ОДБИВАЊЕТО НА ПРИГОВОРИТЕ ВО ДИК КАКО ПОВОД

По експресното ан блок одбивање од страна на Државната изборна комисија на сите доставени приговори (2.142) од партиите со забелешки за пребројување на гласовите од изборите и други нарушувања на изборниот процес, партиските субјекти имаат можност изборната правда да ја бараат пред Уставниот суд. Иако партиите најавуваа дека ќе го искористат тоа право, сепак до пладне, во текот на вчерашниот ден (вторник, 21 јули), до Управниот суд не беше пристигната ниту една тужбa од политичките партии. ДИК требаше да ги достави решенијата за одлуките до политичките партии, (односно партиите самите да ги подигнат), по што почнува да тече 24-часовниот рок за поднесување тужби. До вчерашното претпладне, решенијата од ДИК за отфрлање или одбивање на приговорите ги подигнале само претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива. По истекот на пет часа откако биле испратени се смета дека примателите ги добиле решенијата. Управниот суд има 60 часа по приемот на тужбите да одлучи по нив.

Едногласното одбивање на приговорите од страна на ДИК, речиси за помалку од 24 часа откако беше истечен рокот за нивно доставување, придонесе во јавноста да се зголемат дилемите што е пресудно за ваквата одлука. Дали при одлучувањето се гледало колку е испочитувана процедурата за поднесување приговори, без да се навлегува во нивната содржина, или влијаеле други фактори.
Колку формата и содржината на приговорите се дополнуваат или си попречуваат меѓу себе, дали се во расчекор и како овие два важни елемента да се доведат во меѓусебна хармонија за заштита на јавниот интерес и за обезбедување беспрекорно чист изборен процес без ниту трошка сомнеж од кого било.
Образложението на ДИК за едногласното одбивање на приговорите на партиите беше дека тие биле „нецелосни, без ниту еден доказ“, имплицирајќи на несериозен однос на партиите.

– Веројатно подносителите си имаат свои причини зошто ги поднеле на тој начин, меѓутоа да поднесете приговор во кој ќе напишете три реченици во кои ќе објасните некоја ситуација за повреда на избирачко право или повреда на постапка за сумирање и утврдување на резултатите, а без притоа да приложите каков било доказ, записник од избирачкото место во кој се гледа дека е ставена забелешка од некој од присутните на гласачкото место од подносителот, а да не очекувате дека некој ќе ви прифати приговор. Тоа нема да се случи – изјави за медиумите по одбивањето на приговорите, претседателот на комисијата, Оливер Деркоски.
ДИК отфрли 1.478 приговори од Левица бидејќи не беа потпишани.

Дерковски тврди дека не е битен печатот туку е потребен само потпис за да се идентификува подносителот и од тие причини како неуредни во согласност со Изборниот законик беа отфрлени тие приговори. Според изјавата на членот на ДИК, Борис Кондарко, дадена на седницата на која беа одбиени приговорите, во јавноста се стекна впечаток дека врз основа на отфрлените приговори од Левица, воопшто не биле разгледувани приговорите од другите партии, на што реагираше професорката Мирјана Најчевска, која беше кандидирана на листата на Твоја партија, која исто така имаше приложено приговори.

– Таквата изјава на членот на ДИК остава простор да се заклучи дека Комисијата прочитала извесен број приговори и воопшто не ги разгледувала сите други пристигнати приговори. Колку и да се бесмислени приговорите, тие мора процедурално да бидат процесирани. На тој начин се заштитува и Управниот суд, да не мора да одлучува за тужби за неспроведена процедура. Неспроведувањето на процедурите е уривање на идеја на правото и на тој начин се дезавуира целата институција. Во конкретниов случај имале проблем со несериозност од двете страни. Од една страна се атакува на системот со затрупување на институцијата со несоодветно подготвени приговори, а од друга страна институцијата не ја почитува процедурата за да се испочитува регуларноста на целиот изборен процес – вели професорката Мирјана Најчевска.

Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, цени дека постапката со приговорите од страна на комисијата е дел од целата конфузија со која ги спроведува изборите и дека оваа институција вторпат потфрла со објавувањето на резултатите од парламентарни избори, како во 2016 така и сега во 2020 година. Новаковски смета дека посериозно постапување по приговорите било шанса за ДИК да ја увери јавноста во регуларноста на изборниот процес, особено по сомничавоста што се појави по падот на системот во изборниот ден.
– Очигледно Државната изборна комисија бирократски се придржува до упатството за постапување по приговори што го има донесено, настојувајќи строго формално правно да го испочитува рокот за решавање, кој сега е 72 часа.

Брзото отфрлање на приговорите не придонесе во разуверувањето на јавноста дека не постојат нерегуларности во пребројувањето на гласовите по падот на системот. Иако можеби голем дел од приговорите не ги содржеле основните елементи на приговор, ДИК требаше барем посериозно да ги разгледа приговорите за пребројување и сумирање на резултатите (макар и по службена должност) како доказ за регуларноста во нивната работа. Колку и да се несериозни приговорите на политичките субјекти, ДИК како државна институција треба сериозно да ја извршува својата надлежност – вели Новаковски.

Покрај сѐ, Новаковски укажува дека целиот изборен процес, од распишувањето на изборите до објавувањето на конечните резултати, го следи и го оценува мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која своите забелешки ќе ги даде во првичниот извештај неколку дена по објавувањето на конечните резултати, а целосниот извештај ќе биде објавен по неколку месеци.