Фото: Игор Бансколиев

Во 2020 година, пандемијата на ковид-19 ги соочи бизнисите со неверојатно големи
предизвици. Што предвидуваат експертите за она што нѐ очекува во 2021 година

Странски експертски проекции за рефлексиите од пандемијата во бизнисите
во 2021 година

За голем број бизнисмени и стопанственици, 2020 година претставуваше огромен предизвик, имајќи предвид дека пандемијата ги присили компаниите да се приспособат на „новото нормално“. Додека бизнис-заедниците почнуваат да гледаат кон опциите што ги носи годината што доаѓа, некои се прашуваат дали 2021 година ќе го врати бизнисот на „старите, вообичаени патеки“ или, пак, ќе мораме да се пренасочиме кон една сосема нова патека. Следуваат осум предвидувања од деловни експерти за она што би можело да се случува во 2021 година.

1. Економскиот раст би можел да се врати на нивоата од претпандемискиот период некаде кон крајот на 2021 година

Оние деловни субјекти што успеаја да ја преживеат катастрофалната 2020 година, сега се прашуваат дали економијата ќе се врати во нормала во годината што е на прагот. Според резултатите од истражувањето на Националната асоцијација за деловна економија, спроведено во декември 2020 г., економијата би можела да направи успешно враќање во втората половина на 2021 година.
„Околу 73 отсто од панелистите сметаат дека економијата целосно ќе се врати на претпандемиските нивоа на БДП до втората половина на 2021 година. Ова е драматично подобрување во однос на октомвриското истражување, во кое само 38 отсто од панелистите сметаа дека целосното закрепнување би се случило пред почетокот на 2022 година“, се наведува во извештајот на Националната асоцијација.

2.Работата на далечина ќе продолжи во 2021 година, а и потоа

Во текот на годинава, најзначајна и најголема брзинска промена за многу работници во светот беше непланираното префрлање на колосекот наречен работа од дома. Иако некои компании очекуваа дека ќе може да ги вратат своите работници во канцелариите, јасно е дека тоа веќе не е реална опција. Многу од бизнисите нема да ги очекуваат своите вработени да се вратат на работа пет дена во неделата (ако воопшто има работа), па спрема тоа, голем број компании ќе го „стеснат“ или преуредат канцеларискиот простор. „Реалноста ни укажува на тоа дека работниците нема да се враќаат во канцеларијата што ја напуштиле“, се наведува во едно од последните истражувања во чиј фокус била токму работата на далечина. „Ќе има помалку луѓе, ограничени заеднички работни простории и постојани ротирачки смени – сето тоа ќе бара од деловните тимови да пронаоѓаат нови начини за поврзување и соработка. Повеќе од кога било, оваа потреба за конекција најверојатно ќе ја оформи и смислата на новото канцелариско работење“, констатира американската стопанска комора.

3.Работодавците ќе ги приспособуваат платите кон новите услови за работење на дистанца

За време на пандемијата, заедно со воведувањето на позицијата „работа од дома“, многу работници ја искористија можноста за дислокација. Некои компании веќе најавија намалување на платите до нивото на просечни животни трошоци, нешто што би можело да биде масовна корпоративна иницијатива во идната година.
– Предвидуваме бран компаниски приспособувања во текот на 2021 година, бидејќи многу од вработените во секторите за технички и професионални услуги ќе бидат дислоцирани од седиштата на фирмите за кои работат – коментира Ентони Чемберлен, кој е главен економист во „Гласдор“ – американски вебсајт, каде што сегашни и поранешни вработени пишуваат анонимни рецензии за своите работодавци.
– Откако ќе слегне прашината од милиони дислокации на вработените, очекуваме наплив од платежни приспособувања за веќе постојните работници на далечина, без оглед дали се преселиле во друг град или не. Веднаш штом локалните пазари на трудот се адаптираат на бранот физички оддалечени работници, „спокојните“ плати на работниците, кои скапите пренаселени метрополи како Сан Франциско и Њујорк ги замениле со живот во помали градови, речиси сигурно ќе имаат надолен тренд.

