Карикатура: „Нова Македонија“

Анализа: Шесте држави-кандидати што ќе го „нарушуваат“ единството на унијата

Демократскиот дефицит, етничките тензии, корупцијата, недоволното спроведување на законите, како најголеми внатрешни проблеми на земјите во регионот споменати во извештајот на Европската комисија, се причините поради кои европските политичари се скептични за проширувањето. Наводно, ниеден од геополитичките играчи отворено не го саботира процесот за влез во ЕУ на овие држави, но во извештајот се наведува дека токму овие шест држави функционираат како тројански коњи во
надворешната политика и ќе го нарушуваат единството во иднина

Според извештајот на Советодавната група за европска политика на Балканот, тенденцијата на балканските држави да градат врски со нови партнери зависи од евроинтегративниот процес, кој се покажа како побавен од очекуваното.
Намалена е довербата на граѓаните од земјите од Западен Балкан во шансите за влез во ЕУ, како што покажуваат информациите на „Балкан барометар“, со тоа што 26 отсто од нив сметаат дека нивната држава никогаш нема да влезе во ЕУ. Во извештајот се вели дека „лидерите од Западен Балкан имаат шанса да му испратат порака на Брисел дека ако не забрза нивниот процес за влез во Унијата, тие можеби ќе побараат други алтернативи за надворешната ориентација на нивните држави“.

Каков беше, а како е сега статусот во балканската чекалница за ЕУ?

Од 1990-тите години, САД и ЕУ беа најзначајни партнери на балканските држави што сакаат да влезат во ЕУ. Црна Гора и Србија веќе ги започнаа преговорите за влез, Албанија и Македонија се кандидатки што уште чекаат датум за преговори, Босна и Херцеговина (БИХ) поднесе барање за членство, додека Косово не е признаено од пет членки на ЕУ и доста заостанува во процесот.

Албанија и Црна Гора се членки на НАТО, а Македонија влезе во процесот за влез во Алијансата. Косово и БИХ имаат аспирации за членство во воениот сојуз, додека Србија исто така размислува за влез, и покрај тоа што НАТО го бомбардира Косово во конфликтот од 1999 година.

Внатрешните проблеми на шесте држави, како што се демократскиот дефицит, етничките тензии, корупцијата, недоволното спроведување на законите, се причини поради кои европските политичари се скептични за проширувањето. На пример францускиот претседател Емануел Макрон лани отворено изјави дека е против секакво дополнително проширување во блиска иднина.
Од друга страна, владите на државите од Западен Балкан ги поздравија новите инвеститори во регионот, без оглед на поврзаноста и посветеноста на нивните проекти со европските политики. Разни области имаат различни геополитички актери врз кои често влијаат историските врски или религијата. Кина, генерално, се фокусира на економските врски, а Русија и Турција големи напори вложуваат во градењето политички и општествени врски.

Ниеден од геополитичките играчи отворено не го саботира процесот за влез во ЕУ на балканските држави, но во извештајот се наведува дека токму овие шест држави функционираат како тројански коњи во надворешната политика и ќе го нарушуваат единството во иднина.

Кои се најголемите економски партнери на балканските кандидати за ЕУ?

ЕУ сè уште е најголем надворешен трговски партнер на државите од Западен Балкан, со просечен удел од околу 75 отсто. Сепак, инвестициите на другите играчи не треба да се занемарат. Фокусот на Русија е на енергетскиот сектор, а дел од нејзините трансакции се прикрива и се пренасочува преку трети држави.

Кина инвестираше многу во регионот откако во 2012 година беше формирана програмата „16+1“. Државите од Западен Балкан исто така се дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“. Кинеските интереси не се сметаат за важно политичко влијание врз Европа. Сепак, комесарот за европско проширување Јоханес Хан изрази загриженост за кинеските заеми. Според него, некои држави многу зависат од нив и не постојат гаранции дали ќе можат да ги вратат. Во таков случај, тие можат да се изложат на кинеската доминација. Генерално, кинескиот пристап е речиси ист во сите балкански држави. Главен акцент се става на патиштата и на железничките линии.

Од безброј историски причини, Србија има најблиски врски со Русија. Србите го користат нивниот голем православен брат за да го блокираат членството на Косово во ООН, УНЕСКО и во Интерпол. Претседателот Александар Вучиќ ја има поддршката на Западот за конечно да го реши спорот со Косово, но истовремено рускиот претседател Владимир Путин се залага за српски територијален интегритет и суверенитет над Косово. Русија исто така го држи монопол во енергетскиот сектор на Србија, иако целокупниот инвестициски удел во државата не е голем.

За босанските муслимани Турција има исто значење како Русија за босанските Срби. Претседателот Реџеп Таип Ердоган одржува блиски врски со влијателното семејство Изетбеговиќ во Босна. Турција користи неколку инструменти за суптилно наметнување на влијанието за да ја зајакне нејзината позиција. Нејзините институции реновираат џамии и историски споменици, ги поддржуваат локалните муслимански заедници, а Турција исто така има медиумско влијание преку медиумската агенција „Анадолу“.

Колку е силно политички конфесионалното влијание?

Во врска со ова прашање, Македонија и Црна Гора се во слична позиција. Русија таму се фокусира на православната заедница. Руските директни интервенции во домашната политика тешко се докажуваат, но за време на преговорите за решавање на спорот за името меѓу Скопје и Атина беа обвинети руски поединци за обид за саботажа на Преспанскиот договор. Пред овој настан, друг истакнат ваков пример беше руски поддржаниот пуч во октомври 2016 година, за да се саботираат плановите на Црна Гора за влез во НАТО.

Треба да се спомене и влијанието на Турција во овој контекст. Турција се грижи за турските и муслиманските заедници во овие две држави. Анкара нуди стипендии, поддржува студентски размени и извезува турски сапуници, кои ја промовираат турската култура и го слават османлиското минато. Турција и Црна Гора, двете како членки на НАТО, исто така остваруваат соработка во одбранбената индустрија.
Стратегијата на Турција се фокусира на наследството од османлискиот период и на исламот. Целта се заедничкото минато, културното наследство и муслиманското население, поткрепени со сликата на Ердоган како лидер и заштитник на муслиманите.

Турција исто така инвестира во промовирање на јазикот, образованието, културните центри и џамиите. Според невладината организација Прашки институт за безбедност, „разни локални и меѓународни извори го обвинуваат Ердоган дека ги користи идеите за ’братството’, културата и заедничката историја како средства за ширење на исламистичката агенда“. Дефинитивно, присуството на Турција не може да се игнорира, бидејќи таа 500 години владееше со регионот. Неоспорната моќ на Турција во регионов може да се види од настаните лани во март, кога турските разузнавачки служби уапсија шест наставници обвинети за поврзаност со Фетулах Ѓулен, без притоа да биде информиран косовскиот премиер.

Извор: „Еурактив“
Подготвила:
Билјана Здравковска
[email protected]