Можноста за укинување на ветото при одлучувањето на ЕУ ѝ оди во полза на нашата земја, бидејќи властите во Берлин кај себе ги имаат сите неопходни дипломатски механизми да ја истуркаат волјата на Германија во правец на прашањата од надворешната политика. Полза ќе има и самата Унија, бидејќи укинувањето на ветото би можело да значи и дека е направен првиот чекор кон формирање на соединетите европски држави, нешто за што се залага и чезнее Европа

Германско „не“ за ветото како европски инструмент

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, ја повика Европската Унија да го укине правото на вето на членките на ЕУ, за да не биде Унијата „заложник“ во своето дејствување. Ова е само уште една во низата реакции на незадоволство што доаѓаат од високи европски функционери и се однесуваат во најголема мера на блокадите и политиките на Бугарија кон Македонија. Последната изјава на германскиот министер има и дополнителна тежина бидејќи доаѓа од земја што се смета за лидер и локомотива на Европската Унија.
– Повеќе не можеме да бидеме заложници на оние што ставаат вето на европската надворешна политика со своето вето. Оние што го прават тоа играат, повеќе или помалку на долг рок, со кохезијата на Европа – рече Мас во Берлин.
Имено, најмоќната и највлијателна европска држава по брегзит, односно Германија, очигледно силно притиска да ги промени правилата на ЕУ за носење на одлуките со консензус на сите земји-членки. Токму на ваквата политика на ЕУ досега Македонија беше и најголема жртва, прво со уцените и блокадите од
Грција, а сега и од Бугарија.
Во минатото, вакви слични најави за укинување на ветото како инструмент во европската политика пристигнуваа и од други помалку влијателни земји, но првпат властите во Берлин, кои се практично движечката локомотива на Европа, испратија силен сигнал и најавија дека докрај ќе ја туркаат промената на овој механизам на ЕУ.
Дипломатите, универзитетските професори со кои се консултиравме, но и преставниците на аналитички центри што ги следат дипломатските процеси во ЕУ велат дека доколку Германија навистина притисне, големи се шансите оваа иницијатива во скоро време да ѝ помогне на Македонија да се надмине блокадата од Бугарија.

Според нив, овие најави за укинувањето на ветото во одлучувањето на ЕУ ѝ одат генерално во полза на нашата земја, бидејќи властите во Берлин кај себе ги имаат сите неопходни дипломатски механизми што може да ја истуркаат волјата на Германија во правец на прашањата од надворешната политика.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов ја оценува последната изјава на германскиот државник како дипломатски притисок на ЕУ, кој е насочен врз Бугарија и врз некои други држави од Унијата што не ја почитуваат волјата на Брисел и на Берлин.
– Јас мислам дека сето тоа е во рамките на некој притисок, кој се однесува врз нашиот сосед за тој да направи отстапки и малку да се помрдне од своите тврди позиции во преговорите со Македонија. Од друга страна, укинувањето на ветото во ЕУ, кое го истакнува Хајко Мас, сметам дека е премногу долг процес за ЕУ за да се ефектуира сѐ и да се спроведе во Унијата за кратко време – вели Јањатов.
Според него, станува збор за промена на клучен механизам на преговарање и дејствување во ЕУ, а за сето тоа треба многу време.
– Во тој правец самото укинување на ветото е комплицирана процедура, за која дури и навистина да се има волја и сила да се спроведе од Германија, сето тоа би траело со години. Како споредба може да се види примерот со брегзит, односно процесот што исто така со години се решава и за кој дури и по излегувањето на Британија од Унијата сѐ уште не е комплетиран – вели Јањатов.
Тој истакнува дека овие изјави се во полза за Македонија и во моменталниот спор тие будат надеж, но шансите за нивно спроведување во практика во скоро време се многу мали.

Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк, вели дека овој предлог на Мас без сомнеж звучи позитивно за Македонија.
– Но таква промена во начинот на донесување на одлуките во корен ќе ги промени динамиките во Европската Унија. Доколку формално се предложи ова, може да доведе до дополнителен расцеп, земајќи ги предвид разликите што постојат помеѓу Брисел и Будимпешта, на пример. Ова е уште една „победа“ за нашата земја на симболичко ниво, но не смееме да сметаме дека вакво нешто ќе ги откочи нашите интегративни процеси. Дури и да дојде до таква промена во одлучувањето, тоа ќе биде подолг процес, за кој ние немаме привилегија да чекаме да заврши – резимира Николовски.
Поранешниот амбасадор Ѓорги Филипов, пак, смета дека со ваквиот потег моќта на ЕУ нема да биде само економска, туку и политичка. Според него, ЕУ доколку навистина го спроведе укинувањето на ветото ќе стане сериозен играч на светската мапа, а сето тоа за нас ќе значи решавање на проблемите побрзо.

– Сето тоа е многу добро како идеја за нас. Германија пред да го каже овој чекор преку Мас, сигурно направила консултации на оваа тема со Франција и со други држави, а сето тоа е само во полза на самата Европска Унија – вели амбасадорот.
Иако е рано да зборуваме, вели Филипов, сето тоа со укинувањето на ветото во одлучувањето на Унијата би можело да значи и дека е направен првиот чекор кон формирање на соединетите европски држави.
Од друга страна, Џејмс Кер-Линдзи, професорот на Лондонската школа за економија, тврди дека државите-членки на ЕУ тешко би прифатиле редефинирање на правилата на вето во одлуките за проширување на Унијата, па дури и во случаи кога тие се злоупотребуваат за тесни национални интереси на некои земји.
– Правото секоја од земјите да се изјасни поединечно за примање нови членки во клубот за нив преставува фундаментален симбол на еднаквост и на суверенитет на ЕУ – вели професорот.

[email protected]