Партиите веќе со години функционираат исклучиво како акционерски друштва, за кои најважно е да приграбат поголем дел од колачот од власта заради тесна партиска, а и лична бенефиција, а не заради бенефиција на граѓаните, општ просперитет или благосостојба. Во одреден момент кога некој ќе се почувствува „обесправено“ при поделбата на тој колач почнуваат најпрво да се јавуваат фракции, па следуваат медиумски препукувања и обвинувања, за на крајот сето тоа да резултира со внатрепартиски поделби и формирање нови партии. Причините за ваквите случувања треба да се бараат исклучиво во принципот на клиентелизмот што го воспоставија партиите
Поделбите и расколите во политичките партии како повод
Ниту една политичка партија во Македонија во одреден момент на своето функционирање не помина без внaтрепартиски превирања, расколи и поделби, што говори дека немањето вистинска внатрепартиска демократија води кон постојани конфронтации со неистомислениците, што на крајот резултира со поделби и формирање нови (политички) субјекти.
Ако на сето ова се надоврзе и немањето цврсто профилирана идеолошка матрица кај партиите што ќе го држи партиското ткиво сплотено, па дури и тогаш кога постојат различни мислења по одредени прашања, сликата со поделбите и расколите станува комплетна.
Имено, она што се случува сега во Алијансата за Албанците, пред извесно време се случуваше и во ДУИ, но се случи и во СДСМ, во ВМРО-ДПМНЕ, во Либерално-демократската партија, како и во сите други политички партии во земјава низ годините, што јасно говори за демократскиот капацитет на самите партии, односно нивната отпорност кон поинакво мислење.
Поради клиентелистичките методи партиите станаа ранливи однатре
Имено, партиите веќе со години функционираат исклучиво како акционерски друштва, за кои најважно е да приграбат поголем дел од колачот од власта заради тесна партиска, а и лична бенефиција, а не заради бенефиција на граѓаните, општ просперитет или благосостојба. Во одреден момент кога некој ќе се почувствува „обесправено“ при поделбата на тој колач почнуваат најпрво да се јавуваат фракции, па следуваат медиумски препукувања и обвинувања, за на крајот сето тоа да резултира со внатрепартиски поделби и формирање нови партии. Причините за ваквите случувања треба да се бараат исклучиво во принципот на клиентелизмот што го воспоставија партиите, а поради клиентелистичките методи истите тие партии станаа ранливи однатре.
И додека партиските функционери не избираат средства како да ги задржат влијанието и моќта, штетата ја трпи државата бидејќи тоа се одразува врз севкупните општествени процеси, оставајќи негативен впечаток за демократскиот капацитет на земјата.
– Политичките партии се огледало на демократијата во една земја. Кога во нашите политички партии нема внатрепартиска демократија, тогаш како да очекуваме да има демократија кога истите тие партии ќе ја практикуваат власта? Сѐ додека сите политички субјекти во земјава не поминат низ еден процес на катарза, односно сѐ додека не престанат да дејствуваат како акционерски друштва за вработување и за тендери, сѐ додека не покажат јасна припадност кон некаква идеологија, дотогаш ќе бидеме сведоци на ваквите сцени на поделби и расколи. На сите им е мила власта, а кога нешто ќе им биде ускратено, тогаш одеднаш почнуваат негодувањата, се изнесуваат на виделина валканите алишта меѓу довчерашните сопартијци, се формираат фракции што во нашите партии едноставно не можат да функционираат, за на крајот да се изроди некаков нов политички субјект. Тоа никаде не води. Страда исклучиво државата од ваквите клиентелистички политики, сите институции се полнат со партиски кадри, без потребно знаење и квалификации. Резултат на тоа е девстирана држава по сите основи – велат соговорниците со кои се консултиравме.
За професорот во пензија Борче Давитковски, причините за ваквите расколи во партиите треба да се бараат во немањето внатрепартиска демократија, како и во непостоењето идеолошка програма кај самите партии.
– Тоа е дел од нашиот фолклор. Сите партии поминаа низ таков процес на расколи и поделби. Нема ниту една партија што остана уникатна од основањето до денес. Тоа е затоа што ниту една партија нема идеолошка програма. Се расфрлаат со обични памфлети што немаат врска со идеологија. Идеолошка програма подразбира да се препознава која е десна, која е лева, која е центристичка, која е демохристијанска, која е конзервативна, национална, а која зелена партија. Европа реално не ги признава за сестрински нашите партии според идеолошките предзнаци бидејќи едноставно не се препознатливи низ таа идеолошка призма низ која се профилирани европските партии – вели Давитковски.
Доста со пајтон или султан-партии!
Според него, кога нема идеологија, тогаш не случајни се кавгите и поделбите во партиите.
– Сѐ се ова пајтон или султан-партии. Кога немаат идеолошка матрица, работат само од денес за утре, каде што врхушката и лидерот се главни. Ако победат на избори, целата врхушка е во власт, добиваат функции, а партијата стагнира. Кога ќе ја загубат власта или нема да бидат задоволени некои нивни интереси, тогаш доаѓаат судирите и кавгите. Немаме сериозни лидери, се води сметка само за лични интереси. Сѐ додека немаме демократија во партиите, нема да имаме демократија во државата. Никогаш нема да имаме демократија со вакви султан-партии што се без идеологија – истакнува Давитковски.
Според универзитетскиот професор и експерт за политички прашања Башким Селмани, овие поделби несомнено се случуваат поради лични интереси и одредени политички групи, притоа појаснувајќи дека поделби најчесто се случуваат кога опозицијата ќе се зајакне.
– Ако се земе за основа кој ја прави политиката во Македонија, интересни групи се на кои добро им оди на економски план и, за жал, тие групи од интерес понекогаш преминуваат во индивидуални интереси. Само таму каде што има индивидуален интерес се забележува и констатира. Но ова оди од една во друга фаза затоа што од моментот кога ќе се зајакне албанската опозиција се случуваат овие поделби и тоа е она што во моментов не можеме да го откриеме – вели Башким Селмани.