Изминатата недела, на 27 ноември, во центарот на Софија (Бугарија) се одржа марш со мотото „Долу Ној“, во организација на младината на партијата ВМРО-БНД, на кој учесниците скандирале: „И порано, и сега Македонија е бугарска“ и други навредливи и провоцирачки пораки. Истата вечер, навивачката група „Балисти“, по повод прославата на 30-годишнината на својот клуб, упати крајно навредливи и вулгарни скандирања спрема Македонците од позиција на албански шовинизам и иредентизам.
Во прилог на контроверзноста на овие два настана, индикативно е немањето реакција од македонските институции и покрај очигледните намери за негирање и омаловажување на македонската држава и на македонскиот народ
НЕОДАМНЕШНИТЕ ПРОВОКАЦИИ ВО СОФИЈА И ВО ТЕТОВО КАКО ПОВОД
Бизарната коинциденција на поводите за одбележување и прославување во Софија и во Тетово во текот на изминатиот викенд повторно ја стави под сомнеж успешноста на општествената идеја и политика за соживот и заемно почитување меѓу етничките заедници во Македонија, но и политиката за градење пријателство со соседите, вградена како инспиративна цел во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Се чини дека колку што македонската внатрешна и надворешна политика е посветена на создавање на тој амбиент на пријателство и со почитување на европските и цивилизациските вредности и човековите права, сѐ позачестени се возвратните реакции на негирање и омаловажување на македонската држава и на македонскиот народ.
Во неделата, на 27 ноември 2022, во центарот на Софија (Бугарија) се одржа марш со мотото „Долу Ној“, во организација на младината на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД. Во текот на маршот, учесниците скандирале: „И порано, и сега Македонија е бугарска“, „И порано, и сега Босилеград во Бугарија“, „И порано, и сега Цариброд во Бугарија“, „Долу Ној“, „Во бој, во бој за народот свој“, „За Бугарија – слобода и смрт“, како и „Мизија, Тракија, Македонија“. Нојскиот договор е потпишан пред точно 103 години – на 27 ноември 1919 година. Во бугарската историографија тој е означен како еден од најпогубните за нивните национални интереси. Според наводите од бугарската историографија, со тој договор „11.278 квадратни километри територија се отсечени од Бугарија, 600 илјади Бугари остануваат надвор од границите, а репарациите што таа мора да им ги плати на сојузниците изнесуваат 2,25 милијарди златни франци“.
Истата вечер, навивачката група „Балисти“ со навредливи и вулгарни етнички скандирања спрема Македонците (т.е. „каурите“), покрај веќе вообичаените манифестации во навивањето на оваа група за аспиративната припадност кон Косово и Албанија, во Тетово го „прославуваше“ својот 30-годишен јубилеј, изведувајќи марш низ улиците на градот. Притоа, македонската полиција го обезбедувала „славеничкиот марш“ на навивачката група „Балисти“ низ улиците на Тетово. Во текот на 30-годишното постоење на оваа навивачка група во Македонија, ниту една институција никогаш не се позанимава и не даде одговор за користењето на името на оружени формации од Втората светска војна во Македонија квалификувани како фашистички. Прославата на 30-годишниот јубилеј на навивачката група од Тетово, со скандирања од позиција на албански шовинизам и иредентизам, е уште една кулминација на оваа контроверзност, покрај сите заложби во Македонија за градење мултикултурно општество и меѓуетнички соживот.
Во прилог на контроверзноста на овие два настана, индикативно е немањето реакција од македонските институции.
– Секако дека Македонија треба да ги гради своите односи и во домашното општеството и на надворешен план врз принципите на пријателство, почитување и на соживот. Но и македонските државни институции, според својата надлежност, треба да реагираат соодветно на секоја провокација насочена против овие принципи и против македонските национални интереси. За провокациите што доаѓаат од Бугарија, македонското министерство за надворешни работи треба поенергично да реагира. На зачестеноста на провокативните испади од Бугарија, која сѐ повеќе се поставува непријателски спрема Македонија, не е доволно македонскиот министер за надворешни работи да реагира само со формулации дека „тоа се провокации што сакаат да ги расипат напорите за пријателство меѓу Македонија и Бугарија“. За сето ова време на притисок со провокации од страна на Бугарија, Македонија никогаш не возвратила на ист начин со провокативни инциденти. Македонската држава треба да изрази поенергичен отпор спрема сите очигледно тенденциозни инциденти и да ги заштити македонските национални интереси. Што се однесува до манифестацијата на шовинистички и фашистички пароли на прослава на навивачки групи, за жал, тоа стана препознатлив „фолклор“ на нивното дејствување, за кој исто така постојат институции што треба да реагираат. Штом тоа се провлекува триесет години, значи дека институциите толерирале такво однесување и дозволиле да ескалира во особено контроверзни димензии – полицијата да обезбедува група што скандира противуставни и противдржавни пароли. Испадите на навивачките групи се третираат повеќе како хулиганство, но постојат институционални начини како да се реагира и да се справи и со оваа девијантна општествена појава – вели историчарот Александар Литовски.
Во контекст на постојаните предизвици за Македонија како држава и на нејзините институции, што ги поставуваат провоцирачките инциденти од позиција на шовинизам, национализам, со голема доза и примитивизам (како од надворешни така и домашни субјекти), Петар Богојески, лидер на партијата Македонски концепт, порачува дека авторитетите во средините од каде што потекнуваат овие појави треба да поработат на ставовите на нивната младина, зашто еден ден сите тие ќе треба заедно да живеат во обединета Европа.
– Жалам што бугарскиот и албанскиот шовинизам си ја отруја својата бугарска и албанска младина. Ние, етничките Македонци, луѓе на славниот род, живееме во 21 век, а тоа го покажавме пред неколку дена на Градскиот стадион во Скопје, кога нашите млади го прославуваа јубилејот на ФК Вардар и на навивачката група Комити на крајно достоинствен начин, без ниту една навреда од етничко-шовинистички вид. Ние никого не мразиме, туѓо не сакаме, но своето не го даваме. Ние сме свои на своето. Ги повикувам и бугарските и албанските авторитети да преземат мерки за доброто на нивната младина, а не на нашата. Еден ден, сите тие млади од Балканот ќе треба да живеат заедно во обединета Европа, како што денес живеат заедно во Германија и меѓусебно се почитуваат. За жал, кога се дома, на Балканот, истите тие млади меѓусебно се навредуваат и шират омраза. Во Македонија, албанскиот шовинизам достигна шизофренични размери – вели Петар Богојески, лидер на Македонски концепт.