Фото: Маја Јаневска-Илиева

И во случајот со Грција, а сега и со Бугарија, Македонија немаше спор, туку само два ултиматума. Спор е ситуација кога и двете страни имаат побарувања и настојуваат да најдат компромис, во кој можеби некој повеќе ќе добие или загуби. Но и во двата случаја, Македонија немаше никакви побарувања, туку само уцени, односно да плати откуп за своето право на евроинтеграции, без никакви гаранции од другата страна дека нема повторно да уценува. Уцените од соседите за Македонија и нејзините евроинтеграции се случуваат надвор од принципите на праведност и принципот на немешање во внатрешните односи на државата, што е основен принцип во меѓународното право

Бугарскиот пакет за Македонија крие многу опасни замки

Наспроти сѐ поизразената категоричност на Бугарија за уште една потврда на нејзиното вето за македонските евроинтеграции на претстојниот самит на ЕУ, под словенечко претседателство, наративот што македонските политичари го пласираат во јавноста, па во голема мера поддржан и од меѓународните претставници, е дека решението на билатералниот спор е близу и мора да се забрзаат процесите за постигнување некаков договор врз основа на бугарскиот предлог, т.н. „5+1“. Заинтересираноста и инсистирањето на барање решение од земјите-членки на ЕУ (па и на САД) за брз почеток на преговорите за членство во Унијата на Македонија (во пакет со Албанија), Бугарија го смета за политички притисок врз неа, додека во македонската јавност сериозна загриженост предизвикува нетранспарентноста на одговорите од македонска страна на предлозите од документот „5+1“, односно што конкретно содржат на „удобните решенија“ за кои говореше вицепремиерот Артан Груби. Сомничавоста во Македонија е дополнително зголемена од нагласувањето на моментот на итност за постигнување договор, како и од можноста на прифаќање на бугарските услови што имплицираат самооткажување од македонскиот национален идентитет, историски континуитет и автохтоност на македонскиот јазик.
Додека македонската јавност добива дозирани информации за текот на преговорите за условите на Бугарија, специјалниот македонски преговарач Владо Бучковски во неодамнешно интервју за бугарски медиум изјави дека „сме многу близу до решение, но на моменти изгледа дека сме толку многу далеку“ и дека во Македонија „со симпатии се гледа на пораката (на идниот мандатар за Владата на Бугарија, Кирил Петков) дека ќе има поинаков пристап“ во решавањето на македонско-бугарскиот спор.
– Се разговара за пет теми. Шестата ја додаде претседателот Радев, за тоа дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија кога го користи името C. Македонија. Дека Република C. Македонија нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија. Трето, дека заедно ќе бараме мерки за да се победи говорот на омраза и тука има повеќе точки. Четврто, декларацијата усвоена од македонскиот парламент во 2006 година за рехабилитација на македонските граѓани што имаат бугарски идентитет. И петто, што е многу важно, но не и најважно – почесто да се среќаваме со нашата заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања – изјави во интервјуто преговарачот Бучковски, осврнувајќи се на содржината на разговорите меѓу Македонија и Бугарија, во контекст на предлогот „5+1“.
Сепак од другите официјални македонски политичари вклучени во процесот на евроинтеграциите на земјава, и покрај изјавите со мотивирачка надеж, нема поконкретни информации за одговорите на бугарскиот предлог „5+1“. И на прашањето од „Нова Македонија“ до македонското МНР, во контекст на содржината на евентуален анекс на Договорот за добрососедство, за што веќе отворено се шпекулира во јавноста, не добивме одговор. Таквиот молк, оправдано, наведува на сомничавост и анализа на невралгичните точки од предлогот „5+1“, кои може штетно да се одразат на Македонија и македонскиот национално-историски идентитет. Амбасадорот Ивица Боцевски изразува сомнеж и загриженост дека новиот договор, или анекс со Бугарија е завршена работа, а сега само се гледа како да ѝ се претстави на македонската јавност.

– Најпроблематичниот момент на бугарскиот предлог „5+1“, кој се наметна како некаква основа во преговорите за повлекување на бугарското вето за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, е што тој е спротивен на математичката логика. Со барањата што ги наметнува бугарската страна, „5+1“ не е еднакво на „1=5“, како што треба да биде според принципите на логиката. Тоа значи дека секаков договор заснован врз овие предлози нема да рефлектира реципроцитет на македонска страна. Односно, Бугарија бара внесување во македонскиот устав на македонски граѓани со самочувство на Бугари, дури и некаква нивна рехабилитација според нашата декларација од 2006, како „жртви на комунизмот“, но не ни помислува за реципроцитет во својот устав во однос на бугарските граѓани што се чувствуваат како Македонци. Напротив, грижата на македонската држава за македонското малцинство во Бугарија ја смета за мешање во нејзините внатрешни работи. И понатаму е спорна бугарската позиција, односно повикување на декларацијата на нивното собрание за делот од заедничката историја, која тие ја сметаат исклучиво како бугарска, но и таа за македонскиот јазик како „дериват“ на бугарскиот… Македонскиот јазик никако не може да извира од бугарскиот јазик, туку си има своја автентична лингвистичка генеза од говорот на етничките Македонци низ историјата. Всушност, македонскиот народ до 1912 година живеел етнички обединет. Не би имало проблем со политичко-правен предлог за македонско-бугарскиот спор доколку тој не ја исклучува логиката. Но логиката не се гледа во предлогот „5+1“. Она што е уште позагрижувачки е што од македонска страна, јавноста добива информации на капки, а од изјавите на премиерот Заев може да се заклучи дека договорот е завршена работа и сега се гледа како тоа да ѝ се претстави на јавноста – вели амбасадорот Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Универзитетскиот професор, филозоф и поранешен пратеник во македонското собрание Ферид Мухиќ смета дека Македонија, всушност, повторно дејствува под ултиматум, спротивен на принципите на праведност и на меѓународното право, со што го губи својот меѓународен рејтинг, авторитет како држава со релевантен фактор во меѓународните односи.
– И во случајот со Грција, а сега и со Бугарија, Македонија немаше спор, туку само два ултиматума. Спор е ситуација кога и двете страни имаат побарувања и настојуваат да најдат компромис, во кој можеби некој повеќе ќе добие или загуби. Но и во двата случаја Македонија немаше никакви побарувања, туку само уцени, односно да плати откуп за своето право на евроинтеграции, дури без никакви гаранции од другата страна дека нема повторно да уценува. Уцените од соседите за Македонија и нејзините евроинтеграции се случуваат надвор од принципите на праведност и принципот на немешање во внатрешните односи на државата, основен во меѓународното право. И сега, со овој предлог „5+1“ на Бугарија, таа си дозволува да има побарувања за менување на македонскиот устав, но никако не дозволува да се помисли на реципроцитет: колку права за Бугарите во Македонија толку и за Македонците во Бугарија. Сите точки од предлогот имплицираат дерогирање на основните човекови права, за самоопределување и себеименување, од Повелбата на ОН, имплементирани и во темелните документи на ЕУ… Македонија е уценета да се откаже од сите овие права, за да почне преговори со ЕУ, а притоа Бугарија не дава никаква гаранција дека ќе го тргне ветото, или дека нема понатаму да го користи. Избрзаното прифаќање на ултиматумите, дури и да добие почеток на преговорите со ЕУ, на Македонија драстично ќе ѝ ги дерогира угледот и достоинството на меѓународен план, како рамноправна членка и во ЕУ, но и во другите меѓународни односи – вели професорот Ферид Мухиќ.