Иако сè уште нема конкретни анализи во Македонија, сепак, според личните искуства што ги имаат лицата што биле позитивни на вирусот, но и според искуствата на лекарите, над педесет последици може да се влечат и со недели откако едно лице ќе биде излекувано од ковид-19

Замор, немање физичка сила, често гадење, главоболка, опаѓање на косата се само дел од симптомите со кои најчесто се соочуваат оние што прележале ковид-19. Чести се и случаите на покачени параметри на шеќерот во крвта, кои се стабилизираат дури по еден или два месеца. Многумина сметаат дека со прележувањето на вирусот без сериозни симптоми завршуваат и проблемите, но искуствата покажуваат дека коронавирусот може да остави последици врз здравјето на луѓето.
Со какви сѐ постковид-симптоми се соочуваат лицата што прележале ковид-19, колку долго трае продолжената ковид-симптоматологија, дали во Македонија има анализи за постковид-состојбата на пациентите, колкумина од оние што го прележаа вирусот посветуваат внимание на евентуални промени на нивното здравје? Дали можеби се потребни поредовни прегледи?
Сите овие дилеми стануваат сѐ почести, откако светските научници откриваат многу нови моменти околу влијанието на вирусот кај лицата што се соочиле со него. Речиси сите истражувања посочуваат на одреден процент прележани што имаат сериозни здравствени последици по прележувањето.
Иако сè уште нема конкретни анализи во Македонија, сепак, според личните искуства што ги имаат лицата што биле позитивни на вирусот, но и според искуствата на лекарите, над педесет последици може да се влечат и со недели откако едно лице ќе биде излекувано од ковид-19.

Да се отворат центри за рехабилитација од постковид

Матичните доктори се првата линија што директно се соочува со ковид-позитивните. Велат дека имаат многу пациенти со прележан ковид-19, кои потоа се жалеле на одредени симптоми.
– Оние што биле на болничко лекување и на кислородна поддршка потоа имале проблеми со белите дробови, а има и такви што добиваат миокардит, или ослабнување на срцевиот мускул. Често има лица со покачени Д-димери, состојба што ја регулираме со терапија. Има и такви со покачен шеќер, како последица на воспалителни процеси во организмот – објаснуваат тие.
Сепак, апелираат на повеќе превентивни прегледи, иако посочуваат и дека се чека за термини за закажувањата за ехо-прегледи или специјалистички прегледи.
Микробиологот Никола Пановски вели дека последиците од ковид-19 можат да бидат сериозни.
– Има луѓе што по прележувањето останале инвалиди и им се намалил квалитетот на животот. За таа цел, потребно е да се отворат центри за рехабилитација, особено на нервно и на кардиологија – посочува тој.
Според него, странските земји веќе сериозно работат во оваа насока и имаат одделенија наменети за симптомите од постковид.

Еден од тројца имаат постковид-симптоми

Според најновата студија на Универзитетот во Оксфорд и Британскиот национален институт за здравствени истражувања (НИХР), еден од тројца заразени со коронавирус имаат барем еден симптом на долгорочен ковид, од три до шест месеци по инфекцијата.
Истражувачите сега „фрлиле нова светлина“ на обемот на проблемот откако проучиле повеќе од 270.000 луѓе што закрепнале од коронавирусот во Соединетите Американски Држави, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Откриле дека 37 проценти од пациентите имале барем еден продолжен симптом на ковид, дијагностициран од три до шест месеци по инфекцијата.
Најчестите симптоми се проблеми со дишењето, стомачни симптоми, замор, болка и вознемиреност или депресија.
– Резултатите од студијата потврдуваат дека значителен процент од луѓето, од сите возрасти, може да бидат погодени од серија симптоми и тешкотии во шест месеци по инфекцијата со ковид-19 – изјавил д-р Мак Такет, академски клинички соработник на НИХР.
Според една студија објавена во списанието „ПЛОС медицин“, продолжените симптоми на ковид се почести кај оние што биле хоспитализирани, а исто така и нешто почести кај жените. Сериозноста на инфекцијата, возраста и полот влијаеле на веројатноста за продолжени симптоми на ковид.
– Различни фактори, исто така, влијаеле на тоа кои од симптомите луѓето најверојатно ќе ги доживеат. На пример, постарите мажи и жени имале тешкотии при дишењето и когнитивни проблеми, додека помладите мажи и жени имале повеќе главоболки, стомачни симптоми и вознемиреност или депресија – се вели во студијата.

Страдање во тишина

Истражувачите ја фатиле прогресијата на симптомите кај пациентите со текот на времето. Симптомите оделе од мозочна магла и халуцинации до премор и тинитус, кои вклучуваат 10 органски системи во телото, а една третина од симптомите продолжуваат да влијаат на пациентите најмалку шест месеци.
Атина Акрами, научничка од Универзитетскиот колеџ во Лондон, за британските медиуми вели дека многу клиники за постковид во Велика Британија се фокусирале на респираторна рехабилитација.
– Точно е дека многу луѓе имаат тешкотии при дишењето, но тие имаат и многу други проблеми и симптоми што клиниките треба да ги третираат – посочила таа.
Според неа, десетици илјади пациенти со ковид, веројатно, ќе страдаат во тишина, зашто не се сигурни дека нивните симптоми се поврзани со ковид-19.

[email protected]