Неодамнешното откритие за одвојување на огромните санти мраз на Антарктикот и во Гренланд, како последица од зголемувањето на температурите на половите, што го забрзува покачувањето на нивото на морињата, потврди дека не се ублажени најлошите ефекти од климатските промени, како што првично се тврдеше, поради намалувањето на емисијата на стакленичките гасови од пандемијата

Првичниот впечаток дека пандемијата влијае на глобалната клима се чини погрешен

Воведените ограничувања за борба против ширењето на коронавирусот, како карантинот и мерките за физичко растојание, не го намалија колективното испуштање јаглерод и не ги ублажија климатските промени.

Откритие за одвојување огромни санти мраз на Антарктикот

Со оглед на тоа што луѓето низ светот останаа дома за се спречи ширењето на коронавирусот, емисиите на стакленички гасови од енергетската и транспортната индустрија паднаа на рекордно ниско ниво на вредност, што можеби ни дадоа лажно чувство дека се ублажени најлошите ефекти од климатските промени, но тоа не се случи.
Ваквите сознанија се поткрепени од неодамнешното откритие за одвојување на огромните санти мраз на Антарктикот и во Гренланд, како последица од зголемувањето на температурите на половите, што го забрзува покачувањето на нивото на морињата и претставува голема закана за милиони луѓе што живеат во крајбрежните области.
Во меѓувреме, разорните пожари предизвикани од топлите и суви ветрови изгореа милиони хектари шума низ западниот дел на САД, поттикнаа масовни евакуации, однесоа десетици животи и притоа предизвикаа ретка магла со дожд, која се прошири низ целата земја, до Европа.

Во исто време, една од најактивните сезони на урагани, кои се предизвикани од високите морски температури, беше забележана на Атлантикот, а според Си-ен-ен, ураганот „Сали“, кој пред десетина дена премина во втората категорија и се втурна врз Алабама, беше само еден од петте тропски циклони на Атлантикот, што е феномен што се случил само еднаш досега – речиси пред 50 години.

Климатските промени не запираат поради „заклучувањето“

Екстремното време на кое сме сведоци е во согласност со она што можеме да го очекуваме поради климатските промени, изјави за Си-ен-ен професорот Илан Келман од Лондон.
Научниците се согласни дека климатските промени влијаат врз порастот на просечната глобална температура, ги менуваат климатските услови низ светот – температура, влажност и врнежи, што исто така влијаат врз промените на временските модели што ги доживуваат луѓето.
Тие предупредуваат дека покрај воздухот, загреани се и океаните, а топлината поттикнува урагани, кои стануваат сѐ посилни и поинтензивни. Исто така, велат дека потоплите океани и атмосферата се исто така виновни за топењето на ледените површини и глечерите. Наедно, додаваат дека климатските промени што се случуваат денес, за што сведочат екстремните временски случувања, како што се пожарите на американскиот западен брег, се последица на нашите кумулативни емисии од почетокот на индустриската револуција.
Се тврди дека дури и ако ги намалиме емисиите на јаглерод, како што беше случајот за времето на пандемијата, сè додека испуштаме стакленички гасови во атмосферата, нашата планета ќе продолжи да се загрева.

Промената на подобро е можна

Но, сепак, Келман е оптимист. Неговата книга „Катастрофа по избор“ испитува како човечките активности ги претвораат природните опасности во катастрофи и вели дека „заклучувањето“, кое можеби нема да има големо влијание врз ублажувањето на климатските промени на долг рок, сепак, покажува дека промената е можна.
– Долго време бевме уверувани дека промената на општеството прекуноќ не е можна. Целосното затворање ни го покажа спротивното – изјави тој за Си-ен-ен, предупредувајќи дека, сепак, примената на „затварање“ не е одржливо решение кога станува збор за спречување на климатските промени и посочи на неговите економски, социјални и социолошки ефекти и трошоци.
– Ова беше до одреден степен тест за позитивните и негативните страни на, од една страна, можноста, а од друга, на штетата што настанува како последица од тоа. Во секој случај, треба да им помогнеме на луѓето, да создаваме работни места и да го поддржуваме животот, истовремено намалувајќи ги сите форми на потрошувачка. И тоа не треба да се случи прекуноќ – заклучи Келман.