Фото: Маја Јаневска-Илиева

Константниот притисок од непредвидливото опкружување на граѓаните, во смисла на здравствена криза, економско-социјална рецесија, енергетска криза, политички сложена ситуација, па и однадвор наметнатиот пресинг од соседството и од меѓународната заедница, ги прави македонските граѓани да се чувствуваат сѐ понесигурни во деновите што доаѓаат. Во истиот контекст, и поради гореспоменатото, тие се изложени на секојдневна егзистенцијална неизвесност. Таквите акумулирани предизвици, кај личноста на македонскиот граѓанин создава големи фрустрации што не му дозволуваат да биде „свој“, опуштен и среќен. А тоа е исклучителен проблем за македонското општество

Личните социјално-економски ризици и предизвици сѐ понагласени во пандемијата

Долгогодишната здравствена криза што се одвива, периодот на сложена политичка атмосфера во Македонија и економско-финансиската криза што исто така добива пандемични размери го зачнаа чувството на т.н. лична несигурност кај граѓаните, кое сѐ повеќе се засилува. И додека државните институции во земјата сѐ повеќе му даваат значење на постигнувањето повисока национална безбедност преку зачленувањето на Македонија во НАТО, сѐ повеќе наши граѓани на дневна основа се соочуваат со социјално-економски ризици и предизвици. Константната политичка нестабилност во земјата, поради долготрајните и бесмислени партиски преговори за стекнување на потребното парламентарно мнозинство, ги прави македонските граѓани да се чувствуваат понесигурни. Тие се изложени на секојдневна егзистенцијална неизвесност. Причини за тоа има многу: од зголемените цени на основните животни потреби, блокадата на реформите и евроинтеграциите поради бесмисленото бугарско вето, ниската доверба во институциите, до непредвидливоста за зачувување на сопствените работни места и стравот од креирање нови бизниси…
Сето ова ја наметнува потребата за поинаков однос во креирањето на идните политики на државните институции, кои се заглавени во сопствената неефикасност предизвикана од постојаната неизвесност од партиските прегрупирања и поделби во македонското општество. Но ова не ја исклучува и способноста на секој индивидуалец да дејствува во рамките на своите можности и професионални квалитети, за надминување на личната несигурност во ваков сложен општествено-политички амбиент.

– Како поединци треба да ги процениме на кои елементи можеме да влијаеме. Треба да сме свесни што можеме да направиме нешто за да ја подобриме нашата сигурност. Ако седиме пред телевизор и пред компјутер и само негативно даваме коментари за разни општествени појави во земјата, нема многу да си помогнеме. Тоа само повеќе ќе нѐ разочара, ќе нѐ направи понервозни, пофрустрирани и ќе нѐ направи анксиозни. Секој треба да види што може да направи за сопственото работно место, во семејството и општеството. Генерално, во нашата земја како поединци имаме ограничена можност и ако сакаме да си ја подобриме позицијата, мораме да одиме во партија. Институциите се тие што можат да влијаат на општествените промени, но треба да видиме што е тоа што некој носител на јавна функција го прави незаинтересиран и прави да има ниска доверба кај граѓаните – ни изјави психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Според неа, подобрувањето на личната сигурност зависи од решенијата што се носат во парламентот, Владата, министерствата и институциите.
– Прашањето е зошто и тие се „незаинтересирани“ за да се подобрат состојбите во нашето општество. Нашите министри, не само во оваа власт, ги исполнуваат партиските барања, немаат контакт со народот, дејствуваат само пред избори, а потоа повторно забораваат на граѓаните. Сите ние мислиме дека сѐ знаеме или се обидуваме да си поставиме некоја наша проекција, за која ни самите не знаеме дали сме во право или не. Истото е и со политичарите. Во институциите недостигаат едуцирани луѓе. На крајот живееме во време на изместени вредности и се наоѓаме во ситуација кога единствена вредност станаа парите – појаснува Јовановска Стојановска.
Во слична состојба како граѓаните во Македонија се наоѓаат и другите држави од Западен Балкан. Од Центарот за мировни студии (ЦМС), со седиште во Загреб, предупредуваат дека земјите во регионот и натаму се насочени на националната агенда, наместо да се свртат кон подобрување на сигурноста на граѓаните.
– Предизвиците се глобални, а човековата сигурност е загрозена и поради пандемијата, климатските промени, зголемување на социјалната нееднаквост.

Наместо во солидарност, изградба на институциите, грижата за социјалните категорија граѓани и подобрување на цивилната заштита, на пример Хрватска вложува во воени авиони. Состојбата во целиот регион е еднакво сложена, вклучувајќи и во Босна и Херцеговина и во Србија. Првенствено мислиме на лошата економска состојба, осиромашувањето на нашите општества, сѐ поголемата економска нееднаквост, предизвикани од економските кризи и од природните непогоди, поплави, пожари и сл. – вели Ива Зензеровиќ, членка на ЦМС.
Нејзината соработничка Лана Јурман смета дека секоја личност може поединечно да влијае во носењето на одлуките за развојот на своите заедници, но мисли дека поголем напредок не е можно да се постигне без вклучување на институциите во изградба на подобра иднина.
– Неопходно е да се гради системска и ненасилна инфраструктура што ќе дејствува на повеќе нивоа, од интерперсонални до образовни, еколошки, економски и други политики, а тоа не е можно без учество на актерите од сите пори на општеството. Тоа подразбира да се фатиме во костец со структурното и културното насилство, да го разбереме и да го разградуваме – вели Јурман.
Во Редовниот економски извештај за 2019 година, изработен од Светската банка, е воочена зголемената несигурност во поглед на земјите од регионот, и покрај очекуваните последици од пандемијата на коронавирусот. Моделот на раст на Западен Балкан беше чувствителен и пред пандемијата на коронавирусот, кога се очекуваше забавување на стапката на раст на глобално ниво и во еврозоната. Иако станува збор за глобална криза, влијанието врз пазарите на трудот и несигурноста на работните места се разликува меѓу регионите и земјите. Товарот нанесен од кризата е поголем кај помалку развиените земји каде што работните места веќе биле понесигурни.