Фото: Игор Бансколиев

За реален и вистински почеток на вистинско добрососедство, Бугарија и другите соседи членки на ЕУ треба експлицитно и јавно да ја признаат посебноста на македонскиот народ и на македонизмот во ЕУ и, воопшто, во современиот меѓународен контекст

Притисокот на кој е изложена Македонија во поглед на нејзината европерспектива, односно условувања за почеток на преговорите за членство во ЕУ, се претвори во секојдневна пресинг-активност на бугарските политичари и историчари.

Бугарите бараат дополнителни модуси што ќе гарантираат целосно спроведување на договорот

Некои од последните информации поврзани со бугарските активности за блокирање на преговорите за Македонија, говорат за идејата на Софија да бара потпишување на посебен документ од владата во Скопје со кој ќе се гарантира целосно спроведување на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Во документот, кој според дипломатски извори се нарекува „Објаснувачки меморандум“ кој официјална Софија ќе го прати до ЕУ, и кој содржи шест страници, се бара Договорот за добрососедство да биде составен дел на преговарачката рамка. Во т.н. Објаснувачки меморандум за односите меѓу Бугарија и Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ токму Бугарија ќе наметне уште еден услов за нашата земја, а имено експлицитно да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија. Во документот на официјална Софија стои дека „Тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи“. Според истите дипломатски извори, во објаснувачкиот меморандум ќе стои и дека „Македонија мора да ги прифати сите бугарски позиции кои се однесуваат на историјата, учебниците, Гоце Делчев и други револуционери, отстапување од именувањето на бугарската војска од Втората светска војна како фашистичка“.. и неколку други прашања, кои се всушност дел од темите кои треба да ги усогласи заедничката Комисија за историско-образовни прашања.

Бугарија ќе бара овој документ да биде вграден во преговарачката рамка за Македонија, или повторно да биде потпишан билатерално. Во која и да е варијанта, доколку Македонија не ги прифати овие соседски барања, Бугарија нема да отстапи од намерата да ја блокира првата меѓувладина конференција на крајот од декември со која би започнале македонските преговори за членство во ЕУ.
Нема добрососедски односи од сосед што го прогласува за непостоен својот прв сосед како народ, јазик и историја

Инсистирањето на Бугарија спроведувањето на Договорот за добрососедство да биде внесен во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија претставува отворена намера за деноминација на Македонците и македонизмот во процесот на евроинтеграциите. Тоа не го кријат ни самите бугарски политичари, кои во јавноста најбезобѕирно и официјално пласираат закани во контекст „се откажавте од името, ќе се откажете и од историјата“. Прифаќањето на таквите бугарски позиции во документите на ЕУ би значело своевидно делегитимирање на ЕУ и меѓународното право, но и давање легитимитет на нивните нецивилизациски, дури во поширок контекст и геноцидни, намери за деградирање на македонската посебност во европското семејство на народи.
– Самиот Договор за добрососедство со Бугарија како содржина е крајно асиметричен на штета на Македонија. Доколку ЕУ искрено поддржуваше добронамерност и добрососедство, ќе влијаеше на формулациите во содржината на договорот, ставајќи ги двете страни во рамноправна позиција. Самиот момент што во договорот како една од основите на добрососедството, во членот 8, се поставува историјата, преку обврската за формирање заедничка историска комисија и заедничко чествување личности и настани од минатото, ја става Македонија во подредена позиција како земја-кандидатка наспроти позицијата на земја-членка што има можност да условува во текот на целиот процес на преговарање. Наведувањето за споделување на историјата преку чествување заеднички личности и настани, без да се определи во договорот што значи „заедничка историја“, остава простор за уцени на бугарската страна, на кои актуелно сме сведоци – вели историчарката Наташа Котлар.

Во текот на целиот процес на работата на македонско-бугарската комисија за историско-образовни прашања, која имаше седум-осум средби во две и полгодишен период, но и пауза од десет месеци, постојано се надвиснува токму проблемот на непрецизната дефинираност на синтагмата „заедничка историја“. За бугарскиот дел од комисијата тоа значи исклучиво прифаќање на нејзините историски гледишта, додека македонската страна како да се обидува само да го омекне ваквиот бугарски тврд став со одредени компромиси. Сега се чини дека по прашањето за македонскиот револуционер Гоце Делчев е дојдено до точката во работата на комисијата, која ќе влијае и ќе го одреди посебниот национален статус на Македонија и Македонците во ЕУ и во историјата.
– Во историската наука се зборува за споделување одредни настани и личности од минатото, но притоа не се оспорува и негира посебноста на историската вертикала на некој народ и нација. На пример, можеме да зборуваме за споделени историско-културолошки моменти со народите што биле дел од Отоманската Империја и федерацијата Југославија, како што за такво споделување може да се говори и за народите што биле дел од Австро-Унгарија. Но притоа секој народ си ја зачувал својата идентитетско-културолошка посебност и имал сопствен историски развој .

И денес никој не помислува тоа да им го оспорува и таквиот момент на меѓусебно признавање претставува основа за добрососедство. Она што ѝ се остава како можност на Бугарија да ги „протне“ своите вековни аспирации спрема Македонија како услов за членство во ЕУ, преку Договорот за добрососедство, е целосно спротивно на сите дефиниции за добронамерност и добрососедство – вели Наташа Котлар.

Бугарија и другите соседи членки на ЕУ треба експлицитно, јавно и јасно да ја признаат посебноста на македонскиот народ и на македонизмот во ЕУ

Симптоматичната конзервативност на бугарските историски гледишта и обидите за нивно претставување како „европска вредност“ преку уцените за Македонија, всушност, претставуваат целосен антипод на основните принципи на кои е втемелена ЕУ за заемно почитување, рамноправност, право на самоопределување и самоизјаснување. Преку инсистирањето за македонската страна практично самата да се откаже од својата историско-културолошка посебност, со обврзувачки документ за прифаќање на бугарските аспирации уште од 19 век, всушност креира дефиниција за антиевропски и антицивилизациски вредности. За вистински почеток на модерно добрососедство, Бугарија и другите соседи членки на ЕУ треба експлицитно и јавно да ја признаат посебноста на македонскиот народ и на македонизмот во ЕУ и, воопшто, во современиот меѓународен контекст.

– Неприфатлив е во 21 век и самиот факт што историјата на македонскиот народ е во рацете на шестмина историчари што треба да го спроведат Договорот со Бугарија. Неприфатливо е да дозволиме да добиеме цензурирана комисиска историја и за настаните до 1944 година да учиме од бугарски учебници. Притоа, меѓу другите уцени од бугарска страна, се бара да се прифати негација на историски документи што постојат во светската историја, за тоа кој на која страна бил во Втората светска војна. Актуелниот договор за добрососедство со Бугарија претставува наведување на харикири за македонскиот национален идентитет и државност, што претставува деградирање и дерогирање на цивилизациските вредности и основните принципи на меѓународното право – вели историчарот Тодор Чепреганов.