Денеска во Куманово се одржуваат низа манифестации по повод 79 години од одржувањето на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). Сите овие активности имаат цел да ги потсетат сегашните генерации на жртвите, но и на придобивките од Народноослободителната борба на македонскиот народ

НАУЧНА ТРИБИНА, ИСТОРИСКИ ЧАС И ИЗЛОЖБА

Во организација на Општината и градоначалникот Максим Димитриевски, денеска во Куманово се предвидени неколку манифестации, насловени „Борбено и слободарско Куманово“. Со овие настани се одбележува антифашистичкото минато на градот Куманово, кој е запаметен како град првоборец, симбол на НОБ, стремежот за слобода и самостојна македонска држава, како и град на народни херои од НОБ. Во текот на активностите, акцентот ќе биде ставен врз Кумановските народноослободителни партизански одреди, како и личностите од Куманово што го положија својот живот за слободна и независна Македонија.
Инаку, во текот на Народноослободителната борба, од Куманово и Кумановско произлегле неколку партизански единци, меѓу кои Карадачкиот партизански одред, кој на 12 октомври 1941 година меѓу првите ја започна борбата против бугарскиот фашистички окупатор. Дополнително со формирањето на Кумановскиот народноослободителен партизански одред се засилила македонската народноослободителната борба, која на крајот завршила со ослободувањето на Куманово и создавањето на македонската држава. Во текот на НОБ, од Куманово произлегле осум народни херои: Христијан Тодоровски-Карпош, Киро Фетак, Боро Менков, Перо Чичо, Бајрам Шабани, Мара Нацева, Боро Петрушевски и Трајко Стојковски-Бузо.
– Во таа насока денешните активности и свеченостите во општината Куманово имаат цел да ги потсетат сегашните генерации на жртвите, но и на придобивките на Народноослободителната борба на македонскиот народ – вели Сотир Костов еден од учесниците и организаторите на настаните.
Предвидени се јавна трибина, историски час и изложба, насловени „Борбено и слободарско Куманово“.


Карадачкиот партизански одред

На 11 октомври била донесена одлука да се формираат од осум до десет партизански одреди, со 300-400 борци. Покрај Скопскиот и Прилепскиот одред, кои биле формирани, се формирале уште два одреда во Куманово. Според Миодраг Арсовски-Болто, наместо на 11 октомври, првите кумановски партизански одреди излегле на 12 октомври 1941 година, иако биле готови да излезат на денот за кој беше дадена директивата од највисокото партиско и воено раководство на Македонија. На 12 октомври 1941 година, доцна вечерта, борците на Карадачкиот партизански одред биле во колибата на имотот од семејството Менкови, позната како Менкова колиба, неколку километри јужно од Куманово.
На 12 октомври, некаде пред полноќ, Карадачкиот партизански одред се упатил во правец на карадачкиот терен, со задача да го разгори востанието во овој дел на Кумановско, да создаде партизански бази, да организира диверзантски акции на железничката пруга Скопје – Куманово и други акции на објектите што ги користел окупаторот.
Рано утрото на 14 октомври 1941 година, кога одредот се подготвувал да го продолжи својот пат во правецот на селото Стража, бил предаден од домашните предавници и нападнат од бугарската окупаторска војска и полиција, под команда на поручникот Љубомир Цеков.