Фото: Игор Бансколиев

Македонија во секоја пригода истакнува дека е за решение и дека не сака односите со соседна Бугарија да се обременети со проблеми, туку, напротив, се залага тие да се надминат и двете земји да воспостават искрена пријателска соработка во сите можни сфери

Македонската јавност со доза на воздржан оптимизам ги прими првите сигнали од соседна Бугарија по победата на новата политичка коалиција „Промените продолжуваат“. Тоновите што доаѓаат од предводниците на оваа коалиција, харвардскиот двоец Кирил Петков и Асен Василев, најавуваат поконструктивен пристап во спорот со Македонија, без ставање акцент на историските замешателства од страна на политиката.
И Петков и Василев се деца на „Харвард“, со широки погледи, кои Бугарија ја гледаат како перспективна европска земја, без корупција, со растечка економија, земја што во иднина треба да се наметне со сериозно влијание во овој дел на Балканот, но и во Европа, а не земја што ги кочи европските процеси, која го погазува меѓународното право и која е на европското дно на скалата на сиромаштијата.
– Не треба да се урне целиот процес на добрососедството со Северна Македонија и тие да бидат примени во ЕУ само врз база на еден критериум – историјата – изјави неодамна Петков, притоа додавајќи дека за решавање на прашањето е потребно да се направат правилни работни групи, во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата.
Според него, најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички пароли и цели, нешто што досега беше редовна практика на бугарската политичка сцена.
Несомнено, ваквите изјави влеваат надеж дека од исток почнуваат да дуваат некои нови ветришта и дека има расположение за решавање на проблемите, особено оној со Македонија, кој само ѝ наштетува на Бугарија, бетонирајќи го нејзиниот „темен“ имиџ во Европа, но и дополнително заладувајќи ги односите меѓу двата соседни народа.
Македонија во секоја пригода истакнува дека е за решение и дека не сака односите со соседна Бугарија да се обременети со проблеми, туку, напротив, се залага тие да се надминат и двете земји да воспостават искрена пријателска соработка во сите можни сфери. Рамката на решавањето на спорот не е македонска творба, туку тоа се сеопшто прифатените универзални принципи на меѓународното право, и тоа апсолутното (јус когенс право), како и меѓународните резолуции и декларации за правата на малцинствата.

Токму затоа, Петков и Василев како луѓе од „Харвард“ добро знаат што значи негување на европските вредности и почитување на меѓународното право, така што се очекува да дејствуваат во согласност со своите европски убедувања ако сакаат Бугарија да ја искачат на едно повисоко скалило.
Сепак, иако сè уште не го добиле мандатот за состав на новата влада, некои бугарски националистички кругови почнаа со обвинувања кон нив за наводно предавство на бугарските национални интереси, особено во поглед на Македонија. Петков претходно беше дециден дека без оглед што двете земји мора да си ги бранат националните интереси, истовремено мора да ги почитуваат чувствата на другиот, а заеднички именител од сето тоа би била добивката од добрососедските односи.

Решителни чекори за расчистување со предрасудите

Општиот впечаток што се добива е дека изјавите што доаѓаат во моментот од Бугарија се охрабрувачки и затоа во Македонија одново почна да се подгрева некаква надеж дека можеби кон крајот на оваа година, или на почетокот на следната, би можело да се случи долгоочекуваната прва меѓувладина конференција со ЕУ.
Дали ќе биде така, времето ќе покаже, но сега останува да се види дали Петков и Василев ќе почнат да работат и да се однесуваат онака како што зборуваат, европски.
Се разбира, прв чекор кон тоа е негување на европските вредности и неодложна примена на меѓународното право, во сите нивни аспекти. Тоа подразбира прифаќање на основното право на секој народ да се самоидентификува, неговото право на сопствена држава, сопствен јазик и негова индивидуална перцепција на сопствената историја. Ако на тоа се придодаде и почитувањето на меѓународното право, преку прифаќање на сите пресуди против Бугарија од Судот за човекови права во Стразбур, тогаш се отвора можноста источниот сосед да овозможи малцинствата, вклучувајќи го и македонското, да можат да ги остварат основните малцински права што ги ужива секое друго малцинство низ Европа.
Ова се два чекора што за луѓе со широки погледи, како што се Петков и Василев, се многу мали и незначителни во однос на визиите што тие ги имаат за европска Бугарија, но, од друга страна, отвораат бескрајна перспектива за иден развој на македонско-бугарските односи на такво ниво во кое двата народа ќе можат вистински да се ословуваат како братски, без никакви предрасуди и лицемерство.
Ваквите чекори може да се дополнат со еден анекс во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји потпишан во 2017 година, во кој ќе се дополни дека Бугарија го почитува меѓународното право, вклучувајќи го и правото на самоопределување на секој народ, како и резолуциите на Судот за човекови права во врска со правата на македонското малцинство во оваа земја.

