Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и во НАТО. Меѓутоа деновиве покрај пораките што пристигнуваат со резерва за оптимизмот на наша адреса од некои челници во Брисел, во однос на тоа дека земјава во јуни ќе го добие толку очекуваниот датум за преговори со Унијата, неделава стигна уште една помалку ведра порака од поранешниот заменик на помошник-државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија Брајан Хојт Ји.

Имено, американскиот дипломат истакна дека проширувањето на ЕУ до 2025 година не е реално и во исто време е штетно што Западен Балкан се преправа дека спроведува реформи, а ЕУ, пак, вели дека тие се спроведени.

– Нема потреба да се откажува од евроинтеграциите, но важно е да се биде искрен какви се изгледите на тој пат. Затоа што преправањето дека тоа е извесно и оти некои земји можат да станат членки до 2025 година, не само што им одмага на оние што треба да спроведуваат реформи, туку ги охрабрува и клептократите, корумпираните функционери да им велат на луѓето дека членството ќе се случи за две, три, пет години и им дава повеќе кислород отколку што заслужуваат – рече Ји на собирот „Решавање на нерешливото на Западен Балкан“ во Вашингтон. Тој додаде дека меѓународната заедница моментално нема јасна стратегија за Западен Балкан и оти ЕУ и САД на регионот не му го придаваат значењето што би требало, како и дека е важно ЕУ и САД да имаат единствен пристап. Во меѓувреме иако Македонија, според многу западни извештаи и тврдења, е речиси единствена држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, го реши проблемот со целосно реализирање на спогодбата од Мала Преспа нејасно е зошто сега повторно се издигнуваат безброј нови услови на ниво на критериум за почеток на преговори со ЕУ, се согласуваат аналитичарите.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски не е изненаден од ваквиот развој на политиката на Брисел и на САД кон Западен Балкан. Според него, постојат добро познати причини поради кои Македонија досега не е во ЕУ.

– Да повториме уште еднаш дека во 2025 година веројатно во ЕУ ќе влезе само Црна Гора, а сите други почнувајќи од Србија, која веќе долго преговара како Македонија и другите пред 2032-2033 година немаат шанси да станат членки. Тоа е факт што сега го потврдува и Вашингтон, а позначајно е дека Макрон рече дека нема проширување пред да се реформира Унијата. Франција лесно не си го гази зборот, а тие реформи ќе траат најмалку 10 години. Соочени со оваа вистина Македонија треба турбо да спроведува реформи ако сакаат да напредува на секој план бидејќи тоа е интерес на секој граѓанин – вели Никовски.

За разлика од него, професорот Лазар Лазаров вели дека нема никакви разлики во пораките на Брисел и на Вашингтон кон земјава, кои пристигнуваат во периодов.

– Датумот за преговорите е замислен и испратен од ЕК од 5 јуни минатата година, но тоа не значи дека мора да почне. Всушност, тоа ни го говори и американскиот дипломат. Во превод тоа значи дека треба да се исполнат некои услови како СЈО, справување со корупцијата, реформите во администрацијата и многу други услови од економски карактер. Според мене, најважни се реформите, затоа се брза и се водат овие интензивни преговори меѓу власта и опозицијата, но и покрај сѐ тоа не значи дека датумот е обврзувачки и загарантиран. Во исто време неконстантноста во изјавите на власта околу овој проблем ни укажува дека таа не е сигурна дека сработила доволно на овие полиња што ги напоменав, па оттука може да се каже дека сепак виси датумот за преговори, кој треба да го добиеме во јуни – резимира Лазаров.

[email protected]