Според политичките аналитичари, намалената поддршка на гласачите во овој циклус е еден од највпечатливите исходи на овие избори. Граѓаните на изборите упатија силна предупредувачка порака до двете водечки партии. Оттука, неуспехот на оваа или онаа партија не може да се им припишува на граѓаните, уште помалку како нивна одговорност

АНАЛИЗА НА ИЗБОРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ

Првите неофицијални резултати добиени од Државната изборна комисија (ДИК) на предвремените парламентарни избори покажуваат дека коалицијата предводена од СДСМ има предност од два пратеника наспрема ривалскиот политички табор предводен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако објавувањето на официјалните резултати од ДИК доцни, како резултат на пад на интернет-страницата, општ е впечатокот дека на македонската политичка сцена ѝ претстои нејасен период, во кој поради тесните резултати ќе се комбинира и калкулира за формирање на идната коалициска влада што ќе ја предводи државата во следниот период.

Резултати и статистики

Според неофицијалните резултати на Државната изборна комисија, на предвремените парламентарни избори одржани во средата, 46 пратенички мандати освои коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Беса, по која следува опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, која освои 44 места во парламентот. Потоа следуваат ДУИ со 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива имаат 12 пратеници, Левица два пратеника и ДПА еден пратеник во новиот собраниски состав.
На веб-страницата на ДИК и понатаму не може да се видат најновите резултати, освен повремено на мобилната верзија. Веднаш по затворањето на избирачките места во средата ноќта, сајтот на ДИК падна и не профункционира целосно ни во текот на наредниот ден, до затварањето на денешното издание на весникот.
Имено, според сајтот резултати.сек.мк на ДИК, на кој повремено се прикажуваат информациите, може да се регистрира трендот дека во 3.421, од вкупно 3.480 избирачки места, води коалицијата на СДСМ и Беса со 324.084 гласа, или 36,12 отсто, пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со 312.745 гласа, или 34,85 отсто. Следуваат ДУИ со 101.432 гласа, или 11,3 проценти, Алијанса за Албанците и Алтернатива со 76.425, или 8,57 отсто, Левица со 37.420, или 4,17 отсто, и ДПА со 13.563, или 1,51 отсто.

Аналитички размислувања

Домашните експерти со кои се консултиравме, кои се познавачи на политичките состојби, констатираат дека овие избори покажале тренд на опаѓање на подршката од гласачите за најголемите политички партии во земјата во споредба со претходните парламентарни избори, одржани во 2016 година.
Александар Кржаловски од МЦМС вели дека намалената поддршка на гласачите на овој циклус е еден од највпечатливите исходи на овие избори – „шлаканицата“ од гласачите за двете водечки партии.
– Незадоволството од двете беше видливо и многу пред периодот на кампањата, а со гласањето и се демонстрира со висока апстиненција кај етничките Македонци. Резултатот од под 350.000 гласа за секоја од партиите е меѓу најниските остварени во сите поранешни парламентарни избори – вели Кржаловски.
Тој смета дека оваа состојба не е резултат на корона-кризата, а сето во спротивен правец може да се препознае и во резултатите кај албанските партии.
– Секако, одредено влијание имало и тоа, на (до)убедувањето на овие гласачи дека „не вреди“ да се излезе на гласање со ваков избор, но основната причина е многу подлабока од пандемијата. Неказнивоста на политичарите, криминалот и корупцијата во високите ешалони на власта, неиспораката на правда, па и недоволните резултати во економијата, си дојдоа за наплата кај гласачите – вели Кржаловски.

Според него, иако има јасен „победник“ (иако сѐ уште не се конечни резултатите, па може и тоа да се случи – да има нерешен исход), сепак резултатот повеќе кажува за пораз на двете големи партии!
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, пак, анализирајќи ја актуелната состојба, вели дека тој мисли дека проблемот со гласањето е многу посериозен отколку корона-кризата, која можеби влијаела врз одзивот.
– Меѓутоа вистинскиот проблем е во тоа што македонскиот народ немаше можност да избира.Македонскиот народ беше во ситуација да гласа – според своите симпатии, антипатии, пријателски или деловни врски, сеедно – меѓутоа не и да избира, бидејќи се избира само тогаш кога постојат вистински разлики. Суштински гледано, вчера немаше избори, туку само гласање. Оттука, неуспехот на оваа или онаа партија најмалку може да се смета како неуспех на македонскиот народ, уште помалку како отсуство на негова национална свест или одговорност. Неуспехот е неуспех само на определени партии, кој не смее да се воопштува, а уште помалку да се обвинува народот.
Конечно, својата свест Македонците ја покажаа на референдумот за промена на името, кога не гласаа ниту за оваа ниту за онаа партија, туку гласаа за Македонија. Суштински гледано, вчера и немаше вистински избори туку гласање, бидејќи на избори се избира (тука немаше што суштински да се избира), туку гласање, односно давање на својот глас за оваа или онаа партија според симпатиите – вели Цуцуловски.

[email protected]