4. Во 2021 година ќе има масовни преквалификации и преобучувања на работниците

Имајќи го предвид фактот дека пандемијата изврши силен притисок врз компаниите за отпуштање на помалку квалификуваните работници и нивна замена со автоматизирана или висока технологија, некои од нив ќе се ангажираат за преквалификација и дообука на своите вработени.
– Рентабилните опции, како што се преквалификација, дообука и прераспределба, следната година ќе стануваат сѐ попопуларни – тврди Мишел Антони, раководител на службата за даночни приходи во приватната американска агенција за вработување „Ли Хет Херисон“.
– Работодавците ќе бидат многу повеќе посветени на создавање работна сила на иднината, помагајќи им на своите вработени да стекнат нови знаења и вештини. На тој начин, компаниите полесно ќе ги амортизираат штетите од наглите промени на пазарот и нема да мора да прибегнуваат кон скапиот и нехуман циклус на постојани вработувања и отпуштања – заклучува Антони.

5. Вакцинација за оние што ќе сакаат да се вратат на своето работно место

Во најголемиот ек на пандемијата, зрак на надеж претставуваат ветувачките вакцини на „Фајзер“ и на други компании. Овие вакцини би можеле да им помогнат на оние што сакаат безбедно да се вратат на работа, а некои од компаниите сериозно размислуваат за опцијата задолжително вакцинирање.
– Неколку мои корпоративни клиенти постепено се приклонуваат кон идејата да ја направат задолжителна вакцината против ковид-19 – изјави за Си-ен-би-си Роџ Дан, адвокат специјализиран за вработувања и пазарни можности.

6. Редуцирање на виртуелниот менаџмент и состаноци

Во текот на 2020 година компаниите ревносно користеа виртуелни состаноци како начин да ја одржуваат врската меѓу работните тимови, но можно е во 2021 година да не се инсистира премногу на нивна употреба. Имено, работата од дома станува нормална појава, па, така, сопствениците на бизниси би можеле да ги редуцираат виртуелните работни средби, со намера да им се остави на вработените повеќе време за продуктивност.
– На долгите флексибилни виртуелни состаноци – кои понекогаш се влечеа со месеци – им истече рокот на траење – предвидува Нани Вишванат, кадровски менаџер во „Лајмеид“, интернационална софтверска компанија, која се занимава и со советодавна дејност во сферата на професионално обучување, вработување и здравствено осигурување.
– Во 2021 г., работодавците ќе им „подарат“ време на своите вработени, со тоа што ќе откажуваат одредени периодичните состаноци или ќе воведат „денови без состаноци“, охрабрувајќи го на тој начин работниот тим и давајќи му шанса да ги наполни батериите.

7. Деловните патувања ќе бидат значително редуцирани

Јасно е дека пандемијата ќе продолжи и во 2021 г., па затоа не треба да очекуваме дека деловните патувања ќе се вратат на голема врата. На неодамнешната конференција организирана од „Њујорк тајмс“, коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, предвиде значително опаѓање на бројот на деловни патувања, бидејќи компаниите можат да ги одржуваат состаноците во домашни услови.
– Предвидувам дека над 50 отсто од деловните патувања и над 30 отсто од канцелариските работни денови ќе заминат во историјата. Одредени компании ќе бидат екстремни – изјави Гејтс. По малку ќе одиме во канцеларија и по малку деловно ќе патуваме, но сето тоа ќе биде драматично редуцирано.

8. Поголема социјална правда

Следствено на големите движења за расна и социјална правда што се случуваа во текот на 2020 г., кога се работи за разновидноста, би можело да се очекуваат поголем надзор и контрола – како од страна на своите вработени, така и од страна на бизнис-партнерите. Така, на пример, од компанијата за капитални инвестиции „Блек рок“ најавија дека имаат намера да побараат поголемо етничко и родово „шаренило“ од фирмите во кои имаат инвестирано. Овој принцип ќе се аплицира и на кадровско ниво.
– Компаниите ги разгледуваат своите културолошки политики, толеранцијата, влијанието врз работниот морал, губењето и задржувањето на работниците, својата способност за привлекување нови таленти, како и перцепцијата на јавноста во однос на нивната репутација – изјави за „Атланта бизнис кроникл“ Џенифер Шелфер, партнер во адвокатската канцеларија „Арнал Голден Грегори ЛЛП“.
– Вработените навистина очекуваат имплементација на овие иницијативи, како и акти на искрена поддршка, особено од страна на највисокото раководство – истакна Шелфер.