Фото: Игор Бансколиев

Неодамна генералниот директор за климатски прашања во Европската комисија (ЕК), Мауро Петричионе, ѝ препорача на Македонија да ги следи европските политики што предвидуваат постигнување климатска неутралност до 2050 година и намалување на штетните емисии за 55 отсто до 2030 година. Какви се согледувањата на домашните експерти и енергетичари

КОГА И КАКО ДО ЕКОЛОШКИ ЧИСТА ЕНЕРГИЈА

Меѓу 800 и 900 милиони евра инвестиции на приватниот сектор на годишно ниво се потребни во наредните години за да се спроведе енергетската транзиција во земјава, а со оглед на генерално намалениот обем на инвестиции, вклучувајќи и во енергетската сфера, повеќе од извесно е дека Македонија тешко ќе ги достигне целите за целосна декарбонизација до 2050 година.
Неодамна и генералниот директор за климатски прашања во Европската комисија (ЕК), Мауро Петричионе, ѝ препорача на Македонија да ги подобри своите климатски заложби ако сака да ги следи европските политики што предвидуваат постигнување климатска неутралност до 2050 година и намалување на штетните емисии за 55 отсто до 2030 година.
Главната цел што земјава сака да ја оствари во таа насока е производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од обновливи извори, но во реалност се доцни со овој план бидејќи капацитетите за производство на струја од обновливи извори во земјава се премногу мали, а изградбата на нови не е на повидок.
Професорот Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност смета дека Македонија може да ги постигне целите за декарбонизација до 2050 година.

– Со максимална примена на мерки за енергетска ефикасност, разумно инвестирање во обновливи извори на енергија, премин од енергетски интензивна индустрија (топилници) кон индустрија што не троши енергија, декарбонизацијата на Македонија би можела да се оствари до 2050 година – вели Димитров.
Според него, државата во 2031 година мора да инвестира во неколку клучни проекти во енергетскиот сектор, нешто на што повикува и ЕК.
– Ако јас се прашувам, како главни цели што би ги поставил за периодот 2021-2031 година е изградбата на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ со сопствени средства, за што државата може да издвојува по 100 милиони евра годишно. Покрај тоа, потребна е изградба на две гасни когенеративни централи во Тетово и во Гостивар, а добро би дошла и замена на котлите на ЕСМ „Енергетика“ со нови, високоефикасни кондезациски, или изградба на гасна когенеративна постројка од 120 до 150 мегавати – посочува Димитров.
Тој уште еднаш ја оцени како лоша одлуката да се инвестира во енергетски постројки во странството.

Реагираат и еколошките друштва, кои се залагаат за забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени, кои стануваат сè поизразени.
– Ние како граѓани сме тие што ја имаме обврската да ги разбудиме носителите на одлуки да ги приспособат законите на климатските промени и да се обидат да ги намалат емисиите со овозможување и олеснување на процесот на праведна транзиција, прво во регионите со јаглен, а потоа и во сите региони што ги трпат последиците од климатските промени – е ставот на „Екосвест“.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање истакнуваат дека им е јасна зелената патека и ги имаат идентификувано политиките и мерките што водат до зелен и нискојаглероден раст и развој, но додаваат дека голем дел од документите се во постапка на усвојување во Владата.
– Во моментот е изработката на долгорочната Стратегија за климатска акција (која го опфаќа периодот до 2050 година), поддржана од ЕУ преку инструментот ИПА, во која ќе се постават долгорочните цели до 2050 година во неколку економски сектори.

Планирано е да биде усвоена во текот на 2021 година. Она што засега го имаме во моментот се цели до 2040 г. од Стратегијата за енергетика што поставува цели во секторот енергетика и цели до 2030 г. од ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз – посочуваат од министерството.
Оттаму уште додаваат дека потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови во 2030 година во однос на 1990 година изнесува 51 отсто, или изразено преку нето-емисии – 82 отсто.