Кина ја почна реализацијата на големи инфраструктурни проекти во Црна Гора

Одлуката на Европската унија да го одложи доделувањето на датумот за преговори за Македонија и за Албанија не можеше да дојде во полош момент, бидејќи кинеската платформа „Појас и пат“ нуди атрактивна алтернатива за државите кои губат надеж дека ќе се приклучат на европскиот блок, додека се јавува сомнеж за посветеноста на Брисел, пишува „Политико“.

Кина беше позната по евтината облека и колоритните пластични производи, но во Црна Гора, моментно, е повеќе позната по градежните проекти, откако ја почна изградбата на мост висок 200 метри и долг еден километар, над реката Морача.

Кина пристигна во Црна Гора и на Балканот со куфери полни со пари, што е спротивно на практиката на Западот и неговата традиција на мешање во локалната политика, а од неодамна, преку ЕУ, и на бројни ветувања што не ги исполнува. Се стекнува впечаток дека граѓаните на Балканот се проевропски определени, но оти им здодеа од однесувањето на ЕУ. Не е ниту важно кој е виновен. Луѓето се чувствуваат запоставени и разочарани. По распадот на СФР Југославија имаше грозоморно насилство и економско уништување, но потоа се јави надеж. А сега има само стагнација.

Поради отсуството на ЕУ во регионот, Пекинг моментно дејствува во своевиден вакуум, нудејќи примамлива понуда – финансирање без условување кое е засновано врз взаемна почит. За разлика од Брисел, Пекинг не поставува политички услови. Приоритет за Пекинг е развојот, а на Балканот нуди изградба на национални проекти кои ЕУ не сака да ги „допре“ – фабрики во БиХ и во Србија и автопат во Црна Гора. 

– Извесно е дека Кина не може да пружи алтернатива за интеграцијата во ЕУ. Но присуството на Пекинг во регионот е ново, а Кина е богата и нуди оптимизам и надеж – се заклучува во анализата на „Политико“.