Во реалноста, во практиката, Договорот од Преспа покажа дека не е формула за решавање на отворените проблеми. И покрај неговата крајна асиметричност и сите забележани недостатоци укажани од наша страна, ние поверувавме во него и во меѓународната заедница. Попусто. Договорот само ги изнесе на површина европската лицемерност и неконзистентност во исполнување на дадените ветувања, а патем отвори и продлабочи дополнителни недоразбирања и различни толкувања меѓу потписниците на документот, кои допрва ќе испливуваат на површина…

На „Преспа форумот за дијалог“ доминираа виртуелни афирмативни сценарија со пофалби за Македонија

Три години поминаа од потпишувањето на Преспанскиот договор, кој за меѓународната заедница и натаму претставува пример како треба да се надминуваат нерешените спорови. Но за Македонија и за дел од земјите во регионот, кои сè уште имаат отворени прашања, овој договор во практиката се покажа како еклатантен пример за тоа како европскиот клуб на привилегирани ги изигрува своите партнери.
– Договорот покажа дека ниту еден проблем не е нерешлив, за секое прашање, спор има решение, за тоа се бараат лидерство, храброст, решителност и почит, што е потребно во голема мера во овие времиња и да се гледа напред и да се вложува повеќе за начинот, на кој можете да обезбедите одржлив пат за вашиот народ. Договорите се секогаш тешки, но можни, а Преспа е одличен пример од регионот дека Балканот може да испорача резултати и со поддршка на ЕУ и меѓународната заедница можат да се случат невозможни нешта – порача поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, од Форумот во Охрид.
На иста линија со Могерини се и поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, и поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, сите со заедничка констатација дека Договорот од Преспа е пример како да се решат проблемите.

Но во реалноста, односно токму во политичката практика, Договорот од Преспа покажа како всушност не треба да се решаваат отворените проблеми, бидејќи ги изнесе на површина сета европска лицемерност и неконзистентност во исполнување на дадените ветувања, а патем отвора дополнителни недоразбирања и различни толкувања меѓу потписниците на документот, кои допрва ќе испливуваат на површина.
Не толку одамна, Скопје во краток временски период го посетија голем број европски високи функционери и политичари, кои тврдеа дека со решавање на проблемот за името повеќе нема да има пречки за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Македонија го смени името и три години потоа е на истото место како и пред промената на уставното име, заглавена со вета и блокади и без извесна европска перспектива.
Од тие причини сега се крајно лицемерни изјавите на Могерини, Хан, Робертсон и на преостанатите дека Договорот од Преспа е некаков пример и инспирација за другите земји, кога и самите добро знаат дека овој договор е само една голема зафрканција на Македонија. Добро го увидоа тоа и земјите од соседството што имаат отворени прашања, па затоа не сакаат да ја повторат грешката што ја направи земјава.
– На „Преспа форумот за дијалог“ доминираат пофалбите за Преспанскиот договор и укажувањата дека може да се користи како основа („блупринт“) за решавање и на други спорни прашања во регионот и пошироко. На Форумот говорници се главно личностите вклучени во неговото донесување и неговите директни протагонисти (пр. како Заев и Ципрас), па тоа е и очекувано – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, она што е впечаток меѓу присутните на Форумот е дека токму тоа што толку многу луѓе треба да го истакнуваат и/или „бранат“ Преспанскиот договор ја покажува неговата главна слабост – малата прифатеност и поддршка во јавноста (а според поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и ниското ниво на негово исполнување по три години од донесувањето).
– Сè на сè, ќе треба повеќе (или многу повеќе) време за Преспанскиот договор да ја покаже својата вредност (или не), а почетен чекор за воопшто да се препорачува како добар пример, ќе е почеток на преговорите на Македонија со ЕУ – смета Кржаловски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека е логично меѓународната заедница да го брани Преспанскиот договор.

– Моделот на Преспанскиот договор не е применлив како што е и логично меѓународната заедница да го брани оти таа го подготви. Има позитивни елементи во делот што земјава стана членка во НАТО и се избриша референцата БЈРМ, но не го испорача почетокот на пристапните преговори – вели Андревски.
Според него, изјавата на Могерини не е чудна затоа што политичарите што застанаа зад Преспанскиот договор ќе продолжат да го гледаат тоа како успех, оти во спротивно би морале да признаат неуспех.
– Не може меѓународната заедница да посветува толку долго внимание, речиси 30 години, како што беше случајот со името на Македонија и за другите проблеми на Балканот. Затоа тие сега го афирмираат овој договор, а ветувањето што го даваат е врз принципот ако се реализира добро, ако не, никому ништо – заклучува Андревски.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека Преспанскиот договор не само што не ги решил проблемите туку отворил и нови.
– Преспанскиот договор не ги реши, туку ги отвори проблемите.

Еве сега ни направи и проблем со Бугарија. Она што го говорат политичарите на самитот во Охрид во врска со Преспанскиот договор и неговата инспиративна улога, можам само да кажам дека тоа се само општи фрази, голи пароли и ништо повеќе. Ова е само замајување на јавноста од што ние немаме никаква полза – вели Јањатов.
Според него, Преспанскиот договор повеќе ѝ нанел штета на земјава отколку некаква полза.
– Како ваков договор ќе ја инспирира една Србија да се спогоди со Косово? Ете ние влеговме во НАТО и што понатаму? Што се смени квалитетно во животот на македонските граѓани? Ова е обичен фестивал. Се собираат, дискутираат и се расфрлаат со голи фрази, ништо повеќе од тоа. Ако сакаа нешто да направат, можеа да го направат тоа, но не го направија – констатира Јањатов, притоа додавајќи дека нема место за никаков оптимизам.