Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од вкупно 1.260 државни органи и институции што егзистираат, многу од нив се само место за вработување партиска администрација и ништо повеќе, тврдат експертите. Понекогаш и самата влада мака мачи да им ги најде дури и локациите каде што се стационирани овие институции, односно каде им е адресата и каде се лоцирани разните државни комитети, заводи, комисии итн. На овие места само на хартија работат луѓе и примаат плата, а во суштина тие ништо не работат, велат нашите соговорници

Феноменот на близнак институции, тела и органи ја пренатрупува државната управа

За една иста дејност во Македонија некогаш има повеќе институции и органи што се под државна капа. Последен таков пример е регистриран во туризмот, каде што покрај Министерството за економија, Агенцијата за поддршка и промоција за туризмот, стопанските, угостителските и туристичките комори, се формира и ново посебно тело наречено Комитет за туризам. Вакво преклопување на надлежностите, ингеренциите и обврските имаме и во редица други области и ресори, како банкарство и финансии, урбанизам, интелектуална сопственост, водостопанство, инспекторати, екологија и заштита на животната средина итн.
Универзитетските професори и политиколози со кои се консултиравме велат дека нашата земја мака мачи со овој проблем, тој е предизвикан од преобемна администрација и од потребата некаде да се ангажираат партиските кадри, кои во суштина само ги трошат буџетските средства и не придонесуваат значително во проблематиката на која работат.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека Македонија има сериозен проблем со оваа тематика, бидејќи од вкупно 1.260 државни органи и институции што егзистираат, многу од нив се само место за вработување партиска администрација и ништо повеќе.

– Од вкупниот број органи што постојат во земјата, интересно е што по секои избори најмалку дваесетина многу тешко можат да бидат пронајдени од новите власти за да им ја сменат раководната структура. Односно и самата влада мака мачи да им ги најде дури и локациите каде што се стационирани овие институции, односно каде им е адресата и каде се лоцирани разните државни комитети, заводи и комисии. На овие места само на хартија работат луѓе и примаат плата, а во суштина тие ништо не работат и имаат фиктивен партиски ангажман од кој никој нема полза – вели Давитковски.
Професорот објаснува дека е реалност дека во земјата имаме голем број т.н. фантомски државни тела што само ни ги трошат парите од буџетот, а во суштина ништо не придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните и општото функционирање на државата.
– За да се коригираат состојбите нам ни е потребна функционална анализа на проблемот и на состојбите, од чии резултати, пак, ќе произлезе план за дејствување и менување на оваа несакана појава, која го кородира нашето општество од независноста, па досега – вели професорот.
Тој објаснува дека властите во државата сите овие изминати години само декларативно се залагале да најдат решение за овој проблем, а во суштина „ја вртеле главата“ на состојбите бидејќи им недостигала политичка волја да се решат проблемите. Давитковски вели дека претходната политичка гарнитура што раководеше со земјата декларативно се залагала да го реши проблемот, но ништо во практика не правела, а тоа продолжило да се случува и по промената на власта во земјата.

– Ние ги имавме обидите на ексминистерот Дамјан Манчевски да го надмине овој проблем, но напорите останаа јалови и резултатите беа слаби, а сега како божем има нова гарнитура што е ангажирана за да најде решение, но верувам и дека и нивните резултати од работата ќе им бидат слаби, бидејќи тие, пак, немаат соодветна професионална биографија и искуство да го решат проблемот – вели професорот.
Според Давитковски, такви евидентни состојби има буквално во секој сегмент на нашето општество.
– Ако се погледне, на пример, регулацијата на авторските права, ќе се види дека повеќе државни институции на хартија имаат надлежност да дејствуваат на материјата, а во практика не се знае точно кој што работи. Така, во овој случај ние имаме Агенција за интелектуална сопственост, но и Завод за интелектуална сопственост, како и посебни органи во состав на две различни министерства за економија и за култура. Овој проблем, на пример, во соседството во Хрватска и во Србија е надминат со постоење едно тело на една агенција, која работи и ги регулира овие прашања. Кај нас ако избие одреден проблем на тематикава и сите се надлежни, но истовремено и никој не е надлежен да го коригира. Натаму, на пример, кога говориме за грижата на пример на државата за водата, мораме да знаеме дека таму има најмалку шест инспекторати и тела на министерства, кои на локално и на државно ниво се грижат за водите.

Оваа проблематика во состав на нивните работни задачи, чисто за илустрација, ја работат министерствата за транспорт и врски, за здравство, за заштита на животна средина, за просторно и урбано планирање, Министерството за шумарство и водостопанство и земјоделство… Натаму во земјата има 32 инспектората што егзистираат за различни проблеми од оваа област, а од нив најмалку шест се надлежни за грижата за водата. По сето кажано и на сета администрација, доволно е да ги видиме состојбите на нашите езера и реки и водно стопанство, па да заклучиме дека работата што ја работат овие тела е навистина лоша – вели професорот.
Давитковски го посочува и примерот со урбанизмот, каде што ние имаме разни инспекторати и комисии и на државно и на локално ниво, кои практично работат иста работа.
– Некогаш на локално ниво ќе се донесе одредена одлука за рушење дивоградба, но на национално ниво или републичко таа ќе се стопира од друг градежен инспектор. Такви случаи имаме без број – вели Давитковски.
Дополнително, според него, има проблем и на начинот на поставување на самите инспектори на одредено место.
– На локално ниво на пример, некој што лепел плакати за партиите може да стане инспектор и тој човек без соодветно образование може да сруши градба, а на републичко ниво, пак, истата функција е многу подобро регулирана каде што надлежните полагаат испити и лиценци за тоа што го работат и имаат големи обврски и облигации од законот на нивното место – објаснува професорот.
Давитковски поентира дека ако сакаме да ги подобриме состојбите треба да ги укинеме сите непотребни државни тела, да ги задржиме само надлежностите на министерствата и агенциите и сето тоа ќе биде надминато по моделот на државите од регионот и од Западна Европа.

– Македонија има околу 150 илјади вработени лица во јавниот државен и локален сектор, а доколку се направи анализа и од овие луѓе се постават најмалку 20.000 луѓе на вистинските позиции, државата ќе функционира, ќе нема преклопување на надлежностите ниту ќе има фантомски тела што не му носат корист никому – заклучува професорот.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека состојбите во Македонија се такви бидејќи имаме администрација што е трома, неефикасна, презафатена и немотивирана да работи.
– Имаме институции што се измислени само да згрижат лица да добиваат плата од државен буџет и токму затоа на терен состојбите ни наликуваат на оние од филмовите на Монти Пајтон. Факт е дека имаме вишок вработени во јавниот сектор и администрацијата и тоа дополнително се проблематизира бидејќи се вработуваат нови непотребни кадри, само под изговор да се постигне некаков етнички баланс и ништо повеќе. Нам во моментов ако сакаме да наликуваме барем на европска земја ни е потребен сет остри мерки од власта со кои ќе се исчистат институциите од непотребните вработени и ќе се затворат непотребните тела и органи – вели Стефаноски.

[email protected]