Фото: Игор Бансколиев

Според некои од здравствените работници, потребни се нови рестриктивни мерки, по примерот на другите европски држави

ПАНДЕМИЈАТА ВО НОВА ПРОЛЕТНА ОФАНЗИВА

Влегува ли Македонија во трет неизвесен бран на пораст на новозаразени од ковид-19 во ситуација кога светот активно врши вакцинација на своето население. Вакцини во земјава нема ни на повидок, освен за здравствените работници, а британската мутација станува сѐ подоминантна.
Во меѓувреме расте процентот на новозаразени од тестирани, а засега нема најави за нови рестрикции. Има ли државата стратегија, дали нови рестрикции се решение, кога ќе има вакцини? Сите овие дилеми се отворени и јавноста очекува одговор.
Граѓаните се во недоумица дали новиот, многу позаразен сој на вирусот ќе донесе и нови рестриктивни мерки? Што треба да преземат надлежните во овој случај? За новите случувања поврзани во вирусот, Комисијата за заразни болести требаше да расправа вчера, но с8 уште не се знае дали ќе предложи нови рестрикции.
Микробиологот Никола Пановски вели дека и да се намалат бројките на заболени следните денови, овој период, секако, може да се дефинира како трет помал бран, кој треба да се надеваме дека нема да биде како вториот бран.

– Ова е пик, а граѓаните и понатаму треба да се придржуваат до веќе постојните здравствени протоколи. Потребни се и нови рестриктивни мерки. Но штом тие не беа во октомври засилени, тоа нема да се случи ни сега, токму поради економијата – објаснува Пановски.
Сепак, тој е оптимист дека бројот на заразени нема да надмине над 1.000 позитивни лица на дневно ниво.
Според последните податоци од Министерството за здравство, во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 419 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 682 и има околу 360 празни болнички кревети во ковид-центрите.

– Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 17 пациенти, во Велес се лекуваат 25 болни, а во Куманово 65 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 56 пациенти, во Прилеп 75, во ковид-центарот во Гостивар шест, а во Струга 19 болни. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 19 пациенти, во Кочани седум, во Кичево осум, во Кавадарци 42, во Гевгелија пет лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на коронавирусот – соопштуваат од ресорното министерство.
Европските земји, пак, преземаат нови рестриктивни мерки. Франција делумно ги затвора регионите кои се нови жаришта. Во Германија се затворени сите училишта, угостителски објекти и трговски центри. Во Шпанија полициски час ќе има до мај. Белгија останува затворена до април.


Статистика низ бројки во текот на една година

НАЈМНОГУ НОВОЗАРАЗЕНИ
Од октомври до декември 2020 година. Просек
600 новозаразени на ден
Најмногу новозаразени во еден ден на 17 ноември
2020 – 1.406 новозаразени

НАЈМНОГУ ПОЧИНАТИ
Од октомври до декември 2020 година. Просек по
30 починати на ден.
Најмногу починати во еден ден на 8 декември –
46 починати.

НАЈМАЛКУ НОВОЗАРАЗЕНИ
Крајот на декември и јануари 2021 година
Најмалку новозаразени во еден ден на 31 јануари
годинава – 61 нов случај

НАЈМАЛКУ ПОЧИНАТИ
Од средината на јануари досега.
Најмалку починати во еден ден на 9 февруари годинава
– четири лица

[email protected]