Во ниеден момент немало размислување за укинување на Историјата, вели во интервјуто за „Нова Македонија“ м-р Митко Чешларов, раководител на Секторот за развој на наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието (БРО), кој во детали се осврнува и на новата концепција за основно образование, која предизвика големо внимание во јавноста

ИНТЕРВЈУ: М-Р МИТКО ЧЕШЛАРОВ, РАКОВОДИТЕЛ ВО БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

Практичарите, познавачите на приликите во образованието во Македонија, како и универзитетски професори, со години наназад предупредуваа дека нашиот образовен систем е неопходно да претрпи промени за да се прилагоди на новото време и на современите текови. Низ годините имаше различни реакции и забелешки кои се однесуваат на наставата, на начинот на учење којшто бара фактографско знаење, од тоа дека учениците учат непотребни работи, дека имаат преголем број на часови итн.

Од септември овој месец, работна група составена од експерти за образование, започна да работи нова концепција за основно образование, која откако беше презентирана во јавноста, предизвика големо внимание.

За потребата од менување на образовниот систем, за промените, како и за тоа, што тие ќе ни донесат на долг рок, во ова интервју за „Нова Македонија“ разговараме со м-р Митко Чешларов, раководител на секторот за развој на наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието, коориднатор на работата група за изработка на Концепцијата и автор на концепциски документи, програми и други стручни документи и прирачници за наставата и учењето.

Дали се неопходни промени и зошто се најавуваат токму сега?

Неопходни се промени во нашиот образовен систем и тие треба да започнат со промени во основното образование. Деновиве повеќепати ги споменавме на нашите презентации, и би сакал и овде да ги напоменам, ниските постигнувања на учениците од нашата држава на меѓународната студија ПИСА од 2018 година, каде што во „писменост“ во природните науки се на 62-то место, а во математичка писменост на 67-то место од 78 рангирани држави, додека во читање со разбирање нашите ученици се на 66-то место од 77 рангирани држави. Меѓународните тестирања и сите стручни анализи на ефектите од постојниот образовен процес покажуваат дека од нашите ученици сѐ уште се бара учење фокусирано на факти, учење што форсира помнење, наместо учење што се базира на поврзување и осмислување на фактите, односно учење што бара размислување. Има и многу други показатели дека е опаднат квалитетот на нашето основно образование и затоа веднаш треба да се зафатиме со реформи. И родителите и наставниците сметаат дека основното образование не е доволно добро и дека е неопходно да се реформира за да се подобри. Според нашето истражување од октомври оваа година, 82 отсто од наставниците што учествуваа во истражувањето се согласни дека основното образование мора да се реформира. А најважен од сѐ е фактот дека учениците не ги добиваат потребните знаења и вештини, не престојуваат доволно време во училиште (споредено со земјите на ОЕЦД дури 900 часа помалку во текот на една година) и не се задоволни и среќни во училиштето.

Постојано укажуваме на тоа дека промените во образованието треба да ги прават луѓе што се искусни и стручни во областите што ги познаваат, за да не се случува на крајот сѐ да се сведе на импровизација, на нешто што е со краток рок на траење или да се сведе на експеримент. Дали конечно има вистински луѓе на вистинско место?

За претстојната реформа е потребно да биде ангажиран сиот потенцијал што го имаме, универзитетски професори, наставници од основните училишта, експерти од областа на образованието, креатори на образовни политики, невладиниот сектор и меѓународните организации што се занимаваат со образование. Сега, за креирање на концептот што претставува рамка и ги дава насоките каде и како ќе се одвиваат промените во основното училиште, формирана е работна група од универзитетски професори – педагози, психолози, преставници од наставниците и од носителите на образовните политики од Бирото за развој на образованието. Понатаму, во целиот процес на реформи, на развивање на наставните програми за секој одделен наставен предмет ќе се вклучуваат стручни лица од секоја научна дисциплина, наставници и советници од Бирото. Исто така, ќе бидат ангажирани обучувачи за реализација на обуките со наставниците.

