Фото: Игор Бансколиев

Изминативе години постојано се зборува за заедничка историја и за заеднички чествувања, но историчарите и познавачите на проблематиката велат дека тоа се два различни термини, кои не треба да се поистоветуваат. Историчарите велат дека во контекст на историските настани, може многу полесно да се зборува за заеднички делови од историјата во периодите пред создавањето на нациите. Подоцна, со формирање на нациите (некои порано, некои многу подоцна), сите настани и личности се врамуваат во национални истории, а амбициите на историските личности што биле лидери на одредени нации, сакајќи да ги величаат својот народ и нација, посегнувале по туѓа историја

Пендаровски и Радев заедно ќе им се поклонат на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Македонија и Бугарија и оваа година во Рим заеднички ќе им оддадат почит на светите Кирил и Методиј за нивното сесловенско дело, кое претставува универзална општочовечка вредност, со која денес се гордее цела Европа. Но далеку дека заедничко чествување и заедничка историја е една иста мисија или, пак, терминолошко поистоветување. Изминативе години постојано се зборува за заедничка историја и за заеднички чествувања, но историчарите и познавачите на проблематиката велат дека тоа се две различни работи, кои не треба да се поистоветуваат. Заеднички може да бидат чествувани настани и личности кога тие имаат универзална вредност, како што е примерот со светите Кирил и Методиј.
Што е тогаш заедничка историја?
Правилната формулација, според историчарите, треба да се гледа исто така низ поширок временски контекст. Велат дека многу полесно може да се зборува за заеднички делови од историјата во периодите пред создавањето на нациите.
Тоа, според нив, се историски периоди кога луѓето честопати биле под големи империски владеења, кои ја граделе таквата заедничка историја, а и кога националните будења и етничките раслојувања не биле започнати или развиени.

Историските факти се јасни

Заедничкото чествување на светите Кирил и Методиј се случува во период на заладени македонско-бугарски односи, како последица на замрзнатата евроинтеграција на Македонија поради бугарската блокада. Околу историските прашања со месеци се кршат копјата меѓу историчарите на двете земји, кои не успеаја да најдат решение за повеќе спорни точки. Историчарот Тодор Чепреганов вели дека термините заедничка историја и заедничко чествување треба да се раздвојат.
– Кирил и Методиј се словенски просветители и за сите словенски народи имаат големо значење. Она што Бугарија сака да го присвои како бугарски, не е поткрепено ниту историски, ниту цивилизациски. Едноставно, тоа е узурпација на историјата, а историските факти се јасни. Тие им припаѓаат на сите словенски народи еднакво, а тоа дека потекнуваат од оваа територија се историски факти што не можат да се избришат. Тие не се бугарски, тие се сесловенски просветители, нив ги слават Чесите и Словаците. Чествувањето на двете делегации се случува секоја година. Историјата не треба да се политизира – објаснува Чепреганов.
Професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја вели дека заедничко чествување на претседателите од двете држави во Рим имало и порано.
– Не знам колку јавноста е запознаена, но присуство во Рим на делегации и од Македонија и од Бугарија се случуваше и порано. Новина е тоа што во овој политички тренд тие ќе одат заедно. Тоа е политичка манифестација и ништо повеќе – посочува таа.

Сепак, објаснува дека во однос на браќата Кирил и Методиј, барем за нас Македонците, важно е тоа што тие ја создаваат глаголицата од јужните македонски говори од околината на Солун, од селата Сухо, Висока, Зарово.
– Тоа го докажуваат и познати научници од славистиката, со што ја поставуваат македонската теорија. Таа настанува во време кога Методиј е во брегалничкиот крај. Затоа за нас е значајно што тие ја измислуваат глаголицата врз наши автентични македонски изрази. Ние ја чествуваме нивната мисионерска и културна дејност. Тоа го признаваат и римските папи. Затоа, Кирил и Методиј се рамни на апостолите и се заштитници на Европа – додава таа.
Сепак, Котлар-Трајкова посочува дека Бугарија се запознава со глаголицата со доаѓањето на нивните ученици во Белград (Плиска). Иако стариот словенски јазик кај некои политички структури се поставува како старобугарски, сепак, старословенскиот јазик е создаден врз основа на јужномакедонските говори.
– Заедничкото е што писменоста ја добиле луѓето од Словачка до денешна Москва. И тоа е европски цивилизациски тек. Од македонска почва таа цивилизациска придобивка е отидена. Во историјата постои правило, може да барате заедништво доколку имате заеднички интереси, но тоа можат да го работат историчарите. Бидејќи сето ова се претставува политички, местото на политиката не е во историјата – посочува таа.

Одвоени средби со папата

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, и бугарскиот претседател, Румен Радев, заедно ќе го чествуваат Денот на Св. Кирил и Методиј во Рим. Според најавите, тие со авионот на бугарскиот претседател заедно ќе отпатуваат во Рим, каде што на 26 мај е планирано македонската и бугарската делегација да ги започнат заедничките активности за прославата. Според најавите, Радев прво треба да допатува во Скопје и, по кратка средба, со македонскиот претседател на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим. На 27 мај, Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде што ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година во Рим. Минатата година Пендаровски и Радев ја откажаа посетата на Рим и Ватикан, поради влошената состојба со пандемијата на ковид-19.

Пендаровски: Заедничкото патување е симболичен гест

Претседателот Стево Пендаровски смета дека заедничкото патување со Радев е еден добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји во врска со блокадата за членство во Европската Унија.
– Ние не одиме на заедничко патување и на средби во Ватикан кај папата затоа што ќе го решаваме спорот. Тој предложи пред еден месец, јас мислев дека е добро со бугарскиот државен авион да ја собере целата делегација од кај нас, од Скопје, и заеднички да го чествуваме и тоа го правиме традиционално – вели Пендаровски.
Поради здравствените протоколи што важат кај папата, тој објаснува дека не можеле да отпатуваат на 24 мај, туку ќе заминат на 26 мај.
– Ова мислам дека е еден добар симболичен гест од двете страни и малку да ја олабавиме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму, како разговори, преговори во врска со блокадата – изјави Пендаровски.