Фото: Игор Бансколиев

Со оглед на шареноликоста на изјавите и очекувањата на дипломатите и меѓународните претставници во пресрет на самитот во Загреб, „Нова Македонија“ побара став од властите во земјата за тоа кои се нивните очекувања во пресрет на самитот

Колку е навистина одлучувачки за европската аспирација на Македонија претстојниот самит на ЕУ во Загреб и каква тежина во врска со главните одлуки на Унијата носат овие самити. Овие дилеми се актуелни во домашната јавност по зачестените изјави на странски дипломати, кои претстојниот самит во Загреб го толкуваат со различен пристап.

Имено, викендов амбасадорите на две влијателни земји-членки на Европската Унија – Франција и Италија, во интервјуа за различни медиуми, се разидоа во ставовите за тоа дали самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан за почетокот на мај во Загреб, е повеќе церемонијален и протоколарен собир или е самит на кој ќе се носат важни одлуки.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека Европската комисија посакува брз календар што соодветствува со нашите претпоставки.
– Терминот што си го дадовме и кој експлицитно е наведен во заклучоците од последниот совет, тоа е загрепскиот самит. Дали тоа значи дека тогаш ќе се официјализираат одредени одлуки и ќе се забрза процесот, не би знаел да кажам, иако ние тоа навистина го посакуваме – смета Тимоние.

Според италијанскиот амбасадор Карло Ромео, загрепскиот самит воопшто не е самит за одлуки.
– Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март. На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март – смета Ромео.
Со оглед на шареноликоста на изјавите и очекувањата на дипломатите и меѓународните претставници во пресрет на самитот во Загреб, „Нова Македонија“ побара став од властите во земјата за тоа кои се нивните очекувања во пресрет на самитот.
Од македонското МНР оценуваат дека Хрватска е земја што добро ги познава динамиката на односите во регионот и значењето за негово правилно европско интегрирање.

– Оттаму, слично како и со бугарското претседателство во 2018 година, очекуваме ова прашање да се држи високо на агендата и за време на хрватското претседателство во првата половина на 2020 г. Истото тоа нуди шанса за воведување нов вистински импулс кон проширувањето, со донесување на заслужената одлука за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ – велат од македонското МНР.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме тврдат дека самитите некогаш можат да бидат формални средби, кои ќе бидат резултат на веќе однапред договорена политика за дејствување, но некогаш можат да бидат и место каде што вистински ќе се демонстрира политичка порака за одреден настан што ја погодува и Европската Унија. Според соговорниците, досегашната практика покажува дека самитите на ЕУ на кои се канат лидерите од државите од Западен Балкан, каков што ќе биде собирот во мај во Загреб, во својата срцевина би можел да личи на последниот таков самит што се одржа во мај 2018 година во Софија, кога беше усвоена само политичка декларација, брз конкретни одлуки.
Според познавачите на случувањата, тоа впрочем веќе е објаснето и во заклучокот од Европскиот совет од октомври лани, каде што се оперира со терминот пред самитот во Загреб: „Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година“.

Од друга страна, пак, експертите потсетуваат и дека во Загреб во април 2000 година се одржа првпат самит на ЕУ надвор од нејзините тогашни граници, на кој проширувањето беше на дневен ред. Според нив, тој самит во Хрватска воопшто не беше само формална средба, а на него беше потпишана и Спогодбата за асоцијација и стабилизација меѓу Македонија и ЕУ.

Првиот македонски амбасадор во Атина, Љупчо Арсовски, во својот осврт за актуелните случувања вели дека самитот во Загреб со сигурност ќе биде местото каде што ќе има голем број полемики на многу актуелни теми, а фокусот пред сѐ ќе биде ставен на проширувањето.

Дипломатот смета дека актуелниот самит, но и секоја ваква меѓународна сериозна средба од овој карактер во својата суштина е само манифестација на веќе претходно договорено дејствување во европските центри на моќ.
Арсовски вели дека паралела на оваа негова констатација може да се подвлече со самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој иако имаше големи најави дека ќе станеме членка на сојузот, сепак тоа не се случи бидејќи немаше целосна согласност и строго договорена политика за дејствување на сојузничките земји.
Тој прогнозира дека во Загреб би можело да се очекува своевидно признание за нашиот пат кон зачленување, намалување на француската реторика за новата методологија, но и голем број интересни полемики на процесот за одвојување на Македонија и Албанија на заедничкиот пат кон ЕУ.

Универзитетскиот професор по меѓународна политика, Лазар Лазаров, вели дека во овој момент, пред сѐ поради брегзит, многу тешко може да се процени што може да се случи на еден самит, дали тој ќе биде само редовен состанок каде што ќе има различна полемика по европски прашања или, пак, тоа може да биде и сериозен настан на кој ќе се донесат битни решенија поврзани со иднината на Македонија во ЕУ.
– Во овој момент првпат сме во позиција каде што не знаеме точно што може да се очекува од една ваква европска средба. Првпат Европа е на сериозен крстопат и верувам дека во Загреб сѐ уште може да се случи сѐ – резимира тој.

По разочарувањето во Брисел, се очекува ЕУ да ја поправи грешката во Загреб

[email protected]