Најголеми беа реакциите по најавата дека предметот Историја ќе се интегрира во Општествени науки. Се одеше дотаму што во јавноста се тврдеше дека предметот намерно ќе се укине, за децата да не си ги знаат историјата и историските факти. Што е вистината?

По неколкумесечното изготвување на Концепцијата, работната група, пред започнување на јавната расправа, организираше презентации и консултативни средби со различни засегнати страни, при што од една таква средба со директорите на основните училишта, во јавноста се прошири лажна вест дека новиот концепт предвидува укинување на историјата како наставен предмет и дека воопшто нема да се учи во нашите училишта. Сето тоа се случи во политички и национален чувствителен момент, па креаторите на лажната вест успеаа да внесат забуна и немир во јавноста. Она што можам најодговорно да го кажам дека во ниеден момент немало размислување за укинување на историјата, туку напротив, размислувањата се како учењето историја да го направиме поинтересно за учениците, како да успееме сите настани/појави/процеси учениците ги согледаат од различни перспективи, на начин соодветен на нивната возраст. Така што, содржини од историја ќе се учат и тие ќе бидат интегрирани во новиот наставен предмет Општесвени науки со содржини од географија, граѓанско образование и од други општествени и хуманситички дисциплини. Исто така, се остава еден широк простор во рамки на изборните предмети да се понудат „модули“, односно програми од областа на историјата коишто ќе им бидат интересни на учениците, и од светската и од националната историја. Креативноста и анагажираноста на секој наставник во подготвката на програмите, пристапот во реализација на наставата и презентацијата на програмите пред учениците ќе биде пресудна за изборот на овие предмети. Но, можноста да се изучува историјата, како и другите дисциплини дури и повеќе од досега, е дадена со новите решенија во Концепцијата. Затоа потребно е секој заинтересиран да ги прочита понудените решенија, доколку има прашања или дилеми во врска со нив, да се обрати до Бирото за развој на образованието за одговори. Инаку, наместо во институциите, „расправата“ ќе продолжи на социјалните мрежи и ќе се создава искривена, изобличена перцепција во јавноста, што нанесува штета не само на процесот на реформи, туку воопшто на кредибилитетот на акдемската јавност којашто учествува во таквиот дискурс.

Веќе многу години има реакции за тоа дека од учениците се бара да го знаат само она што е во учебникот, и тоа баш онака како што пишува таму. Дали новиот концепт ќе ја запре оваа практика?

Насоките што БРО ги дава до наставниците секогаш биле во насока наставата да се реализира во согласност со наставната програма. Во неа се дадени целите, а во новиот концепт, очекуваните резултати, што треба да се постигнат. Учебникот е само едно од средствата за учење наменети на ученикот за совладување на она што го учел во училиште. Но во практика, во училница, често се случува наставникот да избере полесен начин за реализација на наставата и да се води од учебникот и да смета дека учениците треба да го знаат само она што е напишано во него. Има различни причини за таквата настава, почнувајќи дека тоа е најлесниот начин без многу напор да се реализира часот, немањето мотивација да се подготвуваат други материјали, страв од инспекции од страна на надлежните институции, кои најчесто не ја сфаќаат слободата на наставникот во избор на средства и пристапи за реализација на наставниот час итн. Но како последица на тоа, учењето се сведува на фактографско помнење податоци, неможност да се поврзуваат информации од страна на учениците, да решаваат проблеми и да го применуваат наученото во нови ситуации. Токму затоа е потребна промена.

Исто така, со години слушаме од образовните власти како декларативно се залагаат за идејата дека системот треба да создава млади со свои ставови и млади што критички размислуваат. Дали новиот начин на учење ќе го овозможи тоа и како?

Секако. Тоа е основата на новата концепција. Преку иновативните приоди во наставата сметаме дека единствено е можно да се развива љубопитноста кај учениците, да се поттикнуваат и развиваат критичкото размислување и нивната креативност. Концептот во делот на учење и поучување ги нагласува интерактивната настава, учењето базирано на проекти што им овозможува на учениците да стекнат подлабоки знаења и да развијат практични вештини преку реализација на апликативни проекти со кои се адресираат предизвици и проблеми од секојдневниот живот, како и искуственото учење, кое ги интегрира знаењата, вештините и искуството што учениците ги стекнуваат во или надвор од училницата. Првпат воведуваме национални стандарди врз основа на кои се развива новата концепција, а кои ги определуваат не само знаењата и вештините што треба да ги стекнат учениците на крајот на основното образование туку и ставовите и вредности што тие ги разбираат и прифаќаат.

