-хрватски, словенечки или македонски јазик.
Овој договор е ратификуван со указ број 167 на президиумот на Народното собрание на 8 јуни 1956 година, а стапил во сила на 26. 01. 1957 година и е на неодредено време. Објавен е во бугарскиот Службен весник број 16 од 22.02. 1957 година.
Сето ова е најдобра потврда дека Бугарија преку билатерален договор заверен во нивното Народно собрание и објавен во нивниот Службен весник официјално го признала македонскиот јазик и таа одлука и натаму е во сила.
– Барањата за врачување и за правна помош се изготвуваат на бугарски или српскохрватски, словенечки и македонски јазик – се наведува во алинејата 1 од членот 8 од договорот.
Во договорот, до македонскиот јазик нема никаква фуснота со дообјаснување, туку е наведен како јазик еднаков со другите три јужнословенски јазици.
Тоа во пракса би значело дека ако некој македонски граѓанин мора да се расправа со бугарски судови, може со судот да комуницира на македонски јазик, и бугарскиот суд, според овој билатерален договор, ќе биде должен да го прифати тоа и да одговара соодветно.
Најважен момент во целата работа е што со овој договор паѓаат во вода актуелните бугарски тези за непостоење на македонскиот јазик бидејќи тој јазик го признало бугарското народно собрание и тоа не се случило во времето кога земјата ја водел Георги Димитров кон кого повеќето бугарски политичари од посткомунистичкиот период тврдеа дека ги предал бугарските национални интереси во полза на Македонија, туку во времето кога на чело на бугарската држава се наоѓа Тодор Живков, кој имаше исклучително негаторски однос кон македонското малцинство во Бугарија и во чие време се случи целосна асимилација на Македонците од Пиринска Македонија.

Договорите мора да се почитуваат, кога и да се потпишани

Меѓународното право се темели на почитување на сите меѓународни договори потпишани меѓу земјите, доколку тие во нив не содржат некаква временска рамка или, пак, не биле во меѓувреме раскинати.
Во случајот со договорот потпишан меѓу Народна Република Бугарија и Народна Федеративна Република Југославија, станува збор за документ на неодредено време, што во согласност со меѓународноправната формулација би значело дека тој сè уште е во сила. Ако се оди според правната логика, тогаш во сила и натаму е признавањето на македонскиот јазик од страна на бугарското народно собрание.
Правниот застапник на Македонците од Пиринска Македонија, Тони Менкиноски, вели дека овој документ, во кој Бугарија го признала постоењето на македонскиот јазик пред повеќе од шест децении, е потврда на апсурдноста на актуелните бугарски условувања и оспорување на јазикот и идентитетот на македонскиот народ.
– Очигледен е талибанскиот однос на соседна Бугарија кон работи што се веќе апсолвирани, а кои се однесуваат на примената на македонскиот јазик. Зачудувачко е како Европската Унија се персонифицира со овој процес и се идентификува со позицијата на Бугарија. Имено, признавањето на македонскиот јазик од страна на бугарската држава не е содржано само во овој билатерален договор, кој де факто е ратификуван во Собранието и е составен дел на сè уште позитивното право во Бугарија – вели Менкиноски.
Според него, станува збор за билатерален договор „сесио легис“, односно што е влезен во сила.
– Ова е билатерален договор што сè уште е во сила. Македонија како дел од поранешна Југославија е обврзана да ги почитува договорите што ги потпишувала Југославија, но истовремено, таа обврска ја имаат и земјите што ги потпишувале договорите со поранешната федерална држава. Таа обврска да го почитува македонскиот јазик ја има и Бугарија. Ова е многу јасна работа за просветени и цивилизирани луѓе, но за луѓе што живеат три века наназад тоа воопшто не е сфатливо. И таа билатерална спогодба потпишана во 1956 година е составен дел од правниот систем на Бугарија и таа има обврска да постапува по оваа спогодба, бидејќи Македонија ги влече сите права од поранешната федерација – појаснува Менкиноски.
Тој додава дека Бугарија и претходно го признавала македонскиот јазик како службен официјален јазик и тоа е уште една потврда во низата признавања на македонскиот јазик од страна на источниот сосед.
– Покрај овој договор, во периодот на културната автономија, Македонците го користеле македонскиот јазик во училишта, судови, културни манифестации и тој претставувал службен и официјален јазик во Република Бугарија. Сакајќи да го избришат ова, бугарските империјалисти само го покажуваат нивниот талибански однос кон светската цивилизација – истакнува Менкиноски.
Правниот застапник на Македонците од Пиринска Македонија смета дека нашата дипломатија треба да ги искористи овие неоспорни факти, но не гледа намера да се направи такво нешто.
– Ова се такви аргументи со кои буквално може да се исмее бугарската позиција околу јазикот. Секоја мудра дипломатија добро би го искористила ова, но кај нашата дипломатија не гледам намера да се направи такво нешто, намера да се постигне одредена цел. Со сите аргументи што ги имаме, ние може да ја фрлиме Бугарија на колена, но очигледно нашата дипломатија нема намера да ги користи овие неоспорни факти. Во 21 век да се докажуваш дека си Македонец, дека зборуваш македонски јазик по 100 години битка, не само што е апсурдно туку е и нехумано, нечовечки. Не е одлика на цивилизација, одлика е на хаос – заклучува Менкиноски.

Фактите како најсилно оружје

Очигледно намерата на Софија е преку хаосот вешто да ги затскрие овие документи, кои секојдневно испливуваат на површина и кои само потврдуваат дека македонскиот јазик бил во употреба во Бугарија постојано, а неговото постоење го негирале само бугарските политичари заради одредени цели поставени уште пред повеќе од 100 години, за голема држава од Црно Море до Охридско Езеро.
Македонците во Бугарија водат децениска борба да добијат статус на малцинство и да можат слободно да го користат македонскиот јазик пред бугарските институции, а Софија, без оглед што има обврска да им го овозможи тоа, и натаму не признава македонски јазик.
– Имам слушнато дека постои таков билатерален договор во кој Бугарија го признава македонскиот јазик, но лично не сум го видел. Ова е одличен аргумент што македонската страна може да го искористи во овие моменти кога македонскиот јазик е под закана – вели Стојко Стојков, заштитник на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Неговото мислење е дека ваквите документи треба да се користат првенствено Македонија да го одбрани македонскиот јазик од нападите, а потоа во некое идно време истите аргументи да се користат и при овозможувањето на употребата на македонскиот јазик во соседните држави.
– Откривањето на вакви детали, како во овој билатерален договор во кој јасно е посочено признавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија, во овој момент е повеќе од полза за македонската држава, но на некоја следна етапа би можело да биде од полза и за нас – заклучува Стојков.
Несомнено пред фактите и аргументите молчат сите, така и Македонија еднаш засекогаш треба да прекине секаква дебата со Бугарија околу македонскиот идентитет и јазик, ставајќи јасно до знаење дека тоа се прашања за кои нема да има никакви компромиси и дискусии, фусноти, уште помалку унилатерални декларации ако веќе истата таа Бугарија и самата го признала македонскиот јазик, а на пописот во 1946 година признала и над 160 илјади Македонци како малцинство на своја територија.
Во таа насока, македонската дипломатија треба да прекине со понизниот однос и да прифаќа неаргументирани уцени, користејќи се само со меѓународното право и документите што се во нејзина полза. Сè друго е само влегување во бугарскиот лавиринт од кој никогаш нема да го најдеме излезот.