Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефот на „Бионтек“ претпоставува дека имунизираните лица ќе имаат високо ниво на заштита од сериозна болест, дури и ако се инфицирани со сојот омикрон

Варијантата омикрон би можела да доведе до поголем број инфекции кај вакцинираните лица, но тие најверојатно ќе останат заштитени од тешка форма на болеста, вели Угур Сахин, коосновач на „Бионтек“, научник и пронаоѓач на една од првите вакцини против ковид-19.
Како што пренесува „Волстрит џрнал“, Сахин вели дека и покрај тоа што новата варијанта би можела да ги избегне антителата што настануваат како реакција од вакцината, вирусот најверојатно ќе остане ранлив на имунолошките, т.н. Т-клетки, кои го уништуваат откако ќе навлезе во телото.
– Нашата порака гласи: „Немојте да паничите, планот останува ист. Забрзајте ја примената на третата дополнителна инјекција“ – изјави Сахин.
Врз основа на моменталните сознанија околу механизмите што стојат зад дејството на вакцината и самата биологија на различните вирусни варијанти, Сахин претпоставува дека имунизираните лица ќе имаат високо ниво на заштита од сериозна болест, дури и ако се инфицирани со сојот омикрон.
Според него, вакцината пронајдена од неговиот тим во јануари 2020 година, а потоа развиена заедно со „Фајзер“, докажано штити од тешки болести кај другите варијанти на коронавирусот, од кои се заразуваат вакцинираните лица.

Два различни слоја заштита од вирусот

– Кога станува збор за инфицирање на вакцинираната популација, моментално доминантната делта-варијанта се покажа поприспособлива од претходните варијанти, но овие личности имаат само благи симптоми – додаде Сахин.
Вакцината што ја развија „Бионтек“ и „Фајзер“, како и повеќето други вакцини, нуди два различни слоеви на заштита од вирусот.
Првиот се состои од антитела што ги спречуваат луѓето да се заразат првпат, попречувајќи му на вирусот да ги колонизира здравите клетки во телото. Меѓутоа, Сахин напомнува дека според истражувањата, антителата почнуваат да исчезнуваат околу пет месеци по втората доза од вакцината. Поради големиот број мутации, омикрон веројатно ќе биде поуспешен од сојот делта, кога зборуваме за избегнувањето антитела што настанале по контакт со вакцината.
Вториот слој заштита се состои од Т-клетки, имунолошки клетки во телото што се мобилизираат во уништувањето заразени клетки, откако веќе дошло до инфекција.
Вакцинираното лице што ќе биде инфицирано, обично ќе има благи симптоми. Сахин наведува дека ниедна варијанта досега го нема избегнато имунолошкиот одговор на Т-клетките, а исто така, малку е веројатно дека омикрон ќе успее во она што е познато како „бегство од имунитетот“.
– Нашето верување се темели врз науката. Доколку вирусот успее да го избегне имунитетот, ги избегнува антителата, но постои и второ ниво на имунолошки одговор, кое штити од тешки форми на болеста. Тоа се Т-клетките – вели Сахин и објаснува дека вирусот тешко ќе може целосно да ги избегне Т-клетките.

Во „Модерна“ се сомничави околу ефикасноста

Коментарите на Сахин следуваа откако извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека очекува сегашните вакцини против ковид-19 да бидат помалку ефикасни во борбата против сојот омикрон.
Вакцината на „Бионтек“ првично се аплицираше во две дози, но во текот на последниве месеци многу држави, вклучувајќи ги и САД, почнаа да нудат и трета, т.н. дополнителна доза, откако научните студии покажаа дека лицата што примиле три дози имаат значително појак имунитет, пренесува „Јутарњи лист“.
Истовремено, Сахин ја поздрави одлуката на британските власти, со која тие понудија трета доза за сите возрасни лица, само три месеци по примањето на втората доза од вакцината.
– Велика Британија цврсто верува дека третата инјекција нуди уште подобра заштита и затоа ја форсира. Што подразбираме под заштита во овој случај? Мислиме на заштита од сериозни болести и веруваме дека вакцинираната популација има високо ниво на заштита од нив, која значително се зголемува откако ќе се прими и третата доза – објасни Сахин.

Се размислува за приспособена вакцина

Угур Сахин наведува дека неговата компанија сега спроведува лабораториски тестови со кои ќе се утврди дали варијантата омикрон може да ги зарази лицата што биле вакцинирани. Тестовите што започнаа да се изведуваат минатата недела и чии резултати може да се очекуваат за две недели, нема да покажат дали омикрон предизвикува тешко заболување, бидејќи тоа може да се докаже само во реалната клиничка практика. Исто така, тој проценува дека се потребни околу 100 дена за на пазарот да се појави приспособената вакцина, наменета стриктно за омикрон, но смета дека тоа можеби и нема да биде потребно.
– Имаме план да им даваме на луѓето трета инјекција и мора да се држиме до тој план, а и да го забрзаме. Дали ќе ни биде потребна дополнителна заштита со приспособена вакцина или не, останува да видиме – вели Сахин.
Наедно, тој смета дека е прерано да се каже дали во блиска иднина населението ќе треба редовно да се вакцинира, со цел да се одржи високото имунолошко ниво.
Според Сахин, земјите што во моментов бележат пораст во бројот на заразени – како што е Германија – можеби би требало да наметнат ограничувања и да ја забрзаат програмата за дополнителна доза од вакцината.
– Одредени мерки може релативно брзо да го намалат бројот на заразени. Во моменталнава ситуација, јас сум за ефикасни мерки – заклучува Сахин.


Фаучи: Прерано е да се процени дали омикрон ќе предизвика сериозна болест

– Прерано е да се дојде до сознанија дали сојот омикрон на коронавирусот ќе предизвика тешки форми на ковид-19, меѓутоа првите информации од Јужноафриканската Република покажуваат дека немало невообичаени симптоми – изјави водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи.
Фаучи излезе со податокот дека до неодамна биле потврдени 226 случаи на инфекција со новиот сој на коронавирусот во вкупно 20 земји во светот, но дека во САД уште не е забележан ниту еден таков случај. Стравот од ширење на новиот омикрон-сој ги потресе берзите и ја поттикна загриженоста околу можноста за силно закрепнување на светската економија, додека планетата продолжува да се бори со пандемијата.
– Тешко е да се знае дали овој сој ќе резултира со сериозни форми на болеста. Иако некои прелиминарни информации од ЈАР не укажуваат на невообичаени симптоми… уште не знаеме и прерано е за заклучоци – рече Фаучи во разговорот со новинарите.
Американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација ги поттикнуваат Американците да се вакцинираат и да ја примат дополнителната доза за зајакнување на имунитетот, но нерешителноста во однос на вакцините кај еден дел од популацијата, мошне ги загрози напорите за ставање на вирусот под контрола. Околу 69 отсто од Американците постари од 12 години ги имаат примено двете дози од вакцината.
– Се надеваме, и тоа со добра причина, дека добро ќе се чувствуваме, затоа што со вакцината ќе бидеме до одреден степен заштитени од новиот сој. Ако не сте вакцинирани, сторете го тоа. Ако сте вакцинирани, одете на дополнителна доза вакцина – порача Фаучи.
Претседателот Бајден апелираше до Американците да не паничат поради појавата на новиот сој. „За да ја победиме пандемијата, мора да го вакцинираме и остатокот од светот“, изјави Бајден, чија популарност, според неодамнешните анкети, бележи забележителен пад, делумно и поради фактот што пандемијата сè уште не е ставена под контрола.