Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во текот на последните девет месеци се слушнаа многу објаснувања за овие различни епидемиски варијабли – време, стара популација, витамин Д, претходен имунитет, имунитет на стадо итн. – но ниту една не ја објаснува временската рамка или размерот на овие драстични варијации. Сепак, постојат потенцијални занемарени начини за разбирање на оваа пандемија што може да помогнат да се одговори на овие прашања, да се прекинат многу жестоки расправии и, што е најважно, да ни помогнат да го ставиме под контрола ширењето на ковид-19.

Фељтон: Нови круцијални сознанија во врска со пандемијата на ковид-19 (2)

Оваа многу искривена, неурамнотежена распределба потврдува дека раната серија на несреќни настани со неколку суперраспространети жаришта резултира со драматично различни резултати дури и во земји што инаку се слични по многу показатели. Истражувачите анализирале познати случаи на ран почеток на вирус, во кој заразено лице влегува во земјата и откриле дека на некои места ваквите увезени случаи не довеле до смрт или познати инфекции, додека во други земји тие предизвикале значително зголемување на бројот на заразени.
Користејќи геномска анализа, истражувачите од Нов Зеланд анализирале повеќе од половина од потврдените случаи во земјата и откриле неверојатни 277 влеза на вируси во првите месеци, но исто така и дека само 19 проценти од тие увезени случаи довеле до повеќе од еден дополнителен инфициран. Неодамнешната анализа сугерира дека ова може да се случи во заеднички простории за живеење, како што се домови за стари лица, и дека може да бидат потребни повеќе примања на вируси пред да се појави епидемија. Во Даегу, Јужна Кореја, само една жена, именувана пациент 31, генерирала повеќе од 5.000 познати случаи во жариште, кои произлегуваат од само еден црковен настан.
Не е изненадувачки што САРС-КоВ, претходната инкарнација на САРС-КоВ-2 што предизвика појава на САРС во 2003 година, исто така беше премногу распространувана на овој начин: повеќето заразени луѓе не ја пренесоа инфекцијата понатаму, но неколку суперраспространети настани предизвикаа најмногу случаи на инфекција. МЕРС, другиот братучед на новиот коронавирус, исто така, се чини премногу распространет, но, за среќа, тој сè уште не се пренесува многу успешно меѓу луѓето.

Принципот Парето

Ова однесување на вирусот, кое понекогаш е суперзаразно, а понекогаш и мошне „незаразно“, е токму она што го бележи бројот К и што не може да се открие ако се фокусираме исклучиво на бројот Р. Самуел Скарпино, доцент по епидемиологија и сложени системи на Североисточниот универзитет, за „Атлантик“ вели дека ова е голем предизвик, особено за здравствените власти во западните општества, каде што целото внимание е насочено кон грипот – и тоа не без причина, затоа што пандемискиот грип е вистинска закана. Сепак, грипот нема исто ниво на такво однесување како во жариштата.
Моделите на болести може да се сметаат како претежно детерминистички или стохастички: кај првите, распоредот на епидемијата е повеќе линеарен и предвидлив; кај вторите, случајноста игра многу поголема улога и предвидувањето е тешко, ако не и невозможно да се изврши. Во детерминистичките траектории, очекуваме дека она што се случи вчера ќе ни даде добро чувство за тоа што можеме да очекуваме утре. Стохастичките феномени, сепак, не функционираат на тој начин – истите записи не секогаш даваат исти резултати и работите можат брзо да се претворат од една во друга состојба. Како што вели Скарпино: „Болестите како грип се речиси секогаш детерминистички и Ро (иако има недостатоци) ја дава вистинската слика (инфекцијата е речиси невозможно да се запре додека не се појави вакцина). Но тоа не е нужно случај со болести што вклучуваат суперраспрскувачи.

„Има нешто чудно во оваа пандемија… Дури и по неколку месеци опсежно истражување, многу прашања остануваат отворени“, пишува меѓу другото во својата обемна анализа угледниот американски медиум „Атлантик“, која ќе ја презентираме во неколку продолженија

Природата и општеството се полни со вакви неурамнотежени појави, за кои се вели дека дејствуваат според принципот Парето, именуван по социологот Вилфред Парето. Принципот Парето значи дека мал дел од настаните или луѓето се одговорни за повеќето од последиците. Ова нема да изненади никого што, на пример, работел во услужни дејности, каде што мала група проблематични клиенти може да ја создадат речиси целата дополнителна работа. Во вакви случаи, отстранувањето само на таквите клиенти од продавницата или давањето висок попуст на оние проблематични, може да го реши проблемот. Но ако приговорите се рамномерно распоредени, ќе бидат потребни различни стратегии. Слично на тоа, фокусирањето само на Р или користењето прирачник за пандемија на грип, не мора да функционира добро при премногу дисперзирана пандемија.
Јапонска стратегија

Хитоши Ошитани, член на Националната работна група за жариштата на ковид-19 во јапонското министерство за здравство, труд и социјална заштита, како и професор на универзитетот „Тохоку“, вели дека Јапонија се фокусирала на влијанието на прекумерната дисперзија од самиот почеток и го споредува пристапот на својата земја со гледањето во шума во обид да се најдат жаришта, а не дрвја. Во меѓувреме, смета Ошитани, западниот свет е целосно обземен од овие дрвја, па се изгуби меѓу нив. За ефикасна борба против суперширечката болест, носителите на одлуки треба да откријат зошто се појавува суперширењето и мора да сфатат како влијае тоа на сѐ, вклучувајќи ги тука и нашите методи за пребарување контакти и режимите на тестирање.

Може да има многу различни причини зошто патогенот се шири толку силно. Жолтата треска се шири главно преку комарецот Aedes aegypti, но сè додека не се откри улогата на овој инсект, неговиот начин на пренесување збунуваше многу научници. Се сметаше дека туберкулозата се шири со капки во непосредна близина сè додека генијална серија експерименти не докажаа дека капките се наоѓаат во воздухот. Сè уште има многу непознати за суперширењето на вирусот САРС-КоВ-2. Може да биде дека некои луѓе се суперраспространувачи на вирусот, бидејќи тие го шират многу повеќе од другите луѓе. Како и кај другите болести, моделите на контакти сигурно играат улога: политичар во изборна кампања или студент во студентски дом драстично се разликуваат во тоа колку луѓе потенцијално можат да изложат на вирусот во споредба со, на пример, постара личност што живее во мало домаќинство. Сепак, анализирајќи ги во тек на девет месеци епидемиолошките податоци, сега веќе имаме важни индиции за некои од овие фактори.

– Во голем број студии гледаме дека суперширечките жаришта на ковид-19 претежно се случуваат во слабо проветрени и затворени средини каде што се собираат многу луѓе – свадби, цркви, хорови, фитнес-центри, погреби, ресторани итн. – особено кога има гласна музика и разговор или пеење без маски. За да се случат настани со суперширење, треба да се совпаднат повеќе работи истовремено, а ризикот не е ист во сите средини и активности – вели Мјуг Цевик, предавач по заразни болести и медицинска вирусологија на универзитетот „Сент Ендрјус“ и коавтор на неодамнешниот опсежен преглед на условите за пренос на ковид-19.

(Продолжува)