Каква порака испрати Меркел кога во Атина нѐ ослови како Северна Македонија, во ек на актуелните собраниски случувања во македонскиот парламент, но и очекувањата целиот процес да се префрли во Грција? Дали се работи за гаф или смислена порака на влијателната германска политичарка? Според аналитичарите, самите политичари-гости во вакви случаи може да си ги загрозат своите кариери со давање изјави што се избрзани и чувствителни за земјите во кои престојуваат

Посетата на германската канцелара Ангела Меркел на Грција се реализира во турбулентни времиња за владата на Алексис Ципрас поради прашањето на Македонија, но и поради сѐ поголемата неизвесност на грчкиот премиер да обезбеди сигурно мнозинство во парламентот за договорот. Вака во поголем дел вчера беа насочени реакциите на грчките медиуми во своите натписи по повод последната посета на германската канцеларка на Атина. Некои од тамошните експерти пред посетата на Меркел оценија дека таа на вчерашната средба со лидерот на опозициската Неа демократија, Киријакос Мицотакис, ќе интервенира и ќе изврши притисок ако тој веќе не дава согласност за договорот од Преспа, барем да се согласи со прием на Македонија во НАТО. За разлика од тамошните анализи и предвидувања што ќе се случи по посетата на високата германска дипломатка на Грција, во Македонија, кога се очекува да се изгласа третата и последна фаза од уставните измени во Собранието, домашните познавачи на состојбите велат дека неочекувано и непринципиелно се растегнуваат дипломатските правила за поддршка на договорот од Преспа. Според овдешната експертска јавност, германската канцеларка Ангела Меркел, која завчера во Атина нѐ нарече Северна наместо Македонија, предизвика сомнеж на целиот случај дека исходот е веќе договорен, додека грчката страна сѐ уште тактизира на домашен терен. Тие сметаат дека самите политичари-гости во вакви случаи може да си ги загрозат своите кариери со давање изјави што се избрзани и чувствителни за земјите во кои престојуваат. Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека навалата на странски великодостојници во Атина, но и во Скопје, само го потврдува фактот дека капитулацијата на Македонија беше поважна за нив отколку за кој било друг.

– Нема никакви дилеми дека посетата на Меркел на Атина е целосно поврзана со договорот од Преспа. Самиот факт дека таа веќе нѐ прекрстила јасно покажува дека тоа за нив е завршен случај и дека нема отстапки. Грците се попаметни од нас и многу веројатно ќе се исценкаат за многу поволности, иако договорот е апсолутно и максимално во нивна корист. Сѐ што се случува кај нив е во добра мера тактизирање, вклучувајќи ја и опозицијата, да извлечат што поголема корист од меѓународната заедница (отпишување на долговите). Надежта дека Грција може да нѐ спаси не е реална иако ние го привршивме процесот со нашата капитулација дома. Спас за сето ова ќе може да биде само нова гарнитура, која ќе преземе чекори за надминување и корекција на овие историски грешки – оценува Никовски.

Во меѓувреме, вчера грчкиот премиер Ципрас најави дека ќе побара од својот конзервативен сојузник, лидерот на партијата Панос Каменос, да ја продолжи поддршката на Владата, надевајќи се дека ќе ги спречи предвремените избори по несогласувањата за договорот за името на Македонија. Ципрас рече дека ќе побара гласање за доверба ако ја изгуби парламентарната поддршка на десничарската партија Независни Грци. Оваа партија се закани дека ќе го отфрли договорот од Преспа, иако не е јасно дали целосно ќе се повлече од Владата. Каменос, кој инаку е министер за одбрана, неколкупати досега го оценуваше договорот од Преспа како „лош договор“. Сепак, тој вчера изјави дека не е министер во заминување.

– Јас не сум министер во заминување, ниту, пак, министер што треба да поднесе оставка – рече грчкиот министер за одбрана на почетокот на состанокот на парламентарната комисија, на која се разгледуваат амандмани за модернизација на воените авиони „Ф-16“, кои се дел од грчките воени воздухопловни сили, објави агенцијата АНА-МПА.
Во исто време, коалициските партнери во грчката влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос според пишувањата на тамошните медиуми, прво ќе ја чекаат разврската кај нас, а потоа ќе остварат средба.

– Додека не се тргне блокадата што постои во ПЈРМ, се договоривме да ја одложиме средбата со премиерот – изјави Каменос во разговор со новинарите пред почетокот на состанокот на пратеничката група на неговата партија.
Тој додаде дека сите работи се меѓусебно поврзани, дека е во отворена комуникација со Алексис Ципрас, но и дека не може да се одржи средба врз основа на сценарија.