Веднаш по претседателските избори во САД, европските и американските елити тргнаа во голем зафат за промена на американската политика кон Европа и ЕУ, како и за обнова на стратегиското трансатлантско сојузништво и партнерство

Анализа за новите стратегиски насоки на односите меѓу САД и ЕУ (2)

Со заклучокот се согласуваат и геополитичките аналитичари, деловните здруженија од областа на економијата и финансиите, како и водечките политички фактори во САД и во ЕУ – неопходно е да се надминат разликите и спротивставените интереси, да се усогласат меѓусебните односи, да се зајакне заедништвото и, на тој начин, повторно да се обнови моќта на трансатлантската интеграција на глобално ниво, а сѐ со цел за почитување на интересите на двете страни на Атлантикот. Според нивните процени, за да се постигне ова, мора да се надминат жестоките полемики што ЕУ ги води со администрацијата на Трамп, која на обидот на Брисел и Берлин да станат рамноправни на глобално ниво со Вашингтон одговори со тврди политички и економски мерки. Тие вклучуваа наметнување дополнителни царини и секундарни санкции за европските компании, обиди да се попречи изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, како и напорите да се „разниша“ унитарната надворешна политика на ЕУ по пат на цврста интеграција на Полска и земјите од Балтикот во рамките на американската стратегија.

Заеднички проблеми на ЕУ и САД, кои бараат единствено решение

СВП сугерира дека поради ескалираните кризи и конфликти – од пандемијата на ковид-19 и придружната економска криза, па до климатските и генерални глобални промени – и подемот на Кина на меѓународната сцена, сега, повеќе од кога било порано, потребен е координиран заеднички пристап кон глобалната политика од позиција на обединет Запад.
Иако американската и европската страна се обидуваат да дефинираат нова заедничка и унисона политика, истовремено и двете сакаат да ја задржат слободата за независно надворешнополитичко дејствување – секако, во согласност со сопствените стратегиски цели.
– Наша цел е европски суверенитет – нагласува во изјавата за неделникот „Велт ам зонтаг“ германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас. – Америка и Европа имаат различни ставови во поглед на Русија и Кина, Блискиот Исток, Африка и индопацифичкиот регион, но токму тие различни пристапи може да послужат за остварување на заедничката цел и да ги зајакнат меѓусебните односи – додава Мас.
Така, американската и европската страна на трансатлантскиот комплекс ќе ги задржат различните ставови за одделни меѓусебни и меѓународни сегменти и ќе продолжат да се борат за нивните, честопати дивергентни интереси.

Иако нема да се согласуваат во сѐ, полека расте консензусот дека евроатлантската интеграција сепак мора да има единствен или барем поусогласен пристап кон остатокот од светот. Всушност, ова е основната претпоставка на идните сојузнички чекори, кои би следувале по зајакнувањето на меѓусебните односи. Според заедничка процена, се работи за реконструкција на нарушениот меѓународен глобален поредок, кој е последица од активностите на Кина и Русија на глобално ниво и регионалните актери во одредени кризни жаришта. Со други зборови, основен предуслов за обнова на светскиот поредок под американско и европско водство претставува токму консолидацијата на трансатлантската интеграција.
Според американските и европските поддржувачи на враќањето на квалитетното партнерство меѓу САД и европските сојузници, сега е повеќе од јасно дека Русија и Кина не се единствениот проблем, туку дека тука се и сѐ побројните регионални „играчи“, кои отсуството на САД како светски полицаец и постојната слабост на ЕУ во однос на надворешнополитичкиот пристап вешто ги користат за непречено реализирање на сопствените геополитички агенди, често спротивни на интересите на САД и Европа и на штета на нивниот сојуз.
Се разбира, во фокусот на приказната е Турција, членка на НАТО, која сѐ повеќе го избегнува влијанието на своите американски и европски сојузници.

Единствена пречка за целосен раскол во овој случај претставува геополитичкиот факт дека ниту една од страните не може да си дозволи разделба. Американската и европската страна не сакаат да навлезат во подлабок судир со Турција, не само заради зачувување на стабилноста на НАТО, туку и затоа што Турција, според меѓународното право на контрола над Босфор и Дарданелите, го има најважниот клуч за пристап до Црно Море. Ни Турција не сака конфликти со моќните американски и европски економски и воени партнери, но, сепак, и понатаму ја тера својата агенда за зголемено влијание на сите простори од поранешното Османлиско Царство.
Секако, тоа ја доведува до директен судир со сојузниците, бидејќи ги загрозува нивните геополитички и економски интереси во Северна Африка и на Блискиот Исток. Анкара е во спор со Вашингтон за курдското прашање, а клучен проблем во француско-турските односи е поделбата на нафтениот плен во разорената Либија и бизнисот со гас во источниот дел од Медитеранот. Освен тоа, Франција ја поддржува Ерменија, а Турција е на страната на Азербејџан и длабоко политички, воено и разузнавачки се вклучи во новата фаза од војната, во чија креација и подготовки најверојатно и самата учествуваше, пишува Стефанов за „Геополитика њуз“.

Геополитичките стратези сметаат дека Турција ќе продолжи со овој тренд, па затоа расте потребата од заштита на западните интереси, особено во Северна Африка, на Блискиот Исток и во Медитеранот – но сега не само од конкурентските глобални џинови Кина и Русија туку и од сопствените воени сојузници. Згора на тоа, синџирот на напнатост на јужното крило на НАТО – Грција и Турција – од година на година сѐ повеќе расте.
Сево ова што е наведено претставува само дел од заедничките проблеми на ЕУ и САД, кои бараат единствено решение и упатуваат на јакнење на меѓусебните стратегиски врски. Оттука, неопходно е повторно усогласување на политиките и активностите помеѓу овие две сили, како и здружено потпирање на евроатлантскиот интеграциски комплекс, пред сѐ на НАТО.
Американските и европските стратези поаѓаат од логичниот заклучок и најверојатната премиса дека сѐ поголем број регионални актери (како Турција), по угледот на Кина и Русија, сѐ почесто ја злоупотребуваат неусогласеноста помеѓу САД и ЕУ. Според нив, единствено решение е брзо зајакнување на американско-европското сојузништво и реафирмација на трансатлантските интеграции, за сплотеност во дејствувањето со употреба на дипломатски, економски и воени инструменти.
Дали обновата на поранешната моќ на нарушената трансатлантска врска е само илузија или, пак, постои реална волја и способност кај САД и ЕУ за една ваква сериозна задача – останува да се види во иднина. Меѓутоа, едно нешто е сигурно: по американските избори и во периодот по пандемијата следуваат големи промени и нова динамика во односите на меѓународната сцена, како на глобален план, така и на територијата на цела Европа.

Гледано објективно, најповолна опција за западните сили во постојниот геополитички мозаик на моќ се зајакнувањето и „армирањето“ на американско-европското партнерство, а врз основа на него, демонстрација на моќен заеднички настап на глобалната сцена. Сепак, за да се постигне тоа, потребно е да се надминат големите меѓусебни разлики и спротивставените геополитички и економски интереси. Она што во моментов го пласираат јавно поединци од американски и европски политички и економски кругови, укажува дека постои начелен консензус за овие прашања. Но тоа не мора да значи ништо, бидејќи често начелната согласност и практиката на дејствување не се совпаѓаат во реалноста.

Марио Стефанов