Фото: Игор Бансколиев

Речиси две децении во Македонија се практикува пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Во меѓувреме, со години се јавуваат сериозни и аргументирани предлози од различни субјекти за потребата од промена на изборниот модел, воведување една изборна единица и отворени листи, што би придонело за поголема изворна демократизација на државата. Последната ваква иницијатива беше пласирана неодамна од група пратеници од повеќе политички партии. Тргнувајќи од важноста и актуелноста на темата и за детално запознавање на јавноста со оваа проблематика, нашиот весник, потпирајќи се на научно фундирани докази, експертски анализи и искуствени практики, во неколку продолженија ќе ги претстави сите видови изборни системи и модели заедно со нивните карактеристики

Како еден од елементите што се истакнуваат во дебатата за промена на изборниот систем, покрај изборниот модел (мнозински или пропорционален), бројноста на изборните единици и методологијата за претворање на гласовите во пратенички мандати, е и изборниот цензус. Во својата потесна, односно вообичаена смисла, изборниот цензус често се наведува и како изборен праг, а се однесува на избирање кандидатски листи во пропорционален изборен систем, односно означува минимален број гласови, т.е. нивни процент во однос на вкупниот број гласови. Врз основа на постигнувањето на тој цензус (изборен праг), одредена изборна листа може да влезе во претставничкото тело и да учествува во распределба на мандатите.
Во актуелните иницијативи за измени во Изборниот законик со кои се предлага и покоренита промена на изборниот систем, главно се предлага пропорционален изборен модел со една изборна единица, без изборен праг.

– Ако состојбата во државата е нормална, со нормална матрица на однесување, нормално финансирање на партиите…, изборен праг од 1 или 2 отсто би бил сосема соодветен за нашиот изборен систем. Но во толку партизирана и биполарна држава, потонати во корупција со која очигледно никој не сака да се фати во костец, со партизирано заробени институции, неопходно е да се отвори плулралниот простор. Непостоењето на изборниот праг е пред сѐ во интерес на граѓаните. Повеќе анализи укажуваат дека жртва на актуелниот изборен систем во Македонија, со шест изборни единици и Донтовиот метод за пресметување на мандатите, се средно големите партии, кои всушност своите гласови им ги подаруваат на големите партии. Исто така, анализите покажуваат дека со овој систем повеќе од 100.000 гласачи во Македонија што го дале својот глас за некоја средна партија остануваат непретставени во парламентот.

Несомнено, пратеници што произлегуваат од партии надвор од блокот на големите партии ќе донесат еден поинаков модел на однесување во парламентот – вели Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија, која е дел од иницијативата на осум вонпарламентарни партии што предлагаат измени во изборниот систем. Грчева истакнува дека нејзината партија нема проблем со изборниот праг, но неговото непостоење е во интерес на граѓаните. Таа наведува дека и сега на парламентарите избори не пости цензус, но искуствата од последните претседателски избори, кога големите партии стравуваа од него, покажуваат дека сѐ потешко е граѓаните да се мотивираат воопшто да излезат на избори.

Аналитичарите, пак, сметаат дека ако се примени решението за една изборна единица, разумно е воведување барем минимален изборен праг.

– Успехот на оваа иницијатива многу зависи од изборниот праг. Ако се донесе закон за една изборна единица без праг, многу помали партии ќе си обезбедат место во Собранието, барем со еден пратеник, и ќе добиеме многу шаренолик парламентарен состав. Ако изборниот праг е висок, тоа секако нема да им одговара на малите партии, но на големите партии пак не им одговара да нема цензус. Да бидеме искрени, во Македонија немаме толку зрела демократија за изборен концепт без цензус. Кога демократија со традиција како Велика Британија има проблеми со парламентот поради изборниот праг, можеме само да замислиме како би било кај нас. За нашите политички услови во овој миг сметам дека најсоодветна опција е една изборна единица со изборен праг, кој реално ќе ја отсликува тежината на гласот – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на Државната изборна комисија.

Досегашната практика на предизборни коалиции на помалите партии, кои своите кандидати ги пласираа на листите на големите партии, пред сѐ поради изборниот модел, создаде еден политички синдром, на кој укажува Милутин Станчиќ, претставник на Културно-информативниот центар на Србите во Македонија.

– Изборниот модел што функционира речиси две децении создаде една состојба да не може да се измери рејтингот на лидерите на помалите партии на етничка основа, кои коалицираат со големите партии. Пропорционалниот модел со шест изборни единици направи таквите лидери на помалите етнички партии по некаков автоматизам да влегуваат на изборните листи на поголемите партии, и тоа да бидат високо на кандидатската листа, без притоа да им се провери рејтингот. Со овој изборен систем не се знае на пример колку Роми навистина гласале за Амди Бајрам, или колку етнички Срби во Македонија гласале за Иван Стоиљковиќ, а и двајцата речиси две децении се пратеници во Собранието. На тој начин се создава еден синдром на „лажни претставници“, за кои не е позната поддршката од базата. Друг пример, пак, е дека во Македонија постојат дваесетина здруженија на Србите во Македонија, кои се на ниво на невладини организации, а претендираат да бидат претставници на српското малцинство. Со промените на изборниот модел добро е да се најде клуч за соодветна застапеност на припадниците на заедниците во претставничкиот дом – вели Милутин Станчиќ од КИЦ на Србите во Македонија.


Министерката за правда не верува дека партиите ќе се договорат

Министерката за правда Рената Дескоска не верува дека политичките партии ќе се договорат за промена на изборниот модел, што значи дека веројатно ќе останеме со шест изборни единици и пропорционален модел.
Таа најави дека ќе се работи на препораките на ОБСЕ, но тие се однесуваат на мали измени во Изборниот законик. Покрај тоа, рече Дескоска, ќе се отворат и разговори за составот на Државната изборна комисија (ДИК), за изборниот модел, за отворени или затворени гласачки ливчиња.
– Ниедна измена нема да е соодветна ако не се направи со консензус. На политичката сцена имаме целосно спротивни ставови за изборниот модел, имаме партии што се за една изборна единица, други се за намалување, но не за една туку за три или четири. Експерти предлагаат осум изборни единици, имаме политички партии што бараат мнозински изборен модел – посочи Дескоска.


Искуствата во другите земји со изборниот цензус

Најпознат пример на изборен цензус е изборниот систем за германскиот федерален парламент, како и за покраинските парламенти, кој дозволува распределба на мандатите само на оние партии и кандидатски листи што ќе освојат 5 отсто од гласовите. Во Германија, а и во другите земји, неговото воведување се толкува со потребата да се стабилизира политичката сцена, односно пристапот до власта да се ограничи на умерените, а да ги спречи екстремистичките опции од работ на политичката сцена. Од друга страна, изборниот цензус, особено кога е поставен високо (за што како најекстремен пример се наведува Турција, со 10 отсто), е чест пример на критики, со оглед дека со неговото постоење ја компромитира главната цел на пропорционалниот систем, односно ја искривува волјата на избирачкото тело, исто како со мнозинскиот систем, а некогаш дури и повеќе.
На просторот на поранешна Југославија, во повеќето земји се користи изборниот цензус. Во Хрватска тој изнесува 5 отсто (по изборни единици), во Србија – 5 отсто (на државно ниво), а во Црна Гора е 4 отсто (на ниво на држава).

(крај)