А Петков и Василев како луѓе од „Харвард“ добро знаат што значи негување на европските вредности и почитување на меѓународното право, особено принципот јус когенс, така што се очекува да дејствуваат во согласност со тие принципи, како и со своите легалистички европски убедувања, ако сакаат Бугарија да ја искачат на едно повисоко скалило

Ова е неминовен процес, бидејќи двоецот од „Харвард“ добро знае дека во актуелниот договор помеѓу Македонија и Бугарија постојат низа недоследности токму во делот на правото и на меѓународното право, така што како интелектуалци од висок профил секако ќе најдат начин како да се надмине ова. Единствен вистински пат во рамките на демократските принципи и меѓународното право е да се направи овој прв чекор.
Со ваквиот чин, едноставно македонско-бугарскиот спор може да се смета за решен и реално се отвора можност за брзо формирање на сите комисии што ги спомена Петков, од комисија задолжена за инфраструктурно поврзување, за економска соработка, за туристичка, спортска, научна, културна и секаква друга што би ги доближила двата народа. Тоа, секако, ќе влијае и врз динамиката на работењето на тие комисии, бидејќи ќе се засноваат на искрен и пријателски пристап, со единствена цел бенефиција да имаат граѓаните и компаниите од двете држави.
Петков и Василев како економисти од светски ранг добро знаат дека кавгите во врска со историјата не водат никаде и затоа нивниот фокус е економската соработка и сета енергија ја насочуваат во таа насока, оти се заинтересирани за резултати веднаш и сега, наместо јазот меѓу двете земји поради различното поимање на историјата уште повеќе да се продлабочува, а регионот да се дестабилизира.

Аналитичарите гледаат потенцијал, но остануваат резервирани

Некои од аналитичарите во земјава со извесна доза на претпазливост ги примаат изјавите што доаѓаат од соседна Бугарија, со напомена дека треба да се причека најпрво да се формира влада, па да се види по кој правец ќе тргнат студентите од „Харвард“.
– Имено, иако изјавата на Петков дадена веднаш по изборите предизвика позитивни реакции во Македонија, а и дава надеж за некаков напредок, во неа не само што не се откажува од „историјата“ (само вели дека нема да е најважен критериум) туку најавува подолг и покомплициран процес (со работни групи) за решавање на повеќе прашања во разни области. Тоа може да овозможи реален напредок, но тоа може и да потрае доста повеќе – смета првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски.
Тој со доза на резерва ги прима пораките што доаѓаат од Софија и остава простор по формирањето на владата таму да се разјаснат позициите.
– Ќе треба да почекаме сепак да се формира владата (ако се успее во тоа, што исто така може да потрае и подолго од 14 декември, кога е самитот на ЕУ), па веројатно дури потоа да слушнеме појасни позиции од Петков и таа нова влада за можни решенија во врска со Македонија – нагласува Кржаловски.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, препознава потенцијал кај Петков и Василев да направат некакви чекори што би ги подобриле односите со Македонија, но за тоа е потребно време за да може да се подготви и бугарската јавност.
– Надежно е што овој проект, би го нарекол еден граѓанско-американски проект, претставува едно граѓанско општество што нуди опции. Овие студенти од „Харвард“ се опкружени со луѓе со слични размислувања и се отвораат многу можности и преку најавените комисии – смета Ѓорчев.

Според него, оваа нова политичка опција може по евентуалното формирање влада некаде од следната година да најде начини како на бугарските граѓани да им објасни зошто треба да се крене блокадата за Македонија.
– Во текот на следната година би можело да се најдат алатки преку кои Бугарија би можела достоинствено да им објасни на своите граѓани дека не е добро разбрана со своите пораки до ЕУ и НАТО, особено до САД, и дека треба да се најде еден механизам со кој Република Македонија ќе им стане пријател – смета Ѓорчев.
Тој појаснува дека новите сили во земјата тоа можат да им го објаснат на бугарските граѓани со потребата нивната земја да биде внимателна, добра, човечна и во името на заедничките вредности да дозволат и македонските граѓани да зачекорат по европскиот пат.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски смета дека ставовите на идниот бугарски мандатар оставаат можност за надминување на сите отворени прашања меѓу Македонија и Бугарија.
– За поздравување е неговата заложба во односите меѓу двете држави фокусот да биде ставен и на области како што се економијата, образованието, инфраструктурата итн., а не исклучиво на историјата. Со тоа, надминувањето на сите отворени прашања ќе има поголеми шанси во периодот што е пред нас. Имајќи го предвид личното и професионалното искуство на идниот мандатар, верувам дека тој ќе биде порасположен да ја согледа големата слика и да ги увиди ставовите и на другите држави-членки на ЕУ, на САД, во контекст на стабилизација на регионот на Западниот Балкан – вели Наумовски.