Според самите соседи и според тоа како се самоопределуваат, велат дека се Македонци, на ист начин како што велат дека се Македонци Грците во Македонија, 51 отсто од географската област Македонија што и припаѓа на Грција, објаснува портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во однос на тоа дали ние можеме или не да се нарекуваме Македонци, врз основа на потпишаниот договор, одговарајќи на коментарите во Грција за вчерашната изјава на премиерот Заев кога говореше за Македонци, Грци и Европејци.
Во интервју за грчката телевизија Алфа, Ѕанакопулос објаснува дека станува збор за правото на самоопределување, кое не може да се смени со договор и додава дека „странците над 50 години и 26 години независна држава, ги нарекуваат Македонци“.
– Тоа е право на секој, врз основа на самоопределувањето. Како што јас се викам Димитрис, друг Танасис, трет Вангелос, друг Зоран, на ист начин секој народ има неотуѓиво право да се самоопределува на начин на кој смета дека одговара на историјата на неговиот народ. Според тоа, еден договор не може на никој начин да ги смени термините на самоопределување на општествата, народите, па дури и луѓето. Она што може да го направи и го прави, тоа е да ги одреди границите во кои секој народ се нарекува себеси, секој народ и секоја држава функционира во неговите меѓународни и внатрешни односи – вели Ѕанакопулос.