Фото: Игор Бансколиев

Секоја од армиите во светот и во НАТО, во која полноправно учествува и нашата земја, си има свои пропишани акти што ги содржат правилата за изгледот на војниците. Секако, во тие правила се инкорпорирани и традициите за „изгледот и ликот на еден војник или офицер“, кои произлегуваат од нивните историски, културолошки и други основи

Изгледот на еден војник ставен во релација на почитувањето на човековите и верските слободи

Воспоставувањето различни стандарди во однос на надворешниот изглед на војниците произлегува од примената на воено-безбедносните и хигиенски критериуми, но е приспособено и на различните услови во кои се извршуваат воените обврски. Во некои земји се раководат и од традиционалните и верските обичаи на населението. Во војските во Европа и во светот постојат различни правила за (не)носење брада на војниците.

Случаите во Босна што предизвикаа внимание во пошироката јавност

Правото за носење брада во војската со висок интензитет беше предмет на меѓупартиските и меѓунационалните дебати во Босна и Херцеговина. Ако за една национална заедница тоа преставува израз на почитување на човековите и верските слободи, за други тоа претставува наметнување „моноетнички и верски модел во војската“. Уставниот суд на БиХ, по изјаснувањето за иницијативата на Бакир Изетбеговиќ, претседателот на водечката партија на Бошњаците, донесе одлука дека војниците во Вооружените сили на БиХ имаат право да носат брада. Уставните судии, како што пренесоа медиумите во регионот, утврдиле дека „со забраната за носење брада на војниците им се нарушува правото на слобода на вера“. Во претходна постапка, Апелација, највисоката правосудна инстанца во земјата, ја отфрли тужбата од неколкумина војници што барале да носат брада додека извршуваат воена служба, објавија сараевските медиуми.

Како е регулиран изгледот на војникот во АРМ

Како воена организација, АРМ, како и секаде во светот, функционира според правила и регулативи врз основа на Законот за служба во армијата, како и врз основа на yредби или правила од страна на врховниот командант, министерот за одбрана или од страна на началникот на Генералштабот. Како што нѐ информираа од прес-службата на Армијата на Македонија, досега од внатрешната организација на армијата не биле поднесени барања за промена на сегашниот начин на уредување на изгледот на припадниците на македонската војска, во однос на носењето брада.
Изгледот на воениот и цивилен персонал прецизно е уреден со Правилото за односите во вршењето на службата. Во него се наведува дека воениот и цивилниот персонал на служба во армијата се должни секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, да водат сметка за своите постапки, да ја претставуваат армијата и да ги чуваат својот углед и достоинство и угледот на армијата.
– Воениот персонал на служба во армијата мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен. Војниците ги потстрижуваат и зулуфите во должина на половина од увото, косата да не смее да паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или беретката. Војниците не смеат да носат брада, а ако носат мустаќи, истите тие не смеат да ја преминуваат должината на горната усна повеќе од 0,5 см и не смеат да преминуваат преку горната усна. Косата не смее да биде подолга од 5 см. Целосното потстрижување не е регулирано во однос на ограничување. Тетоважите и ставањето пирсинг не смеат да бидат на видливи места на телото – велат од службата за информирање во АРМ.

Како е регулиран изгледот на војникот во другите армии

Секоја од армиите во НАТО, во која полноправно учествува и нашата земја, си има свои правила и уредби, кои произлегуваат од нивните историски, културолошки и други основи. Во јануари годинава, Пентагон донесе измени во правилникот за носење на воените униформи и изглед на американските војници. Промените биле иницирани од поранешниот министер за одбрана Марк Еспер, поради истрагата за расна дискриминација и малтретирање на малцинството во војската. Овие промени се однесуваа најмногу на правилата за изгледот на жените војници во американските воени сили. Носењето на брадата за машките војници е регулирано во делот на стандардите, кои се однесуваат на почитувањето стандарди пропишани поради верското убедување. Во согласност со ова, брадата мора да се одржува на должина што не надминува два инчи кога се мери од дното на брадата. Брадата мора да се носи на уреден и конзервативен начин, што претставува професионален изглед. Должината на брадата не смее да ја наруши способноста за ракување со доделеното оружје, воена опрема или машини.
Носењето брада во британските воени служби има и поинакво значење. На припадниците на Кралските воздухопловни сили (РАФ) им се дозволува да носат бради. Овој потег, според официјалните служби на Кралските воздухопловни сили, ќе овозможи поголема инклузивност, односно поголема можност да се јават повеќе луѓе за служба во воздухопловните сили, а со тоа да го задржат високото ниво на квалификувани кадри, објави Би-би-си. Со овие правила се дозволува британските воздухопловци да носат „уредна и средена брада“. Брадите беа забранети во РАФ од политички и практични причини, односно го отежнуваат користењето гас-маски и други апарати. Ова правило не е предвидено за другите служби, каде што се дозволува само носење мустаќи. Во британската војска се дозволени бради, во случаи кога припадниците на војската се ангажирани во одредени операции. Како куриозитет, може да се спомене информацијата дека принцот Хари доби посебна дозвола од кралицата за носење брада во текот на венчавањето, на кое, во согласност со кралските протоколи, беше облечен во воена униформа.
Според сајтовите од областа на војската, кои се сметаат за релевантни, во војските од регионот, односно во Србија и во Хрватска, е дозволено само носење мустаќи. Во грчките вооружени сили, само морнарицата дозволува воениот персонал да носи брада. Во италијанските вооружени сили, дозволени се бради или мустаќи, но да бидат добро уредени, во согласност со правилата за изгледот на војниците. Шпанските војници можат да носат брада, а правилата се порелаксирани за да им помогнат на војниците подобро да се спојат во средини со локалното муслиманско население. Од целиот персонал на турските вооружени сили се бара постојано да биде избричен. Бразилската армија, бразилската морнарица и бразилското воено воздухопловство дозволуваат мустаќи. Брадата генерално не е дозволена освен за посебни исклучоци, како што е покривање деформитет. Во вооружените сили и полицијата на Индија, на машките војници Сики им е дозволено да носат полни бради бидејќи нивната религија експлицитно бара следбениците да го сторат тоа. Брадата е дозволена во вооружените сили на Исламската Република Иран.


Не се дозволени „дречливи“ фризури

Изгледот на фризурата на женскиот персонал во АРМ е во согласност со професионалниот воен изглед. Обликот на косата не смее да го отежнува или спречува правилното носење капа, шапка, шлем, заштитна маска и други НХБ-заштитни средства.
Косата може да се носи пуштена доколку нејзината природна должина не ја надминува долната линија на јаката на задната страна на вратот. Доколку е косата подолга од долниот дел на јаката, тогаш задолжително треба да биде уредно и невпечатливо собрана и прицврстена, така што нема да има видливи делови од косата што ќе висат. Предметите за држење и прицврстување на косата не треба да бидат воочливи, односно треба да бидат во боја приближна на бојата на косата.
Со ревизијата на правилата за изгледот во војската на СДА, дозволени се неколку типа фризури. Жените војници можат да ја пуштат косата, да ги лакираат ноктите, да се шминкаат и да носат менѓуши. Боите на лакот за нокти и карминот не смеат да бидат „екстремни“, како сина, црна, огнено црвена, виолетова и флуоресцентна. Истото важи и за бојата на косата, а се забранува фарбање во розова, зелена и сина боја. Мали менѓуши се дозволени, но не и во текот на обуката и во борбите. Долгата коса, според новите правила, мора да биде во коњско опавче или во плетенки за време на тренинзите и во текот на извршување на тактичките акции.