Сериозен проблем во системот е оценувањето. Дали работната група разговара за оваа тема и дали ќе има промени во начинот на оценување на основците?

Оценувањето, како значајна компонента на наставниот процес, исто така, се разработува во новата концепција. Фокусот е на формативното оценување, континуираното следење од страна на наставникот на резултатите што ги постигнува ученикот, давањето повратна информација со насоки за негово подобрување. Оценувањето е насочено кон проверка на степенот на постигнатост на пропишаните стандарди за оценување што се содржани во наставните програми. Учениците за да можат да прикажат што и колку постигнале, наставникот при оценувањето ќе користи широк дијапазон на постапки и методи и ќе им дава можност на учениците да ги прикажат своите постигнувања преку пишани продукти, практични продукти, усни презентации, изведби. Се предвидува и воспоставување јасни критериуми за оценување на национално ниво со што ќе се овозможи и поголема објективност при оценувањето.

Што е она што како придобивка на долг рок ќе го имаат учениците и наставниците од новите интегрирани предмети и од новиот начин на настава?

Интегрираниот пристап на учениците им овозможува полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи. Како придобивка од вака организираната настава, базирана на холистички пристап, дидактички и методски осовременета е тоа што овозможува целосен развој на учениците и ги оспособува за примена на знаењата, изведување заклучоци, бранење на мислење, користење на знаењата во нови ситуации итн. А како придобивка за наставниците ќе биде јакнењето на професионалната соработка во рамките на стручните активи во училиштето, размената на идеи и искуства, откривање на својот потенцијал и самореализација во професијата. Со новите пристапи на учење и поучување, односно заживување на „новото училиште“ ќе овозможиме развој на слободни, компетентни и задоволни генерации подготвени да се соочат со предизвиците во животот и да умеат да најдат вистински решенија. Ние со оваа концепција даваме слобода и на ученците и на наставниците во креирање на училиштето во место за учење и развој. Институциите ќе дадат целосна поддршка во обезбедување услови за реализиација на предвидените промени, но останува одговорноста и храброста на наставниците, стручните соработници, директорите да ја прифатат, запознаат и искористат слободата како креативен предизвик во своето секојдневно живеење во новото училиште.


Герила-акцијa против реформите во образованието

Студентите од Филозофскиот факултет преку герила-акција пред Владата се изјаснија против реформите во образованието. Учесниците во акцијата носеа транспаренти со пораките: „Историјата е мајка на знаењето“, „Но пасаран“ и „Јас не ја разбирам Мила“. Историчарот Васко Гичевски упати поддршка за акцијата, наведувајќи дека таа покажува оти Македонија сѐ уште има капацитет за сериозна и демократска дебата.
– Пред сѐ би сакал да истакнам дека особено ми е драго што помладите колеги студенти решиле на ваков креативен начин да го изразат својот револт. Тоа говори дека во нашата земја сѐ уште има капацитет за сериозна и демократска дебата. Од друга страна, истото тоа значи дека сме изградиле доволно самосвесни кадри што не се плашат јавно да го демонстрираат своето мислење по прашања што ги засегаат.

Државите институции треба веќе да осознаат дека современоста не е време на догми и слепо следење на ставови. Оттука како историчар и како човек, кој се залага за квалитативни, а не за квантитативни промени во образованието ги повикувам официјалните власти да се повлечат од своите позиции. Сите ние сакаме подобрен образовен систем! Секако, доколку тој е изработен врз база на сериозни истражувања и во консултации со сите засегнати страни, при што би биле опфатени сите, од родителите до високите образовни институции. Образованието е премногу скапоцена работа за таа да се прави невешто, слепо и набрзина – истакна Гичевски.
Тој смета дека ригидните желби на МОН за брза реформа нема да доведат до квалитетно решение.