Во своето годишно обраќање во Собранието, претседателот Пендаровски нагласи дека eгзистенцијално прашање за опстанокот на Македонија е правната држава. Притоа тој додаде и дека членството во ниту една организација не е вредно ако условот е обезличување. Тој се осврна и на актуелната здравствена криза и на пандемијата на ковид-19, истакнувајќи дека земјава платила висока цена, а пандемијата го зголемила јазот на поделби во општеството и ги исфрлила на површина институционалните слабости

Годишно обраќање на претседателот Пендаровски

Членството во ниту една организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите, истакна вчера во своето годишно обраќање македонскиот претседател, Стево Пендаровски.
Тој рече дека во целокупниот македонски политички врв, во власта и во опозицијата, не познава ниту еден што е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.
– За мене е несериозно да се соберат сите претседатели на политички партии и свечено да потпишат дека сме Македонци што зборуваат македонски јазик. Нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние што ја направија оваа држава во 1944 година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ. Зборувам од мое лично искуство, во целокупниот политички врв, и власта и опозицијата, не познавам ниту еден што ќе тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам ова прашање да го тргнеме од дневнополитичката агенда и веќе да не губиме енергија на тоа – порача Пендаровски.
Македонскиот претседател потврди дека европскиот пат на Македонија нема алтернатива и државата останува посветена во таа насока.
Тој најголем дел од обраќањето посвети на актуелната здравствена криза и на пандемијата на ковид-19, истакнувајќи дека земјава платила висока цена.
– Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек – рече Пендаровски и ги повика присутните со едноминутен молк да им оддадат почит на оние што ја загубија битката со вирусот. Македонскиот претседател им се заблагодари и на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани што беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

Според него, пандемијата во еден дел доведе до сплотување на нацијата, но во друг таа ги засили постојните антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и ги исфрли на површина институционалните слабости.
Пендаровски потсети дека државата речиси девет месеци остана без функционално собрание и мораше првпат од својата независност да биде воведена вонредна состојба.
Од тие причини, тој најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата за прецизирање на законите за воена и вонредна состојба за да се додефинира правната рамка за функционирањето на кризниот менаџмент, бидејќи, како што рече, „никој не знае дали некоја нова пандемија нѐ чека веќе на следниот свијок на историјата“.
Македонскиот претседател како посебен предизвик го посочи справувањето со
долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивира за време на пандемијата.
– Она што сигурно нѐ очекува е нов бран негативни кампањи, кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21 век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти што во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи – истакна Пендаровски.
Тој посочи и на проблемот со иселувањето, како една од најголемите закани за нашата национална безбедност, а решението го гледа во изработување стратегија усвоена со натпартиски консензус.
Македонскиот претседател рече дека егзистенцијално прашање за опстанокот на Македонија е поставување на правната држава на здрави темели.

– Од правната држава директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата. Младите и способните не ја напуштаат својата земја само заради гол опстанок, туку често и поради (не)квалитетот на животот. А правдата е еден од клучните аспекти на квалитетот на животот. Секој сака да живее во организирано општество и во држава со предвидлива иднина – нагласи шефот на македонската држава.
Пендаровски, говорејќи за предлог-законот за попис што е во собраниска процедура, упати апел до власта во него да бидат вградени сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата, за да се добијат валидни резултати чиј кредибилитет никој нема да ја оспорува.
Тој уште се заложи за постигање национален консензус за сеопфатна дигитализација на општеството, за обновливи извори на енергија, за современ агросектор, за модернизиран здравствен систем, за образование на 21 век.
Според него, борбата против организираниот криминал и корупцијата мора да остане највисок приоритет на Владата.

Пендаровски го истакна и коректниот однос на албанскиот политички фактор во сите изминати години, било на власт или во опозиција, за напорите за зачувување и промовирање на македонскиот идентитет.
Македонскиот претседател обраќањето го заврши со апел до граѓаните претстојните празници да се прослават дома во кругот на најблиските.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на обраќањето на Пендаровски застанаа со транспаренти пред говорницата, а потоа си заминаа од салата.


Власта и опозицијата со спротивставени реакции

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на обраќањето на Пендаровски застанаа со транспаренти пред говорницата, а потоа си заминаа од салата.
По обраќањето на претседателот, опозицијата излезе и со своја реакција за неговиот настап.
– Не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани. Затоа денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија собраниската сала каде што тој имаше обраќање – рече Александар Николовски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката СДСМ, пак, со оцена дека претседателот во својот говор дал поддршка за европската иднина на земјата и за решавањето на проблемите.
– Го поздравуваме фактот што претседателот Пендаровски ги брани државните позиции во процесот на обезбедување на нашата европска иднина, како и во наоѓање решенија за прашањето со Бугарија. Од институцијата претседател сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратегиските позиции – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
За професорката Билјана Ванковска годишното обраќање на шефот на државата било патетично и празно.
– А за волја на вистината – звучеше и патетично и празно! Шеф на држава вели: нема потреба од заедничка политичка позиција спрема Бугарија – коментира Ванковска на својот фејсбук-профил.