Фото: Игор Бансколиев

Дали Законот за заштита на укажувачи навистина овозможи поттикнување на граѓаните што имаат безбедносно чувствителни информации да им ги пренесат истите тие на законски надлежните органи заради спречување криминал и превенирање од загрозување на државниот и јавниот интерес? Дали бројот на т.н. свиркачи се зголеми во земјава и дали благодарение на нив стапката на откриен и спречен криминалитет е поголема? Дали со Законот се успеа и во практика да се заштити интегритетот на „свиркачите“ и дали тие се чувствуваат безбедно и сигурно по откривањето на информациите до кои дошле, со што се спречило настанување на поголеми штети за општеството и за граѓаните?

Законот за заштита на укажувачи малку се применува, а нема ни стимул за тие активности

Со почетокот на новата, 2021 година ќе се наполнат пет години откога е во сила Законот за заштита на укажувачи во нашата држава. Имено, Законот беше донесен во 2015, а на почетокот на 2016-та стапи во сила, а во 2018 година беше изменет и дополнет, при што во него беа вградени забелешките на Венецијанската комисија. Дали ова законско решение овозможи поттикнување на граѓаните што имаат безбедносно чувствителни информации да им ги пренесат истите тие на законски надлежните органи заради спречување криминал и превенирање од загрозување на државниот и јавниот интерес? Дали бројот на т.н. свиркачи се зголеми во земјава и дали благодарение на нив стапката на откриен криминалитет е поголема? Дали со Законот се успеа и во практика да се заштити интегритетот на „свиркачите“ и дали тие се чувствуваат безбедно и сигурно по откривањето на информациите до кои дошле, со што се спречило настанување на поголеми штети за општеството и за граѓаните?
Во сублимиран заклучок познавачите на проблематиката со кои се консултиравме констатираат дека Законот за заштита на укажувачи постои, но неговата примена е слаба поради партизираноста во земјата, а дополнително надлежните институции не преземаат активности за негова примена.
Магдалена Лембовска, истражувачка за безбедносни прашања во „Евротинк“, во својот осврт за овие случувања оценува дека Законот за заштита на укажувачи како законско решение воспоставува солидна правна основа за заштита на оние што се осмелуваат да пријават случаи на корупција и други нелегални практики во јавниот и приватниот сектор, но додава дека за ефективноста, за жал, зборува многу малиот број на поднесени пријави.

– Една од причините е ниската доверба на потенцијалните пријавувачи дека нивната анонимност ќе биде загарантирана, дека нема да претрпат последици (особено ако пријавата е против лице на повисока позиција), но и дека пријавата ќе резултира со некаква одговорност, односно „нема да заврши во фиока“ – вели Лембовска.
Според неа, голем дел институции ги немаат соодветните услови за работа на лицето што е задолжено да прима пријави, односно не поседува посебна канцеларија и начин на евидентирање со кој ќе се гарантираат анонимноста и заштитата на податоците, како и обуки за работа со ваква чувствителна материја.
– Мислам дека потенцијалните укажувачи многу потешко би се одлучиле да пријават во самата институција и попрво би се одлучиле за другите механизми, односно МВР, ДКСК, народен правобранител или јавно обвинителство. Сепак, некои од овие институции досега не направија доволно за промовирање на овие можности и охрабрување на потенцијалните укажувачи, дури и на нивните веб-страници не може ни да се најдат информации за ваквата можност. Исклучок е ДКСК, која не само што има објавено информации туку се чини дека ужива најголема доверба, со оглед на тоа што има одредени статистички податоци за добиени пријави – резимира Лембовска.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања, пак, вели дека неспроведувањето на законите кај нас е генерален проблем, кој особено се одразува врз специфичните закони од овој профил што целат на толку битна материја поврзана со сузбивањето на корупцијата.
– Мое мислење е дека овој закон малку се применува, а луѓето не се стимулираат за да ги зголемат своите активности на оваа проблематика. Дополнително, верувам дека не се стимулираат ниту новинарите, особено оние што се занимаваат со истражувачко новинарство, кои не се поттикнати од државата да го зголемат своето темпо на работа. Овие состојби се такви бидејќи партизацијата во нашата држава е распространета на сите нивоа и во сите пори од општеството. Па, оттука, граѓаните, државните административци и слично не сакаат да влезат во конфликт со партијата од која ја добиле својата работна позиција и најмногу поради овој факт тие го избегнуваат практикувањето на укажувањето – вели професорката.
Во својата последна изјава за оваа тема, Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел Македонија“ истакнува дека на граѓаните не им е јасно што значи да се биде укажувач, а надлежните институции не преземаат активности за негова примена, ниту се подготвени за прием на пријави од укажувачи.

[email protected]