Трибина на Факултетот за безбедност „Заштита од неексплодирани убојни
средства и предизвици“

Воведувањето софтверски и технолошки новитети при отстранување неексплодирани убојни средства и нивната класификација, како и кои се предизвиците во работата на професионалните кадри што се справуваат со проблематиката, се дел од темите на кои вчера се говореше на онлајн стручната расправа организирана од Факултетот за безбедност. На дебатата насловена „Заштита од неексплодирани убојни средства – актуелни состојби и предизвици“ свои излагања дадоа видни професори, преставници на МВР, Министерството за одбрана и на воено-дипломатскиот кор.
Универзитетската професорка Марина Малиш Саздовска во своето експозе на стручната расправа информира дека во државата во тек е спроведување проект што носи име „Вектор“, кој е поддржан од НАТО и кој има цел да изработи специјализирана онлајн програма за детекција на експлозиви, нивна идентификација и класификација според датотеката на ДЗС.
Таа напомена дека оваа алатка е првата од овој вид во нашата земја и главната цел е таа да стане составно средство при работата на пиротехничарите од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и на експертите од Единицата за антитероризам при МВР.
Според професорката, откога проектот „Вектор“ ќе биде комплетиран, што се очекува во 2021 година, неговиот софтвер има можност да влезе во секојдневното работење на професионалните кадри.

Деканот на Факултетот за безбедност, пак, Никола Дујовски во своето обраќање поентира дека работењето на ваквите проекти е реалност во денешно време, а нивната имплементација е од витално значење за работата на институцијата, но и за образовните установи.
– Нема успешно образование ако практиката не го следи тој процес и обратно – изјави деканот.
Директорот, пак, на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Беким Максути, навести дека овој проект и оваа дебата се само едни од многуте што навестуваат динамична работа во иднина и зголемување на обемот на активностите на сите инволвирани институции што ја гарантираат безбедноста на граѓаните во земјата.
На трибината се обрати и д-р Габриела Коскоска, која имаше свој осврт на активностите на МВР во делот со постапување на полицијата кон неексплодираните убојни средства.

Искуства на професионалци

Пиротехничарот од ДЗС Ефтим Митов, кој е координатор и раководител на тимот на македонски експерти, во својот говор истакна дека во земјава годишно во просек има по 120 интервенции во кои пиротехничарите работат на терен и уништуваат пронајдени експлозиви.
Тој посочи дека најголемиот обем на нивно дејствување се областите во струмичкиот, битолскиот и кичевскиот округ, каде што се одвива 90 проценти од нивната работа.
Митов посочи дека при работата овие луѓе секојдневно го ризикуваат својот живот, а алатката од овој тип може многу да им го олесни дејствувањето.
– Идентификацијата со програми може да го олесни работењето на пиротехничарите, кои се вкупно седум во нашата земја. Чисто за споредба, во еден немил настан неодамна полесно се повредија тројца од нашите стручњаци. Тоа е така бидејќи секој ден работиме во ризик, немаме соодветна опрема и возила и свесно си го жртвуваме животот – изјави Митов.
Тој исто така ја подвлече неопходноста од нови вработувања во овој опасен сектор, бидејќи актуелните се малку, но и нивните работни години се при крај, затоа што најголемиот дел од нив се над 60 години, а најмладиот имал полни 53 години.
– Се чини дека надлежните со декади го запоставија овој сектор, а ваквите проекти и дејствувања влеваат надеж дека во иднина ќе се подобри состојбата поврзана со работата во отстранување на експлозивите што ѝ штетат на безбедноста на нашите граѓани – рече Митов.

[email protected]