Фото: Игор Бансколиев

Македонските политичари треба да покажат храброст во донесувањето на одлуките за политичките прашања и не треба да се надеваат дека некој друг ќе ги донесе потребните одлуки наместо нив. Тие имаат одговорност затоа што се избрани и имаат легитимитет за тоа. Мора храбро да ја преземат одговорноста и да донесат одлука, не губејќи од вид дека зад нив стојат еден народ, јазик и историја. И да ги остават разногласијата, бидејќи по ова прашање сите чувствуваме исто

На крајот од историскиот фудбалски натпревар со Грузија, македонската јавност можеше да го слушне говорот на спортскиот коментатор Тони Стојановски: „Кога нѐ оспоруваат, и име… и презиме.. и нација… и ген, еве нѐ во Европа! Меѓу сите тие што ги описменивме. Ќе нѐ дочекаат наредниот јуни, ќе ја поздрават нашата репрезентација. Ќе стојат мирно на нашата химна! Ова е порака од сите православни христијани, Македонци, Албанци, Турци што играат за оваа репрезентација: Дека нашата држава треба да ја чуваат тие што ја водат – и едните, и другите, и третите, и четвртите! Ова е голема победа за Македонија! Ова е победа за радоста на душата. И да цитирам зборови од нашата поезија: Сега душата се радува затоа што има зошто душа да е! Оваа Македонија ќе живее! Ќе живее уште!“
Тони Стојановски со својот говор предизвика катарза кај македонската нација, но набргу можеа да се слушнат барања за казнување на Стојановски поради неговото „непрофесионално“ однесување, а на социјалните мрежи можеа да се прочитаат дури и навреди. Но не смее да се занемари дека тој искажа една голема вистина: „Ова е победа за радоста на душата“. Токму така, за душата!
Но што е душата? Платон вели дека човековата душа е како кочија што е влечена од два крилести коња, едниот смртен, а другиот бесмртен.

Смртниот коњ е тромаво и тврдоглаво животно, со црна боја и сиви очи. Платон го опишува како брачен другар на дрскоста и гордоста, а камшикот е неговиот поттик. Бесмртниот коњ е благороден, со бела боја и темни очи. За него се вели дека е љубител на честа и скромноста, следбеник на вистинската слава. Кочијата се движи кон небото во поворка на боговите предводени од Зевс. Кочијашот што се наоѓа во кочијата е задолжен за управувањето на коњите, меѓутоа неговата задача не е лесна, затоа што белиот коњ сака да се издигне, а темниот коњ сака да ја повлече кочијата кон земјата.
Кочијата, кочијашот, белиот и црниот коњ ја симболизираат човековата душа со нејзините три главни компоненти. Кочијата е разумот (интелигенцијата), црниот коњ се желбите (храна), а белиот коњ е нешто што античките народи го нарекуваат тимос. Кочијата е љубител на мудроста, црниот коњ љубител на придобивките, белиот коњ љубител на победата. Аристотел за нив вели дека се знаење, задоволство и чест.
Се верувало дека овие делови се физички, речиси независни ентитети, не како тела туку како вистински сили, како енергија што може да го натера човекот да дејствува и да размислува на одреден начин и за одредени прашања. Секој ентитет има свои мотиви и желби. Разумот ги бара вистината и знаењето. Желбите бараат храна, пијалак и материјално богатство. Тимосот бара слава, чест и признание. Овој филозоф верувал дека доколку секоја душевна сила биде соодветно искористена и ангажирана, човекот може да достигне блаженство. Во спротивно, доколку ја изгубиме способноста да препознаеме, цениме, култивираме и искористиме една од трите компоненти на нашата природа, тогаш доаѓа до негативни последници.

Ние, сепак, најмногу би се задржале на тимосот, кој може да се преведе како духовност, срцевина, страст, волја, храброст, гордост итн. Меѓутоа, тој е збир од сите споменати описи, а наједноставната дефиниција е дека станува збор за енергично размислување што води кон дејствување и акција. Тој истовремено е емоција и извор на емоциите. Од него произлегуваат радоста, болката, стравот, надежта и тагата. Меѓутоа тимосот е најтесно поврзан со гневот, но тоа е посебен вид гнев, кој се активира кога се нарушува честа на човекот, неговиот углед или доколку постои закана по неговото семејство или имот. Тимосот го поттикнува човекот да се бори за себе, за својата земја, за своите најблиски. Тој е насочен кон надворешните непријатели, меѓутоа и кон самиот себе. Тој го лути човекот кон самиот себеси кога човекот не ги исполнува своите принципи и кодекс на честа. Тимосот не само што создава гнев туку и ја канализира лутината во борба. Кога човекот се бори, тимосот го поттикнува и го мотивира да остане во борбата и да ја продолжи бестрашно, да се стреми кон победа. Тимосот сака гордост и престиж, поттикнува нагон за признавање, поттикнува мотивација што е насочена кон заштита на сопствениот углед, но и кон заштита на угледот на групата на која ѝ припаѓа. Затоа Платон го именува како амбициозен дел на душата и оној што посакува чест.
Доколку еден човек не поседува тимос, за него може да се говори како за убав човек, кој нема идеали за кои се бори, нема вистински нагон или амбиција во животот. Платон верувал дека тимосот е создаден за да се бори во име на она што се чини праведно, а се верувало дека тимосот е суштински при донесувањето на моралните избори.

Тимосот, односно гордоста или храброста е составен дел од политиката и не случајно современите политиколози и филозофи му посветуваат големо внимание. За Ален Блум, тимосот е централна природна страст во душите на луѓето. Според Френсис Фукујама, тимосот е оној дел од човековата личност што бара признавање на неговото достоинство, вклучувајќи и признавање на секој идентитет (нација, раса или религија). Американскиот конзервативец Роберт Каган вели дека тимосот е духовност и жестокост во одбрана на кланот, племето, градот или државата. Според Ангела Хобс, тимосот, како храброста, вклучува и емоционална посветеност и оценување, интелектуално и емоционално ценење за она што вреди да се ризикува и во какви околности.
Следствено, македонските политичари треба да покажат храброст во донесувањето на одлуките за политичките прашања и не треба да се надеваат дека некој друг ќе ги донесе потребните одлуки наместо нив. Тие имаат одговорност затоа што се избрани и имаат легитимитет за тоа. Мора храбро да ја преземат одговорноста и да донесат одлука, не губејќи од вид дека зад нив стојат еден народ, јазик и историја. Но за да донесе одлука, политичарот треба да има државнички став за проблеми. Меѓутоа нашите политичари како да немаат тимос, како да немаат храброст да преземат одговорност за државните и националните проблеми со кои се соочуваме сите ние, македонскиот политичар како да е „човек без гради“ за кој говори Фридрих Ниче.
Денес Македонецот не може да се гордее со својата држава, затоа што секојдневно е сведок на корупција, клиентелизам, нефункционално судство, партизација итн. Не треба да се заборават ниту негирањата на неговата нација, јазик, обичаи итн.

Затоа, Тони Стојановски искажа една голема вистина: „Ова е победа за радоста на душата!“ Македонецот по толку понижувања повторно се почувствува гордо. Сега е време кога нашата политичка елита треба да се обедини, а не да се продлабочуваат политичкиот инает и суета по ова прашање. Нови избори, повлекување, барање оставки нема да го решат ова прашање. Лидерите од која било политичка партија треба да заземат таков став и да донесат такви одлуки што кај Македонецот ќе предизвикаат радост во душата. Не може да не го знаеме тоа, а ако не го знаеме, сигурно го чувствуваме од дното на душата. Тоа е вистинскиот чекор за исчекор.