Со изборот на Фетаху, ИВЗ почнува нов период во своето функционирање, откако пред шест месеци беше разрешен поранешниот поглавар Сулејман Реџепи
Досегашниот в.д. поглавар на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, е новиот поглавар на оваа втора најголема верска заедница во земјава. Избран е вчера, на седницата на членовите на Ријасетот на ИВЗ, со 18 гласа од муфтиите во земјата, раководителите и директорите на верските институции. Неговиот противкандидат, тетовскиот муфтија Ќани Несими, добил само три гласа.
Со изборот на Фетаху, ИВЗ почнува нов период во своето функционирање, откако пред шест месеци беше разрешен поранешниот поглавар Сулејман Реџепи.
Според Уставот и правилникот за избор на реис, новиот реис има завршено исламски теолошки факултет, имал работно искуство во редовите на верската заедница од најмалку десет години и е над 40-годишна возраст.
Дали новото раководство на ИВЗ ќе значи и нов подобар однос со државните органи и каков ќе биде односот со муслиманските верници?
Новиот поглавар вчера се обврза за функционирање на ИВЗ како верска институција на морални и духовни вредности, толеранција и почит кон сите, базирајќи го своето работење и на традиционалниот ислам.
– Ќе изградиме современа заедница, која успешно ќе одговори на предизвиците на современото време – изјави Фетаху.
Познавачот на состојбите во ИВЗ, Јасмин Реџепи, вели од новиот реис ул улема се очекува да расчисти со минатата раководна структура, да соработува со истражните органи за претходното работење на институцијата, да биде поинклузивен за помалите заедници и за жените, потранспарентен во работењето и да ја врати довербата кон ИВЗ како институција.
– Додека новиот реис беше в.д. реис, ИВЗ заземаше политички неутрална улога, со голема соработка со државните институции и најверојатно така и ќе продолжи. Доколку тој има поддршка и интегритет, ќе придонесе кон смирување на тензиите, помирување меѓу страните и заедништво. Верниците се за млад и просветен реис, чија визија ќе надвладее над сите струи – посочува Реџепи.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека новиот поглавар на ИВЗ го очекуваат многу тешки задачи, зашто новиот реис треба да биде многу повеќе добар управувач со ИВЗ, личност што ќе знае да ја постави заедницата на стабилни и функционални организациски нозе, отколку да биде авторитарен лидер каков што беше Сулејман Реџепи
– Првенствено што треба да направи е да се воведе институционален ред во оваа многу значајна верска заедница. Знаеме колку во минатото во неа владееше институционален хаос поради самоволието и скандалите на поранешниот реис Реџепи. Потребно е органите и телата да функционираат во рамките на нивните надлежности, со почитување на правата и на обврските на сите субјекти. Доколку е потребно, треба и да се извршат соодветни промени во правните акти во заедницата за да не се случува правно насилство врз личности, што досега беше практика. Воведување институционален ред особено подразбира ред во финансиските текови во ИВЗ: да се знае какви приходи доаѓаат и каде се трошат.
Да не се случува да не се знае каде завршиле обврзниците од денационализацијата што на ИВЗ ѝ ги дала државата, кој и какви договори склучува со приватни инвеститори на имотите на ИВЗ, да се обезбеди социјална сигурност за имамите и другите службеници, да се знае каде завршуваат парите од приходите од аџилакот, од бајрамите – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, справувањето со напливот на радикални елементи во ИВЗ мора да биде постојана обврска на новиот реис, зашто таа битка не е завршена и мора да се води и во наредниве години.
Ѓорѓевски посочува и дека ИВЗ мора да се отвори кон другите етнички, муслимански заедници.
– Застапеноста на Бошњаците, Турците, Ромите, Македонците муслимани мора да биде поголема во раководните тела, особено и во Мешихатот. Зарем еден Бошњак не може да биде член на Мешихатот или на чело на Муфтиството -прашува тој.